build.mk Homepage
Forum Home Forum Home > Останати теми > Фото/Видео > Културно наследство
  Active Topics Active Topics
  FAQ FAQ  Forum Search   Register Register  Login Login

Копаничарска традиција

Bookmark and Share
 Post Reply Post Reply Page  <12
Author
Message Reverse Sort Order
  Topic Search Topic Search  Topic Options Topic Options
lslcrew View Drop Down
Senior Member
Senior Member
Avatar

Joined: 14-Jan-2008
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 10988
  Quote lslcrew Quote  Post ReplyReply #21 Posted: 22-Apr-2009 at 17:53
Незнам колку резбата во камен се вбројува како копаничарство ама ја ќе ги пуштам сликите од иконостасот во манастирот Св. Преображение во Крушево....

01.


02.


03.


04.


05.


06.

Back to Top
beTon View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 25-Jun-2008
Online Status: Offline
Posts: 3893
  Quote beTon Quote  Post ReplyReply #22 Posted: 15-Apr-2009 at 04:45

една забелешка со време, воопшто до пред некое време немавме јасна претстава дали и во антиката на овие простори покрај камените се изработувале и дрвени резби, оваа недоумица беше неодамна разрешена со пронаоѓањето јагленисано парче резба во Баргала, што укажува на можен континуитет низ вековите во копаничарството на овие простори Античките корени на македонското копаничарство - star.dnevnik.com.mk/default.aspx?pbroj=2994&stID=73840&pdate=20060222...

ЕКСКЛУЗИВНО АРХЕОЛОШКО ОТКРИТИЕ НА "БАРГАЛА" ВО ШТИП
Пронајдена резба стара 17 века


Археолошко откритие што ќе ги разбранува научните кругови: дел од пронајдената резба

Досега се сметаше дека охридската скулптура на свети Климент од почетокот на 13 век е најстарото декорирано парче дрво сочувано во земјава

Резбана плоча од дрво на која се претставени луѓе, лавови и геометриски декорации, датирана кон крајот на 4 век, е пронајдена на античкиот град Баргала, оддалечен 17 километри од Штип. 

Станува збор за ексклузивно откритие, зашто досега се сметаше дека охридската скулптура на свети Климент од почетокот на 13 век е најстарото декорирано парче дрво сочувано во земјава. Фрагментите од јагленисано дрво во моментов се наоѓаат во штипскиот Завод и музеј, каде што треба да бидат конзервирани.

Археологот Ѕвонко Белдедовски, раководител на ископувањата на "Баргала", од досегашните теренски заклучоци и според ликовите на резбата, претпоставува дека намената на плочата била религиозна. Има индиции и да се врзува со теракотните икони, пронајдени пред околу 30 години на Виничко кале.

- Наодот е единствен во земјава, но и во поширокиот регион на Балканот. Дрвото е материјал што брзо се распаѓа во земјата и многу е тешко да се сочува. Откритието е еднакво на откривањето на маските во Охрид, пред еден месец, можеби и поголемо, зашто е единствено досега. Претпоставувам дека резбата е некаква вотивна плоча. Тоа го покажуваат антропоморфните, зооморфните претстави и геометриските орнаменти - лик на човек, можеби светец или некое грчко-римско божество, претставите на лав и на други животни, декорацијата со свастика - рече Балдедовски.

Фрагментите од јагленисано дрво се пронајдени на подот, непосредно пред фурната на античката бања, каде што се ставале дрва за да се топли водата. На длабочина од 2,70 метри, во влажната земја, во слој на гареж, јаглен, пепел, покривни ќерамиди и јагленисани греди од покривна конструкција, археолозите го откриле наодот, единствен во земјава и на Балканот.

Се уште не е направена подетална анализа на материјалот. Веројатно прво ќе бидат направени хемиски испитувања, а веднаш потоа фрагментите ќе се конзервираат. Има доволно материјал да се направи и реконструкција на плочата.

Зоран Георгиевски, директор на Заводот и музеј во Штип, вели дека резбата ќе ја конзервираат нивни и стручњаци од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. 

- Процедурата за конзервација на дрво е иста. Начинот на конзервација, кој го понудивме во Републичкиот завод, беше веднаш прифатен. Потоа ќе направиме и реконструкција. Археолошката кампања на "Баргала" ќе продолжи и в година, но посаилено. Со Факултетот за рударско-геолошки истражувања од Штип ќе направиме и геомагнетски снимања. "Баргала" мора да го добие местото што го заслужува во македонската историја - рече Георгиевски.

"Баргала" е доцноантички град, кој "живеел" од 4-тиот до 6 век. Го изградиле римјаните, како воен логор, а потоа прераснал во цивилна населба и ранохристијански епископски центар во регионот на средниот тек на реката Брегалница. Во раниот среден век, таму постоела и ранословенска населба. Веднаш до градските ѕидини се наоѓа црквата "Свети Ѓорѓи", од 9 век. Во последните четири години, на "Баргала се вршат систематски археолошки ископувања и конзервација. Дел од градскиот бедем и главната порта се комплетно конзервирани. 

Дневник - Весна Ивановска - 08.11.2002

Back to Top
beTon View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 25-Jun-2008
Online Status: Offline
Posts: 3893
  Quote beTon Quote  Post ReplyReply #23 Posted: 15-Apr-2009 at 04:22
Back to Top
beTon View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 25-Jun-2008
Online Status: Offline
Posts: 3893
  Quote beTon Quote  Post ReplyReply #24 Posted: 15-Apr-2009 at 04:14

текстов е изваден од книгата "Тајните Во Копаничарството",  инаку прв учебник наменет пред се за предметот Резбарство на шумарски факултет и засега факултативно во ДСУ Георги Димитров при дрвопреработувачката струка, секција ееј, жално!.  конкретно ова е единствената глава во книгата каде рецензентите на книгата прават осврт на историјата и хронологијата на копаничарството во Македонија, другите 12 глави се исклучиво со техничка содржина.

ова со факултативен предмет во средно наместо редовен па и насока посебно, и на шумарски со предмет наместо со катедра, не само што се фрла во позадина оваа уметност на страна туку истата имам чувство дека е подзаборавена. јасно има голем број копаничари во државава кои подучуваат приватно и ја негуваат со цело срце традицијата, но мислам дека мора истата да биде и посилно институцијализирана со што и поозбилно би била подржана од државата, но воедно и би се отворил пат за сертифицирано специјализирање, со што копаничарите би се третирале како уметници, а не како занаетчии...

Македонија го доби првиот учебник за копаничарство

Во саботата во Битола беше отворена самостојна изложба на копаничарите Злате и Јане Крстевски, на која беше промовирана нивната книга "Тајните на копаничарството"

Во уметничката галерија во Битола во саботата напладне беше отворена Осмата самостојна изложба на копаници на битолчанецот Злате Крстевски и на неговиот син, 22-годишниот Јане, на која беше промовиран првиот македонски учебник за "Тајните во копаничарството" на познатиот и признаен македонски копаничар.

Изложбата, во која има 27 резби и копаници изработени од Злате и Јане Крстевски во нивното копаничарско ателје "Маке" во Битола, ја отвори австралискиот и новозеландски Митрополит и преспанско-пелагониски администратор, господин Петар.

Нивната книга "Тајните во копаничарството" која е и прв македонски учебник иако тоа во Македонија е присутно со векови, ја промовираше професорот на Битолскиот универзитет д-р Златко Жоглев, кој заедно со д-р Димитар Ќорнаков и д-р Бошко Ставревски се рецензенти на ова несекојдневно издание.

- На изложбата првпат во историјата на македонското копаничарство се изложува иконостас бидејќи досега иконостасите не се изложувале, туку од ателјеата и од резбарските работници заминувале директно во црквите и манастирите. На изложбата посетителите ќе го видат иконостасот за црквата "Свети Никола" од селото Бабино - Демирхисарско, со димензии 381 на 257 сантиметри, кој ќе биде поставен во црквата по завршувањето на изложбата. Инаку, покрај иконостасот има и 26 други резби и копаници што ги изработивме јас и мојот син Јане - вели Злате Крстевски.

Тој досега учествувал и на 30 други групни копаничарски изложби, а самостојно и колективно изложувал во повеќе градови во Македонија, во Луцерн, Швајцарија, во Хановер, Германија и во Словенија.

Злате Крстевски е претседател на Здружението на копаничарите на Македонија и главен и одговорен уредник на списанието "Копаничар", кое излегува еднаш годишно, и е автор на неколку научни трудови за копаничарството. Тој е дипломиран електроинженер и моментно е директор на битолска "Електродистрибуција", а секој слободен миг го поминува во своето копаничарско ателје "Маке" во Битола, каде што работи заедно со неговиот син Јане.

- Копаничарството е со векови и милениуми присутно во исконска Македонија и на резбите и копаниците на нашите мајстори и уметници се одушевуваат туристи од целиот свет. Досега се напишани повеќе историографски книги за копаничарството, но оваа "Тајните во копаничарството" е единствена од овој вид и затоа е прв македонски учебник во оваа област, бидејќи во неа се опишани сите технологии, поточно целиот процес како се изработува една копаница или резба. Во книгата се опишани сите фази од сечење и сушење на дрвото, негова подготовка, обработка, идејата што да се направи од него, етапи и фази во изработката на копаницата, основните алати со кои таа се изработува, довршувањето, украсувањето, одржувањето, заштитата... Во учебникот се што сме научиле од нашите претходници и се што сме откриле во практиката е најискрено и најстудиозно прикажано, така што не е скриена ниту една копаничарска тајна. Тоа е практикум. Кој има желба и малку талент, може да седне, да учи и да се обиде да изработи резба - вели Злате Крстевски.

Дневник - Менде Петковски - 22.04.2002

Back to Top
beTon View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 25-Jun-2008
Online Status: Offline
Posts: 3893
  Quote beTon Quote  Post ReplyReply #25 Posted: 15-Apr-2009 at 03:16
1.3. НОВИОТ БРАН НА КОПАНИЧАРИ И ЗДРУЖЕНИЕТО НА
КОПАНИЧАРИ НА МАКЕДОНИЈА

Во последните две децении на дваесеттиот век, резбарската уметност доживува нова ренесанса и подем, и тоа речиси на просторот на целата Македонија. Се чини дека оваа земја е природно предестинирана и благословена да ја одгледува, шири и развива резбарската уметност. И во ерата на невиден раст и усовршување на автоматизацијата и софистицирани техники и апарати, со зачудувачки и неизмерливи можности за производство и замена на човечкиот ум и труд, не се смалува интересот за резбарството, иако тоа исклучиво се работи рачно. Напротив, се чини дека тој број во последно време се повеќе се зголемува, особено кај младите образувани, интелигентни и квалификувани личности со мошне различни занимања и професионална ориентација. Новата генерација резбарски мајстори, ненаметливо, но бележито, го свртува вниманието на своето уметничко творештво. Нивната творечка имагинативност, со своите емотивни димензии и креативна енергија, чинат хармоничен мозаик со нивната уметничка и творечка дарба, естетска доблест, мечта и мудрост кои се опредметуваат во оние чудесно убави резбарски дела со кои се испишува автобиографијата на авторите, на нивните души и времето во кое тие настанале.

Во повеќе градови на Македонија, а особено во Охрид, Битола, Скопје, Прилеп, Струга, но и во Кочани, Кичево, Штип, Богданци, Струмица, Берово, Велес, Кавадарци, Виница, Неготино и други места, на почетокот на овој милениум успешно работаат преку стотина резбари од различна возраст, но предимно помлади луѓе.
Црпејќи ги знаењата и искуствата на старите резбарски мајстори, младите резбари, самостојно или во групи, професионално или во своето слободно време, речиси секојдневно го режат, обликуваат и облагородуваат дрвото, оживувајќи ги фантастично замислените композиции, мотиви, шари и орнаменти од флорални и зооморфни елементи, човечки фигури и бројни сцени од религиозниот и секојдневниот живот. Во еден вековен творечки континуитет, творештвото на новите резбарски мајстори во себе ги интегрира сите вредности и карактеристики на ова народна уметност, која продолжува и натаму да се развива и надоградува со нови и автентични творечки содржини и изрази. Затоа резбарското творештво, изникнато на овие македонски простори, предодредени од природата и творечкиот дух на македонскиот човек да бидат незгаслив, неуништив и траен центар на македонското резбарство, не може да се затре и исчезне.
Инспирирани од неисцрпното и неизмерливо богатство на познатите македонски резбарски школи, какви што се Прилепско-Слепченска, посебно Мијачко-Дебарската резбарска школа и современото Охридско училиште, а мотивирани да се продолжи вековитоста на велелепната македонска резбарска традиција, група млади, амбициозни и талентирани резбари, на чело со дипломираниот инженер Злате Крстески кој беше spiritus movens на ова иницијатива, помогнат од резбарскиот мајстор Никола Прчков, во 1993 година формираа Здружение на копаничарите на Македонија. Тоа беше историски значаен настан и крупен пионерски чекор за зачувување, но и натамошен развој и проширување на резбарската традиција и на другите простори на Македонија, а особено за создавање и просперитет на битолскиот резбарски центар, кој дојде во вистинско време и на вистинско место и чии творечки плодови и вредности допрва следат. Ова го потврди и познатиот македонски стручњак за резбарство д-р Димитар Ќорнаков, кога напиша: "И кога се мислеше дека со последната генерација на охридските резбари, ќе згасне копаничарската традиција во Македонија, македонскиот копаничарски ген се појави преку Здружението на копаничарите на Македонија, основано од група ентузијасти, а со седиште во Битола".
"Идејата за формирање на ова здружение се роди во 1992 година - вели Злате Крстески, а познатата битолска кафеана Саат-кула во центарот на Битола беше средиште на првите средби и договори. Основачите на ова здружение беа и вљубениците во резбарството: Никола Прчков, Мирко Гашпарец, Александар Чавдаровски, Гоце Крстевски, Веселин Талевски, Љупчо Димовски и други, сите од Битола. Здружението на копаничарите на Македонија официјално е регистрирано на 25 јануари 1993 година. Здружението изготви план за работа и усвои статут во кој се утврдени целите и задачите на оваа асоцијација".
Здружението организира советувања, семинари, предавања, изложби, колонии, курсеви и презентации од областа на копаничарството, издава публикации од областа на копаничарството и други дејности.
Првата изложба на авторските дела на членовите на Здружението на копаничарите на Македонија се одржа од 10 до 23 мај 1993 година во Ликовната галерија во Битола и на неа учествуваа 24 копаничари. За релативно кратко време, Здружението се прошири со нови членови, а на крајот на 2000 година имаше преку 130 членови, главно од Битола, Охрид, Скопје, Прилеп, Струга, како и од Кичево, Штип, Струмица, Богданци, Берово, Кочани, Неготино, Демир Хисар, Велес, Кавадарци и Виница.
Во текот на 1993 година Здружението на копаничарите на Македонија организира уште пет изложби, и тоа во Крушево, Скопје, Охрид, Струга и пак во Скопје, на кои свои трудови презентираа околу 150 резбари, од кои значаен дел учествуваа скоро на сите изложби. Во 1994 година Здружението организира три изложби - Битола, Охрид и Скопје; во 1995 година четири - во Штип, Битола, Охрид и Скопје; во 1996 година пет изложби - Берлин, Струмица, Отешево и две во Скопје; во 1997 година три изложби - во Нова Горица, во Словенија и две во Скопје; во 1999 година во Скопје и во 2000 година во Кавадарци, Скопје и на меѓународната изложба "ЕКСПО 2000" во Хановер, Германија.

Во пролетта 1996 година излезе првиот број на списанието на копаничарите на Македонија што со право го носи името "Копаничар", чиј прв главен и одговорен уредник е Злате Крстески. Промоцијата се одржа во галеријата "Стоби" (сопственост на галеристот Васко Урдин), а пригодна беседа одржа и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Михаил. Во редакциското обраќање до читателите во првиот број на "Копаничар", меѓу другото, се вели: "Со нашите скромни можности, но со огромна желба и ентузијазам, сакавме да дадеме прилог за богатата македонска култура, традиција и ризница, желбата да се победи заборавот, да се избрише превезот на маглата и да се осветли традицијата и доблеста на македонското копаничарство, во кое пулсирал, се воздигнувал македонскиот творечки дух, со сета благородност на македонскиот копаничар".

 "Копаничар" излегува еднаш годишно, а досега се излезени шест броја во кои се објавени мошне важни и интересни информативни, историски и стручни текстови посветени на копаничарството. Во тој контекст ова списание има и една посебно важна и трајнозначна документаристичка димензија.
Здружението на копаничарите на Македонија, заклучно со 2000 година, организира седум колонии на копаничарите и тоа во прекрасниот амбиент на манастирот "Св. Јован Бигорски". Чинам дека не можело да се најде посоодветно место за ваквите работни собири на копаничарите, и според својата историска трајнозначност и уникатно резбарско богатство, но и според природниот амбиент, а тоа и да се биде само во функција на експонирање и реализација на целите на колонијата за реафирмација и продолжување на резбарската традиција и една силна и изворна творечка инспиративност во поттикнување на развојот на македонското резбарство.
Првата копаничарска колонија се одржа од 3 до 10 јуни 1994 година и на неа учествуваа: Злате Крстески (Битола), Никола Прчков (Битола), Гоце Крстевски (Битола), Мирко Гашпарец (Битола), Александар Чавдаровски (Битола), д-р Бошко Ставрески (Скопје), Мијалче Манасиев (Скопје), Константин Аиноски (Охрид), Петар Блажевски (Охрид) и Цветко Марковски (Охрид). На втората колонија што се одржа во исто време, во јуни 1995 година, покрај учесниците од првата колонија, учествуваа и Сашо Јанкоски (Охрид), Новица Столески (Струга), Анастас Дузлевски (Охрид) и Новко Петрески (Охрид), како и двајца ученици од средношколскиот центар за дрво-преработување "Георги Димитров" од Скопје - Бранко Банов и Здравко Костиќ. На следните колонии, што традиционално се одржуваа во почетокот на јуни секоја година, просечно учествуваа по дваесетина копаничари од различни места на Македонија. На седмата колонија, што се одржа од 3 до 10 јуни 2000 година, меѓу дваесет копаничари од Битола, Охрид, Скопје и Прилеп, учествуваше и најмладиот ученик, седумнаесетгодишниот Никола Михајловски кој резбарството започнал да го изучува во резбарското ателје "МАКЕ", сопственост на резбарскиот мајстор Злате Крстески.
Во знак на признание и сеќавање на одржувањето на првата колонија на копаничарите, на манастирот Св. Јован Бигорски Здружението му подари целивална во длабока резба, заедничко дело на проектантот-резбар Стефан Гроздановски и на резбарите: Злате Крстески, Кочо Аиноски, Никола Прчков, Мирко Гашпарец, Гоце Крстевски, Александар Чавдаровски, Бошко Ставрески и Мијалче Манасиев, додека столарските работи ги изработил Петар Славевски од Битола. Исто така, по повод петгодишниот јубилеј од работата на колонијата, Здружението на копаничарите на манастирот му подари мошне убава певница, изработена според проектот на Стефан Гроздановски и од резбарите: Цветко Марковски, Петар Блажевски и Анастас Дузлевски, сите од Охрид.
Здружението на копаничарите на Македонија организираше и други активности за популаризација, афирмација и развој на резбарската уметност. Меѓу другото, по повод јубилејните 50 години од основањето на Шумарскиот факултет во Скопје и 5 години од основањето на Здружението на копаничарите на Македонија, на 11 декември 1997 година во Скопје се одржа прв семинар на македонското копаничарство, на кој се расправаше за повеќе актуелни и стручни прашања за развојот на резбарскатауметност во Македонија.
Ваквите и слични активности и комуникации, кои имаат свои стручни, културни, историски, национални и други значења, многу придонесуваат за продолжување на натамошниот подем и зачувување на особеностите, карактеристиките и белезите на поранешните македонски резбарски школи. Но, истовремено, тоа е поттик и за натамошно творечко надоградување и проширување на резбарската уметност со нови и современи национални, културни и други белези што оставаат неизбришливи траги на националното битисување и му даваат автентичен и автохтон печат на просторот и времето во кое тие дела се создадени. Затоа, во тој мозаик на сеопштите национални, културни и други остварувања и дострели, секоја генерација треба да има можност, амбиција, стремеж и шанса да се искаже и да даде свој посебен придонес.
На почетокот на третиот милениум, Битола, заедно со Охрид и Скопје, продолжуваат да опстојуваат како значајни центри на македонското резбарство, претставувајќи една интегрална стилска, содржинска и естетска целина. Во основањето и развојот на  битолскиот резбарски центар, главна заслуга им припаѓа на група млади, образовани и надарени вљубеници во резбарската уметност, чие творештво се доближува или го достига творештвото на професионалните резбарски мајстори произлезени од современото Охридско резбарско училиште кое, бездруго, и натаму духовно зрачи и ги инспирира младите битолски резбари. Впрочем, на овие битолски простори се крстосуваат влијанијата, би рекол, на резбарските школи во Македонија: од Прилепско-Слепченската, особено Мијачко-Дебарската резбарска школа и современото Охридско училиште.

Битола, и целиот овој крај, непосредно се поврзува со познатите резбарски центри преку многубројните и неразделни роднински, економски, социјални, национални, културни и други врски. Новата генерација на резбарските мајстори од Битола има можност непосредно да се запознае и да ги набљудува највредните дела на старите резбарски мајстори, кои на овие богати простори оставиле прекрасни дела на своето уметничко творештво, особено во цркви и манастири, како што се: иконостасите, царските двери, владички столови, целивални, проповедалници, амвони, крстови, рамки за икони и многу друго. Затоа и не е случајно што и денес во творештвото на битолските резбарски мајстори се среќаваат најразлични карактеристики и белези, мотиви, орнаменти, детали и слично скоро од сите резбарски школи што своевремено дејствувале на просторите на Македонија и пошироко на Балканскиот Полуостров. Како што Нестор Алексиев своевремено бил жива врска меѓу древното мијачко-дебарско резбарство, така и некои резбарски мајстори претставуваат жива врска меѓу современото охридско резбарство и новите резбарски фиданки што изникнале и израснале на битолското тло. 
Во овој контекст можат да се набројат повеќе имиња на познати и признати резбарски мајстори кои остварувале, или натаму остваруваат, живи и непосредни меѓусебни контакти и многу повеќе други форми и начини преку кои се пренесувала и прифаќала резбарската вештина меѓу поранешните резбарски школи и новиот битолски резбарски центар. Во таа смисла многу придонесуваат бројни заеднички изложби на резбарските остварувања, повремени самостојни и блиц изложби на одделни резбарски мајстори,  годишните колонии на копаничарите во манастирот Св. Јован Бигорски, стручните семинари, предавања и разговори, како и започнатите копаничарски каравани. Да регистрирам дека во рамките на проектот "Денови на македонското копаничарство" кон крајот на септември и почетокот на октомври 2000 година, беше организиран првиот копаничарски караван кој, тргнувајќи од Битола, ги обиколи дел од најголемите и уметнички најимпресивните резбарски дела во Македонија. Караванот го сочинуваа група млади резбари кои ги обиколија: манастирот Св.Благовештение-Прилеп, 
Лесновскиот манастир и црквата Св. Архангел Михаил во Лесново, црквата Св. Спас во Скопје, познатиот комплекс Арабат Баба теќе во Тетово, чуениот манастир Св. Јован Бигорски, една беговска куќа и една џамија во Дебар, Музејот и куќата на Робевци во Охрид, како и црквите Св. Климент (Св. Богородица Перивлепта) во Охрид и Св. Петка во селото Маловишта, во подножјето на Пелистер. 
Новата генерација македонски резбари, која се повеќе се шири низ Македонија, покажува доблесно ниво творечка амбиција, висок степен креативна енергија, респективна упорност и трпеливост во остварување на своите композиции и замисли. Реално кажано, таа има и пошироко општо образование и поголеми познавања од областа на уметноста, а посебно од резбарството, со што им се остваруваат пошироки и посестрани визури во откривање на недопрените уметнички простори и предизвици за изразување и реализација на своите имагинативни мечтаења и фантазии и нивното транспонирање и обликување во дрвото. Притоа, со гордост и задоволство, 
нагласено истакнуваат дека ги користат искуствата, достигањата и врвните дострели на старите резбарски мајстори што се трајнозначни меѓници и факели за нивното насочување во тајните на резбарската уметност, а и патоказ за нуркање во откривање на непознатите мистерии и таинствености на резбарската уметност, проследени со 
видлив творечки напор да се оформи и изрази посебен, специфичен, автентичен и автохтон уметнички израз на стилски, содржински и естетски вредности што би ја збогатиле македонската резбарска уметност и би се вградиле како интегрален и неразделен дел на сеопштиот национален културен корпус. Нивните творечки стремежи, копнежи, напори и радости најдобро се изразени низ онаа чудесна убава мисла и животна детерминираност на познатиот индиски поет, писател и филозоф Рабинтранад Тагоре, која вели: 

" Заспав и сонував: животот е радост. 
Се разбудив и видов: животот е работа. 
Работев и сфатив: работатае радост "

Чинам дека денес тоа е современо, творечко и уметничко кредо на младите македонски резбари, собрани околу и во Здружението на копаничарите на Македонија.

Милчо Балевски



Edited by beTon - 15-Apr-2009 at 03:32
Back to Top
beTon View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 25-Jun-2008
Online Status: Offline
Posts: 3893
  Quote beTon Quote  Post ReplyReply #26 Posted: 15-Apr-2009 at 03:15
1. ИСТОРИЈА И ШКОЛИ НА МАКЕДОНСКОТО
КОПАНИЧАРСТВО

1.1. ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКОТО КОПАНИЧАРСТВО

Творештвото на македонските копаничари и нивното настојување традиционалната уметничка обработка на дрво да добие нова функција во современиот живот, овозможи поврзување на традицијата и непрекинат континуитет во развојот на македонската резба. Континуитетот може да се следи од 13 до 19 век, кога резбата го доживува својот процут, па до денес, кога се повеќе е во подем со појавата на Здружението на копаничари на Македонија.
Во раниот среден век, под силно влијание на византиската уметност, резбата се развива паралелно со декоративната камена пластика. Орнаментиката, комбинација од геометриски, зооморфни и вегетабилни елементи, е аналогна со орнаментиката од византиските мермерни релјефи од 12 до 14 век. Од малиот број зачувани резби, земајќи ја-лредвид оригиналната концепција и карактеристичната декорација, посебно место зазема еднокрилната врата од храмот посветен на Св. Никола Болнички (13 - 14 век) во Охрид. Резбата како алтернативна декоративна техника, заменувајќи ја камената пластика, постепено влегува во храмовите. Иконостасот од храмот Мали Св. Врачи во Охрид кој, судејќи по начинот на изработката, конструкцијата и декорацијата, датира од 14 век, е најстар досега познат дрвен иконостас во Македонија.

Освојувањето на Македонија од страна на Турците Османлии предизвикува длабоки општествени промени. Во тешките услови на ропство, кога Македонија е под постојан попитички, економски и културен притисок, уметноста се петрифицира во една рустифицирна форма на византиската уметност. Со текот на времето и постепеното  прифаќање на ориенталните и западните влијанија, ќе се создаде нов квалитет кој ќе се изрази во специфичниот стил на македонската резба. Од 15 до 18 век се градат мали храмови, без куполи и надворешна декорација, а целото уметничко внимание се насочува кон внатрешноста на храмот. Големиот број зачувани резби од овој период укажува на постоењето на значајна уметничка активност во Централна Македонија каде што во текот на 15 и 16 век делува т.н. Прилепско-Слепченската резбарска школа. Нејзина карактеристика е плиткиот релјеф и раскошниот орнамент со преплет сличен на оној од средновековните ракописи. Покрај геометриски и флорални стилизирани мотиви, се јавуваат и зооморфни мотиви со реални и фантастични животни и, како специфика, профани мотиви од фолклорен карактер. 
Уште од 16 век балканското подрачје е под силно влијание на експанзивната итало-критска уметност во која се веќе инкорпорирани елементи од ренесансната, а подоцна, во текот на 17 и 18 век, и на барокната уметност. Атос (Света Гора), каде работи Светогорската школа со своите многубројни мајстори и резбарски работилници, од 17 век станува најзначаен уметнички центар во Македонија. Во ова време таму се јавуваат првите иконостаси од развиен тип. Од 18 век иконостасите речиси целосно се покриени со резба. Тие стануваат најмонументалниот и најдекоративниот дел од храмот. Во Македонија се прифаќа барокниот стил на Атос и техниката на гипсирање, позлатување и боење на резбите. 
Од почетокот на 19 век, под влијание на изменетите општествени односи, започнува изградбата на голем број монументални храмови. Градежната дејност ја следи живописот и иконописот, а резбата го доживувала својот полн развиток. Мијачките мајстори од Мала и Долна Река, во дебарскиот крај, учејќи го резбарството кај мајсторите резбари од работилниците на Атос, го прифаќаат нивниот барокен стил, внесувајќи во концепцијата нови фолклорни содржини, ја создаваат Мијачко-Дебарската школа. 
Мијачките тајфи, како оние на Филиповци од с. Гари, Фрчкоски, Гиноски и Мадароски од Галичник, Зографски-Рензоски од с.Тресонче, Филипоски и Мирчески од с.Осој и многу други, работејќи по целиот Балкански Полуостров, изработуваат врвни уметнички дела. Во нивното творештво иконостасот зазема доминантно место. 
Работејќи ги иконостасите, во длабок рељеф и ажурна резба како оние во Лесновскиот Манастир (1814 г.), Св. Спас во Скопје (1825 г.) и Бигорскиот Манастир (1838 г.), ќе ја издигнат традиционалната декоративна вештина на ниво на уметност. Ослободувајќи го дрвото од позлатата и бојата, до полн израз ќе ги доведат можностите на материјалот. Тие ќе го почувствуваат пулсот на животот кој бие во дрвото - во нивните раце тоа повторно ќе разлиста и ќе процути. 
Следејќи го со длетото ритамот на природата, ќе ја откријат хармонијата на небесните сфери и ќе ја пренесат во сложените композиции и орнаментот. Во колективната визија на Небесното Царство проектирана на иконостасот, крај ангелите и светителите ќе се појават и обичните луѓе. Драматизмот на претставата и нејзината фолклорна димензија стануваат препознатлив белег на нивното севкупно творештво. Кон крајот на 19 век опаѓа продукцијата и квалитетот на резбата. Меѓутоа, традицијата на мијачкото резбарство се пренесува во 20 век и опстојува до денес. 
Од почетокот на 20 век континуитетот го одржуваат малкумина резбари, меѓу кои со своето творештво се издвојува Нестор Алексиев Мирчевски. Во 1927 год. започнува со работа Уметничко-резбарското училиште во Дебар, под раководство на академскиот вајар Бранислав Јованчевиќ, кое од 1928 год. се префрла во Охрид каде што се оспособуваат нови мајстори. По Втората светска војна во Македонија доживува нов полет со обновувањето на Училиштето за резба во Охрид (1947г.), кое се префрла во Скопје при Училиштето за применета уметност како отсек за резба и формирањето на Ателјето за уметничка резба "Андон Дуков" во Охрид (1948 г.), кое работело до 1962г. 
Од овој период од развојот на македонската резба ќе остане богат фонд резбани дела. 
После овој период до појавата на ЗКМАК и новиот бран на копаничари, се зборуваше за замирање и потполно исчезнување на резбата. Со формирањето на ЗКМАК во 1993 год., а посебно овие години, се чувствува подемот на членството на ЗКМАК и зголемување на бројот на изработените дела. Значи резултатите од дејноста на здружението се на повидок. Многу членови, многу дела, изложби, колонии, семинари, списанија и слично се често на сцената на културното поле на оваа древна македонска уметност. 

1.2. ВИДОВИ КОПАНИЧАРСКИ ШКОЛИ И СТИЛОВИ ВО МАКЕДОНИЈА И ПОШИРОКО 

Македонија и ден-денес претставува богата ризница со споменици работени во резба, и покрај големите грабежи, уништувања и разурнувања на нашите Цркви и Манастири низ вековите. Патеписците кои поминувале низ Македонија забележале дека со товари се изнесувале икони, стари ракописи, книги, царски двери во резба, па дури и манастирски врати поради нивните културно-историски вредности. Сето тоа е веќе неповратно и, за жал, наместо тие да се наоѓаат во нашите витрини, трезори, Цркви и Манастири, тие, со својот сјај и содржина, ги украсуваат туѓите музеи и галерии на соседните и подалечните земји. 
Но, сепак, Македонија е најбогата со резбарски дела, создадени континуирано низ вековите, за да го достигне својот зенит во првата половина на XIX век, преку резбарските дела на мијачките копаничари. 
Тука нема да стане збор за развојниот пат на резбарството во Македонија, туку исклучиво ќе се задржиме на т.н. резбарски школи или, поточно речено, на резбарските центри. За првпат во литературата се споменува Прилепско-Слепчанската резбарска школа. Овој назив го носи поради многубројните резбарски дела создадени во резбарските работилници коишто постоеле во Манастирите Трескавец и Зрзе, Прилепско, како и во Манастирите: Св. Јован Крстител - Слепче - Демирхисарско, Пресвета Богородица Пречиста - Кичевско и други. Во овие Манастири се изработувале повеќе видови резбарски дела: иконостаси, целиванија, царски двери, певници, големи крстови, полиелеи (ороси), дејзисни плочи со светите апостоли и друго. 
Резбарите не твореле само за потребите на посочените Манастири каде што работеле, туку тие изработувале резбарски дела за потребите на други Цркви и Манастири ширум Македонија, за што ни сведочат мноштво предмети работени во резба. 
На оваа резбарска школа во прв ред и припаѓаат слепченските врати (еднокрилна и двокрилна), царските двери и неколку певници и голем крст со Распетие Христово. Затоа, тие се сметаат за најкарактеристични примероци на прилепско-слепченската група и за најголеми достигања во резбарската вештина на тоа време во Македонија. Вратите се извонредно изведени во сложена композиција од плетеници, стилизирани орнаменти, слични на оние од средновековните ракописи, во кои се мешаат флорални стилизирани и зооморфни мотиви со фантастични животни, како и претстави од религиозниот и од обичниот живот на човекот на Земјата: Пресвета Богородица со пророци околу неа, композицијата Распетие Христово, човек во световна носија и со музички инструменти в раце. Слични мотиви среќаваме и на двокрилни врати од Манастирот Трескавец. Затоа, сметаме дека овие врати од Слепче и Трескавец се дела на исти мајстори-резбари, односно дека се излезени од иста резбарска работилница. 
Слепченските и трескавечките врати му припаѓаат на периодот на XVI век и се типичен пример во развитокот на македонската резба, со карактеристика на плитко режење по фонот, со лесно издигнување на орнаментиката. 
Кон оваа група резбарски дела спаѓа и певницата (аналогионот) од Манастирот Зрзе - Прилепско, дело на еромонахот Прохор, царските двери од Манастирот Пресвета Богородица Пречиста - Кичевска, царските двери од Црквата Св. Никола во Варо, во Манастирот Трескавец, дверите во с. Кореница - Прилепско, од с. Канино и многу други. 
Покрај многубројните резбарски дела, коишто потекнуваат од т.н. Прилепск-Слепченска резбарска школа, мноштво резбарскидела ширум Македонија, како и трите двокрилни врати, Големиот Крст и полиелејот во Полошкиот Манастир Св.Ѓорги, претставуваат подоцнежен одек на прилепско-Слепченското резбарско творештво. 
Интересно би било да споменеме дека на почетокот на XVII век на Света Гора (Атос) се создава Светогорската резбарска школа, односно речиси два века откако е создадена Прилепско-Слепчанската резбарска школа (ХV/ХVI век) кај нас во Македонија. 
Иконостасот во Протатон, од 1611 година изработен во резба, дело на монахот Неофит, се смета за прво резбарско дело. Низ целиот XVII век во резбарските работилници на Света Гора, а во рамките на Светогорската резбарска школа, се создадени повеќе иконостаси и други предмети во резба. Речиси сите светогорски иконостаси се дело на монаси: монахот Неофит, како што рековме, во 1611 година го режел иконостасот во Протатон, иерејот Исаие - 1622 во Пантократор, јеромонахот Василие во 1679 година го режел иконостасот во Ксенофон, јеромонах Софроние - 1783 во Дохиари итн. 
Но, да се потсетиме и да не заборавиме дека Светогорската резбарска школа не е создадена исклучиво од стекнатите светогорски резбарски работилници, туку и од придојдените монаси на Света Гора од балканските народи со резбарско искуство, а најмногу од Македонија. Оттука е и највероjатната претпоставка дека темелите на Светогорската резбарска школа ги наоѓаме во старото резбарско искуство кај балканските народи. Од помало значење не е и влијанието на Италокритските мајстори-резбари, кои со своите западни иновации работат во светогорските работилници. 
Во првите децении на XVIII век кај нас во Македонија се изработени два иконостаса во Манастирот Св. Наум, во 1711 година, и во Црквата Св. Димитрија во Битола, во 1738 година. Тие имаат големи сличности и затоа се смета дека произлегуваат од иста резбарска работилница, дело на домашни мајстори, кои според стилот и обработката се врзуваат за светогорското творештво. 
За нашите резбари кои работеле на Света Гора најкомпетентно е забележано во литературата, дека "во пообемните работи на Света Гора значајна улога одиграле мајстоирте од Македонија кои, здружени во тајфи, извршувале најсложени уметнички задачи, и овие мајстори го дале својот голем удел во процесот на уметничкото обединување на Балканот". И не само тоа, нашите зографи (Христофор Жефарович од Дојран), како и браќата Јован и Георги Грабован од околината на Охрид, освен со сликарството, се занимавале и со резбарство и биле првите основачи на резбарски центри во Војводина и автори на повеќе резбарски дела, иконостаси, царски двери и сл. во Војводина, во втората половина на XVIII век, кога биле големите миграциони движења од југ кон север, односно на територијата на Карловачката митрополија. 
Појавата на резбаните иконостаси кон крајот на XVIII век се синхронизира со појавата на слични дела по островите на Егејското и Јонско Море и во одделни центри на балканот - Мијачките, Самоковските, Тревненските, Банските и Мецовските (епирските) резбарски работилници, кои во текот на своето творештво во литературата ќе бидат наречени "резбарски школи". 
Економскиот подем на македонскиот народ, кој започнал во осумдесетите години на XVIII век, и неговото поголемо засилување во осумдесетите години на XIX век, условило да бидат подигнати голем број Соборни Цркви речиси во сите градови во Македонија. 
"Сега, не само градовите, туку и селата градат големи трикорабни Цркви со галерии и со широки отворени тремови и сл. Таков е примерот со Манастирите: Св. Јован Бигорски, Св. Јоаким Осоговски, Пресвета Богородица Пречиста Кичевска; Црквите: Св. Димитрија во Битола, Св. Благовештение во Прилеп, Св. Никола во Штип, Пресвета Богородица во с. Ново Село - Штипско, Св. Илија во Нов Дојран и во Радовиш, Св. Никола и Св. Богородица во Крушево, Пресвета Богородица во Скопје, Св. Пантелејмон во Велес, Св. Ѓорѓи во Лазарополе, Св. Никола во Кратово и во Куманово итн. Сите Цркви имале потреба од нивни внатрешни украси со резбарски дела: иконостаси, амвони, целиванија, певници, архиерејски тронови, балдахини и сл. 
Континуитетот на резбарството е видлив на сите поранешни векови, но не во толкава мера, со засилена творечка дејност, каков што е случајот при крајот на XVIII, а особено во XIX век. За негов развиток придонеле повеќе фактори: новоизградените Цркви во градовите и во селата имале потреба од внатрешно уредување и декорација со резбарски дела кои погоре ги наброивме. Оттука и несебичната помош на македонското население за повеличенствена и поубава опстановка на своите Цркви - отворила широко поле за работа и усовршување на копаничарската професија од страна на копаничарите. Во повеќе Манастири во Македонија се создаваат резбарски работилници, исполнети со мајстори, калфи и чираци. Се создаваат резбарски тајфи од повеќе родови, а сите биле од малореканскиот крај, од селата: Гари, Тресонче, Осој, Галичник, Лазарополе, Селце, Росоки, Требиште, Битуше и други. Најпознати се родовите: Филиповци од Гари, на чело со Петре Филипович-Гарката; Филиповци од Осој; Фрчковци од Галичник, на чело со Макарие; Рензовци-Зографски од Тресонче, Максевци од Требиште, Станишевци од Тресонче итн. 
Мијачките копаничари, кои го почнале своето творештво кон крајот на XVIII век и работеле во целиот XIX век, отвориле нови страници на нашата македонска историја на уметноста со што ја збогатиле и самата историја на својот народ. 
Мијачките копаничари, кои престојувале на Света Гора кај мајстори-резбари во работилниците од Италокритската школа, ги негувале поствизантиските традиции што ги носеле од Запад. 
Мијаците - резбари ги примиле елементите на ренесансата и барокот. 
Меѓутоа, за мијачките копаничари не требало да измине многу време за да внесат и свои елементи од секојдневниот живот, од фолклорот на мијачкиот крај, како и да бидат толкувачи на Библијата, создавајќи сцени од Стариот и Новиот завет. 
Творештвото на мијачките копаничари не само што влијаело врз творештвото на другите резбарски школи на Балканот, туку, под влијание на директното учество, се создадени резбарски школи, резбарски центри и резбарски работилници од каде што добро  подготвени копаничари го продолжиле делото на Мијаците од Мијачката резбарска школа. Во литературатастои дека Мијачката (Дебарската) резбарска школа ги има создадено резбарските школи во Банско и Трјавна. И уште да додадеме дека на Балканот, покрај Мијачката, постојат Самоковската резбарска школа, Тревненската и Банската во Бугарија; Светогорската и Епирската, во Грција; и Бератската во Албанија. Од сите резбарски школи најбогата била Мијачката. Денес не може да се најде Црква или Манастир во Македонија каде што мијачките резбари, иконописци и зографи зад себе не оставиле резбарски дела изработени од своите вешти раце со богата фантазија. Нивното творештво ги минало рамките на Македонија, работејќи во Србија, особено во Косово, Албанија, Грција, Бугарија и Романија. Тие заминувале во тајфи и во цели фамилии. 
Некои од нив не се вратиле на своите огништа во Мала Река. 
Што се однесува до стилот на работа на мијачките копаничари, во литературата се смета дека оригиналноста во стилот на мијачките копаничари-уметници е многу слободното користење на растителни форми во мошне разновидни композиции со човечки и животински фигури. Исто така, се смета дека во почетокот на XIX век постои оформен центар од мијачки копаничари што создале свој "стил" во резбарството, различен од другите школи, и тие создаваат нов правец во развитокот на копаничарството. 
За современите охридски резбари, и за најновиот подем на младите ентузијасти резбари, времето ќе даде оценка.
д-р Димитар Ќорнаков


Edited by beTon - 15-Apr-2009 at 03:20
Back to Top
 Post Reply Post Reply Page  <12

Forum Jump Forum Permissions View Drop Down



This page was generated in 0.082 seconds.

Copyright ©2007 - 2025  build.mk

Коментарите на форумот претставуваат лично мислење на нивните автори и не претставуваат официјален став на build.mk.