СО ДОЦНЕЊЕ ОД ДВА МЕСЕЦА
Почна проширувањето на булевар Гоце Делчев
Градските власти се правдаат дека доцнат со проширувањето, бидејќи чекале сообраќајни дозволи од МВР
Градските власти пред десетина дена почнаа со градежните работи за
проширување на булевар Гоце Делчев на потегот од Македонската радио -
телевизија до улицата Беласица кај Транспортен центар. Според проектот
за проширување на булеварот, тој треба да добие уште две коловозни
ленти, односно по една од двете страни, а на средината на коловозот ќе
се постави жардиниера за средишно зеленило.
Аљоша Шопар, раководител на секторот за планирање и уредување на
просторот во Градот, вели дека со градежните работи почнале од левата
страна на булеварот и дека работите ќе се одвиваат фазно, бидејќи
улицата нема целосно да се затвора за сообраќај. Сообраќајот на левата
страна од булеварот, односно во правец од Транспортен центар кон
Бит-пазар, се одвива на една сообраќајна лента, додека на десната
страна се уште нема пренасочување на сообраќајот.
"Паралелно со изградбата на новите сообраќајни ленти ќе ставиме и
жардиниера за средишно зеленило, а осветлувањето веќе е префрлено на
средината на коловозот", вели Шопар.
Проширувањето на Гоце Делчев, според најавите од Градот, требаше да
почне во јуни, но градските власти со градежните работи стартуваа дури
сега. Шопар вели дека доцнеле со почнувањето на овој проект, бидејќи
чекале дозвола од Министерството за внатрешни работи за сообраќајните
решенија за пренасочување на сообраќајот. Тој објаснува дека рокот за
изградба на новите сообраќајни ленти е два месеца, односно булеварот
треба да биде готов во октомври. Градежните работи ги изведува
хрватската фирма "Конструктор".
(Е.А.) |
http://www.vest.com.mk/default.asp?id=155576&idg=8&idb=2449&rubrika=Skopje
Edited by Cloverstack - 02-Nov-2008 at 21:05