build.mk Homepage
Forum Home Forum Home > Главни теми > Урбани прашања > Јавен превоз
  Active Topics Active Topics
  FAQ FAQ  Forum Search   Register Register  Login Login

Такси превоз

Bookmark and Share
 Post Reply Post Reply Page  <1 141516
Author
Message
  Topic Search Topic Search  Topic Options Topic Options
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 21563
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #301 Posted: 11-Oct-2023 at 14:57
Во градовите каде што институциите се грижат за функционирањето на такси- дејноста, ваквиот вид такси-превоз не поминува

По повод објавите на некои медиуми дека такси-превозниците во Скопје добиваат конкуренција со влегување на компанијата „Болт“, која им нуди дополнителна заработувачка на граѓаните, се огласи претседателот на Групацијата на автотакси- превоз, Сашо Рајчановски.

Тој смета дека целта на влегувањето на овие компании е прибирање податоци од граѓаните со кои тргуваат и ги нудат како програми полни со податоци.

– Во даден момент, дозволува следење на сите граѓани и потенцијални такси-возачи штоја прифатиле апликацијата, избегнување на оданочување, невработување такси- возачи и растурање на целиот систем на автотакси-превоз. Секогаш зад нив стои висок функционер, кој има добра провизија и кој мора да издејствува промени во Законот за да можат непречено да функционираат – нагласува Рајчановски.

Тој додава дека во поголеми градови каде што градот се грижи за добро функционирање на такси-дејноста, а државата ги штити граѓаните, ваквиот вид такси-превоз не поминува.

– Нивните обиди да профункционираат се попречени од институциите, па дури гледавме во Париз и во други градови како лиценцираните регуларни таксисти им ги превртуваа и им ги палеа автомобилите – вели Рајчановски, нагласувајќи дека и во минатото имало обиди за влегување на вакви компании, но, како што вели, постојните закони и одлуките на Градот не го дозволуваат тоа.

– Очекувавме вакво нешто, бидејќи не е случајно што во предлог-законот за превоз во патниот сообраќај се предвидува, освен со таксиметар, да може да се наплатува и преку електронска апликација, која може да се симне на мобилен телефон. Се предвидува драстично намалување на казните. За ова и за многу други работи, дадовме сериозни забелешки, дадовме наши мислења и предлози – дециден е Рајчановски.

Инаку, како што пишуваа медиумите, реклами на компанијата за мобилност „Болт“ периодов ги имале како целна група граѓаните на Скопје, нудејќи им да возат и да заработуваат. Огласите, пак, на социјалните мрежи го отворија прашањето дали естонската компанија, конкурент на „Убер“, влегува на македонскиот пазар. Преку ваквите огласи, кои првпат се објавени на 25 септември, компанијата „Болт“ практично бара возачи што би ги регрутирала за транспортните услуги што евентуално би ги понудила во Скопје. Таму, меѓу градовите каде што корисниците може да се пријават за да возат, веќе е наведен и главниот град Скопје.

Скопје во моментов е и единствениот град од целиот регион на Западен Балкан каде што може да се регистрирате како возач, односно „Болт“ засега не оперира, ниту, пак, има најава за такво нешто во друга западнобалканска држава.

Компанијата не оперира ниту во Бугарија, а од земјите во регионот, своите услуги ги нуди само во Грција, Хрватска и во Словенија.

Станува збор за естонска компанија за мобилност, која нуди различни услуги за транспорт и испорака, меѓу кои и возење во такси или приватни автомобили, изнајмување автомобили, електрични скутери и велосипеди, па дури и достава на храна и на продукти.

Најпозната е по тоа што корисниците може да се пријават како возачи со свој сопствен автомобил, со што би станале достапни за изнајмување.

„Болт“ во моментов функционира во повеќе од 500 града во 45 земји во Европа, Африка, Западна Азија и во Латинска Америка.

https://www.vecer.press/во-градовите-каде-што-институциите-се/
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 21563
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #302 Posted: 15-Aug-2024 at 16:02
ОХРИДСКИТЕ ТАКСИСТИ ОДБИВААТ ДА ВОЗАТ НИЗ ГРАД, СЕДАТ ПРАЗНИ И ЧЕКААТ ТУРИСТИ ЗА НАДВОР ОД ОХРИД ЗА ПОВИСОКА ЦЕНА

Дел од охридските таксисти одбиваат да ги возат патниците на градски локации и ги препраќаат кај други колеги, додека тие чекаат патници кои за поголема сума би патувале надвор од Охрид.

„Се возев со такси од центарот на Охрид до апартманот каде што сме сместени кој е оддалечен 3 километри од центарот. Според таксиметарот, платив 150 денари. Утредента, сакав да фатам од такси од главната станица во центарот, спроти чаршијата. Знаејќи дека возилата заминуваат по ред, сакав да се качам во првото. Таксистот ме препрати ‘поназад’ кај колегите. Вториот и третиот го направија истото. Кога на четвртиот му ја кажав адресата ми рече: ‘Може, 250 денари’. Кога го прашав како вчера било 150 а денес 250 и од каде знае колку ќе покаже таксиметарот тој ми подвикна: ‘Ало, бегај, не шири негативна енергија“, вели еден турист од Скопје.

На крајот, кога и петтиот таксист го прашал колку поназад да оди во редот за да најде возило, тој му рекол: „Бегај горе на патот. Нема да возиме низ град, чекаме за подалеку“. Откако му го кажал тоа, таксистот заедно со другите колеги продолжил да игра и да пее на музика која свирела од околина кафулиња.

Според отворените податоци на Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици на Општина Охрид објавени на официјалната веб-страница и ажурирани во април 2022, во Општината има 32 регистрирани компании за такси превоз.

„Бевме со пријателка во Охрид на почетокот од јули и од Автобуската станица до населбата Далјан плативме 200 денари. Кога дојдовме на почетокот од август и побаравме такси до истото место, ни рекоа дека чини 400 зашто е сезона и цените скокнале“, ни рече туристка од Велес и додава дека кога на таксистот му побарале да вклучи таксиметар тој им рекол дека е зафатен и да побараат друго возило.

Охриѓани велат дека не им е чудно ваквото однесување на тексистите.

„Ако викнеш такси од некоја од плажите а таксистот доаѓа од центар, се има случено да ја наплати цената во двата правци“, ни рече еден охриѓанец.

САКАМДАКАЖАМ.МК пред три дена испрати е-пошта до Општина Охрид со прашање дали Општинскиот инспекторат ги казнува таксистите кои не вклучуваат таксиметар и кои одбиваат да возат патници кога се слободни. Исто така, дали има поплаки од граѓании дали и како постапува Инспекторатот. Вчера, во телефонскиот разговор од Општината ни рекоа дека уште чекаат одговор од колегите од Инспекторатот, а до објавувањето на текстот не добивме одговор на прашањата.

https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/ohridskite-taksisti-odbivaat-da-vozat-niz-grad-sedat-prazni-i-chekaat-turisti-za-nadvor-od-ohrid-za-povisoka-tsena/
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 21563
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #303 Posted: 26-Aug-2024 at 17:12
ПРЕД КОЛАПС Е ТАКСИ ПРЕВОЗОТ ВО СКОПЈЕ, ПОРАДИ АРСОВСКА ВРИЕ ОД ДИВИ ТАКСИСТИ, A КОМПАНИИТЕ СЕ ПРЕД ЗАТВОРАЊЕ, ВЕЛАТ ОД АСОЦИЈАЦИЈАТА НА ТАКСИ ПРЕВОЗНИЦИ

Пред колапс е такси превозот во Скопје. Сè помалку има легални такси возила, а на секој чекор има диви таксисти без лиценци, кои наплаќаат двојно повеќе и возат со небезбедни коли.

За да се викне такси возило преку регистрираните компании се врти и по еден час. Проблемот е голем особено навечер, кога нема шанси да се најде кола, па граѓаните ги користат услугите на дивите таксисти кои си наплатуваат како ќе им текне.

Од Асоцијацијата на авто-такси превозници велат дека главен виновник за ситуацијата е Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска бидејќи нема никаква контрола, ниту стратегија.

„Градот Скопје е најголем виновник за колапсот на такси превозот. Никој не контролира и нормално дека сè повеќе колеги ги напуштаат компаниите каде имаат давачки и си возат на диво. Дури 80 отсто од таксистите се диви. За една година нема да остане ниту една такси-компании, ќе нема граѓаните кај да бараат такси, ќе има само диви таксисти. Не е нормално за три години мандат градоначалничката Данела Арсовска да нема ниту една средба со нас. Па со претходните градоначалници сме имале средби во Градот еднаш месечно“, вели Абдула Рушити, претседател на Асоцијацијата на авто-такси превозници.

Пред две години со одлука на Советот на Град Скопје поскапе такси превозот во Скопје. Тогашната одлука предвидува цената да се формира во зависност од тоа колку е горивото. Сегашната цена по која возат таксистите 40 денари старт и 25 денари за секој изминат километар е прва тарифа и важи кога цената на горивото е до 75 денари за литар. Втората тарифа би се применувала кога цената на горивото е од 75,50 денари до 119,50 денари и тогаш стартот би бил 50 денари, а секој изминат километар 30 денари. Третата најскапа тарифа предвидува старт од 60 денари, а за секој километар да се наплатува 35 денари кога цената на горивото ќе биде над 120 денари.

https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/pred-kolaps-e-taksi-prevozot-vo-skopje-poradi-arsovska-vrie-od-divi-taksisti-a-kompaniite-se-pred-zatvorane-velat-od-asotsijatsijata-na-taksi-prevoznitsi/
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 21563
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #304 Posted: 10-Oct-2024 at 18:23
БИТОЛСКИТЕ ТАКСИСТИ БАРААТ ПОКАЧУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ, ВЕЛАТ ДЕКА СЕ ТОЛКУ ЕВТИНИ ШТО ЛУЃЕТО СО НИВ ОДАТ И ПО СОЦИЈАЛНА ПОМОШ

Битолските таксисти поднесоа иницијатива до општинскиот Совет за отпочнување постапка за измена и дополнување на тарифата за вршење на автотакси превозот во Битола.

Поради зголемувањето на трошоците за работа, тие бараат корекција на цените, со тоа што стартот во прва тарифа останува 60 денари, а секој следен километар ќе се наплатува 35 денари. Во втора тарифа, која би се вовела во специјални околности, стартот да биде 60 денари со 40 денари за дополнителен километар. Тарифата за трета смена да биде со почетни 60 денари, а потоа по 45 денари за извозен километар. Доколку таксистот го чека патникот еден час, тој ќе треба да му плати 400 денари. Сегашната цена има ист старт, а потоа секој километар се плаќа според таксиметар.

„Отпорано размислуваме да ја укинеме третата смена, оти не сака никој да вози. Не вадат пари, а прават многу празни километри. Ако нема покачување, ќе нема ни трета смена. Такси превозот во Битола досега никогаш не бил во ваква ситуација. Трошоците енормно ни се зголемија, а возиме по стари цени. Последното минимално покачување се стопи за два месеца. Дојдовме во ситуација да не вршиме такси превоз, туку да сме доставувачи на роба. Си порачуваат такси до најблиската пицерија, нарачуваат две пици и по 30 денари им е поевтина зашто ги земаат за дома, а ние за беспари, за 60 денари, ручекот им го носиме на маса“, рекоа од Здружението на такси превозници на општинската Комисија за финансии и буџет.

Велат поскапени се и поправките на возилата. Ако претходно плаќале од 2.500 до 3.000 денари за работна рака кај механичар за промена на ламела, сега услугата чини 5.000 до 6.000 денари. Поскапеле и вулканизерските услуги и администрацијата за лиценца.

„Наместо да се подобруваме во такси превозот, ние стагнираме. Таксистите се скоро сите пред пензија и ќе возат уште некоја година. Ниту возен парк можеме да подобриме, ниту на некој возач да му понудиме подобра плата. Затвори уште една компанија. Останавме една база да го покрива целиот град. На фирмите поевтино им е да се возат со такси отколку да имаат свое возило. Па, има граѓани кои по социјална помош одат со такси“, рекоа од Здружението.

Денеска на седница на Советот повеќето советници гласаа за отпочнување на ваквата иницијатива, а дел од советниците бараа да им се образложи точно методологијата по која се бараат новите цени и критикуваат дека Општината не успеала да обезбеди општински јавен превоз.

https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/bitolskite-taksisti-baraat-pokachuvane-na-tsenite-velat-deka-se-tolku-evtini-shto-lugeto-so-niv-odat-i-po-sotsijalna-pomosh/
Carpe diem
Back to Top
phenomenon View Drop Down
Senior Member
Senior Member
Avatar

Joined: 26-Oct-2010
Location: Kumanovo
Online Status: Offline
Posts: 2691
  Quote phenomenon Quote  Post ReplyReply #305 Posted: 26-Dec-2024 at 19:31
開始されていないだけの戦いが失われ、
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 21563
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #306 Posted: 28-Dec-2024 at 18:21
ДИВИТЕ ТАКСИСТИ ГО ПРЕЗЕДОА БИЗНИСОТ?! Нема ефикасни контроли, граѓаните скапо го плаќаат доцнењето

Дивите таксисти повторно задоа замав во Скопје поради тоа што нема редовни инспекциски контроли на овој превоз. Во периодот кога беше драстично скратен превозот со градските автобуси, граѓаните често се решавале за превоз со такси, а некои од нив доживеале мошне непријатни искуства кои скапо ги чинеле.

Скопјанецот Мартин. Ј. одлучил да се качи во такси од трговскиот центар „Ист гејт“ бидејќи брзал за да стаса на работа. Иако бил свесен дека таксистите што стојат на оваа локација се нелегални, на крајот бил непријатно изненаден од сумата што ја платил.

– Знам дека таксистите што чекаат таму се диви, ама порано барем имаа таксиметар. Сега, забележувам дека користат мобилни телефони со апликација која симулира таксиметар. Телефонот таксиметар покажа астрономска сума за релација од неколку километри, некои 400 денари. Го прашав таксистот зошто е толкава сумата, а тој се насмеа и ми рече: „Тоа е, другар“. Сфаќам дека не може секој да работи во такси компанија, но барем да го наштелуваат телефонот да одбројува како таксиметрите. Не мора да ги ограбуваат луѓето и да им земат цела дневница за едно возење – вели нашиот соговорник.

Тој истакнува дека вакви инциденти се чести и дека дивите таксисти стојат на различни локации во градот, вклучувајќи ги и популарните места како што се спроти „Холидеј ин“ и „Ла делишс“ во Буњаковец.

– Некој како мене ќе се расправа, ама има луѓе на кои им е срам да се расправаат. Понекогаш нема достапни такси возила од такси компании и луѓето немаат избор, па мора да се качат кај некој таков. На крајот на краиштата, можеби и воопшто не треба да се качуваме кај нив и треба да ги саботираме, и така повеќето не работат легално и немаат свои фирми – вели скопјанецот Мартин.

Проблемот со дивите таксисти не се одразува само врз џебот на патниците, туку и врз приходите на легалните такси компаниии и приливите од даноци во државната каса.

Претседателот на Групацијата на авто-такси превозници, Сашо Рајчановски за Плусинфо истакнува дека бројот на нелегални такси возила во Скопје е во пораст, што ја прави ситуацијата алармантна.

– Секој ден сè повеќе патници се одлучуваат за овие возила, а ние како легални превозници не можеме да им излеземе во пресрет. Таксистите не ги следат прописите и овој проблем станува сè поочигледен – вели Рајчановски.

Според него, основната причина за зголемената активност на дивите таксисти е големата побарувачка за транспортни услуги, особено поради проблемите со градскиот автобуски превоз, но и недостигот на контрола и санкции од градските власти.

– Граѓаните не само што се соочуваат со нелегални превозници, туку исто така мора да платат многу повеќе отколку што би платиле за легално такси возење. Иако стандардната цена е од 150 до 200 денари, многумина од нив плаќаат по 400 или дури 500 денари – додава Рајчановски.

Тој апелира до градските власти да преземат мерки за да ја решат ситуацијата. Според него, доволно е да се насочат инспекторите да ги контролираат нелегалните таксисти и да се санкционираат оние кои не ги исполнуваат прописите.

– Не ни требаат нови средства. Бараме само сообраќајните инспектори да ја засилат контрола и да го спроведат законот. Проблемот ќе продолжи да расте ако не се преземат мерки. Ако не се реши ова во блиска иднина, тогаш организираната такси служба може да исчезне. Градот не го спроведува доволно строго законот, а инспекциските контроли не се доволно ефективни. Овој проблем не се решава само со казни за возачите, туку и со зголемена свест кај самите граѓани за тоа како да препознаат нелегални превозници. Ние бараме од градските власти да го регулираат овој сектор и да се грижат за граѓаните – вели тој.

Од Групацијата на авто-такси превозници истакнуваат дека и граѓаните треба да бидат повнимателни при изборот на такси превозник.

– Граѓаните не треба да плаќаат за услуги ако не добијат фискална сметка. Секој легален таксист е должен да издаде фискална сметка. Ако не ја добиете, тоа е јасен знак дека станува збор за нелегално возило. Ако продолжи оваа пракса, иако цената може да изгледа пониска или понудата пофлексибилна, последиците може да бидат сериозни. Мораме да работиме на зголемување на јавната свест и на мотивирање на граѓаните да пријавуваат неправилности – велат од Групацијата.

За подемот на дивите таксисти во Скопје, такси-превозниците ја обвинуваат градоначалничката Данела Арсовска, зашто не спроведува инспекциски надзор.

– Градот Скопје е најголем виновник за колапсот на такси превозот. Никој не контролира, и нормално е дека сè повеќе колеги ги напуштаат компаниите каде имаат давачки и си возат на диво. Дури 80 отсто од таксистите се диви. За една година нема да остане ниту една такси-компанија, ќе нема граѓаните каде да бараат такси, ќе има само диви таксисти. Не е нормално за три години мандат градоначалничката Данела Арсовска да нема ниту една средба со нас. Со претходните градоначалници сме имале средби во Градот еднаш месечно – коментира Рајчановски.

Според актуелната тарифа, стартот во такси возилата е 40 денари, а за секој изминат километар се наплаќаат 25 денари кога цената на горивото е до 75 денари за литар. Втората тарифа предвидува старт од 50 денари и 30 денари за километар кога цената на горивото е помеѓу 75,50 денари и 119,50 денари, додека третата тарифа е 60 денари за старт и 35 денари за километар кога цената на горивото е над 120 денари за литар.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека не се надлежни да вршат надзор врз дивите таксисти.

– Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје не е надлежна за контрола на такси возила кои вршат нелегален превоз. Ваквите контроли се спроведуваат во соработка со Град Скопје, конкретно со Секторот инспекторат, кој е надлежен за вакви случаи – велат од МВР.

Оттаму додаваат дека за поконкретни информации и податоци во врска со бројот на откриени случаи на диви таксисти, граѓаните треба да се обратат директно до надлежните инспекциски служби во Град Скопје.

https://plusinfo.mk/divite-taksisti-go-prezedoa-biznisot-nema-efikasni-kontroli-gra-anite-skapo-go-pla-aat-docne-eto/
Carpe diem
Back to Top
 Post Reply Post Reply Page  <1 141516

Forum Jump Forum Permissions View Drop Down



This page was generated in 0.320 seconds.

Copyright ©2007 - 2025  build.mk

Коментарите на форумот претставуваат лично мислење на нивните автори и не претставуваат официјален став на build.mk.