АБРЗАНО СЕ ГРАДИ ВО ЛЕСНОВСКИОТ МАНАСТИР
Монасите го обновуваат изгорениот конак

Монашкото
братство од манастирот „Свети Гаврил Лесновски“ во пробиштипското село
Лесново деновиве забрзано работи на обновата на опожарениот источен
конак. Обновата се изведува со заработени пари од манастирската
економија и со донации од фирми и од поединци. Предвидено е работите
комплетно да бидат завршени в година.

-
Изминативе години не бевме во можност да примаме верници во
манастирските конаци. На големиот број гости што го посетуваа
манастирот, и покрај нивната желба барем за една вечер да преноќат во
манастирот, не бевме во можност да им излеземе во пресрет. По прошетката
по манастирот и самите се уверуваа дека конаците по големиот пожар во
1957 година се запустени и не се безбедни - ни изјави игуменот на
Лесновскиот манастир, Дамаскин.
Во манастирот, иако се работи
забрзано, конаците с` уште не се завршени бидејќи, како што вели
старешината, се работи за поголема инвестиција која засега не се моќни
сами да ја покријат.
Конаците во Лесновскиот манастир се
изградени во втората половина на 16 век. Тогаш биле изградени и една од
влезните манастирски порти, мермерна крстилница, додека манастирската
црква била доѕидана со камен. Источниот манастирски конак бил уништен во
1957 година, во голем пожар кој бил предизвикан од неизгасната ламба
или свеќа од верници што ноќевале во конакот.
Опожарениот конак,
кој во тоа време бил опремен со манастирска трпезарија, кујна и
магацински простор за складирање храна, бил наменет за манастирските
гости, а по опожарувањето бил напуштен. Оставен на забот на времето, во
изминатите 50-ина години источниот конак го нарушуваше впечатокот кај
секој намерник што се прошетал низ пространиот манастирски двор.
Обновата се заговараше подолго време, меѓутоа токму поради нерешеното
финансирање досега работите не можеа да почнат. Деновиве се работеа
ѕидарските и останатите надворешни градежни работи.
- Има уште многу работа - велат неколкумина мештани од Лесново кои од самиот почеток се приклучиле во обновата на конаците.
Радоста и задоволството од обновата е голема и кај монасите и кај мештаните од селото.
-
Сочувствуваат со нас и во лошо и во добро. Кога се подготвувавме да ги
поставиме двете масивни бетонски плочи на конаците, на помош ни дојдоа
по 50-ина луѓе не само од Лесново туку и од Злетово и од Древено. Со
нивна помош работата ја завршивме заеднички побрзо - вели игуменот
Дамаскин.
Манастирскиот комплекс, во чиј централен простор
доминира црквата посветена на св. Гаврил Лесновски од 14 век, подигната
на темелите на постар православен христијански храм од 11 век посветен
на св. Архангел Михаил, е препознатлив и по манастирската камбанарија.
Високата камена градба подигната помеѓу објектите од северниот конак,
според првобитната намена служела како одбранбена кула с` до 1861
година, кога била пренаменета во камбанарија. По направеното
преуредување на градбата во потпокривот била поставена камбаната тешка
340 килограми. Камбаната за Лесновскиот манастир била излиена во 1860
година, во топилницата во Крагуевац, Србија.
Во Лесновскиот манастир очекуваат дека обновата на манастирот ќе заврши в година.
-
Наша желба е обновата да ја завршиме што побрзо. Доколку се обезбедат
потребните средства, очекувам конаците и камбанаријата, која исто така
треба да биде реновирана, да ги завршиме во текот на наредната година.
На внатрешно средување на конаците ќе се почека. Во обновените источни
конаци во приземниот дел ќе биде сместена големата манастирска
трпезарија во која ќе може да се поставуваат оброци за околу 250 луѓе,
додека на катот ќе бидат уредени просториите за монасите од монашкото
братство. Сегашниот северен конак, кој го користат монасите, ќе биде
пренаменет во гостински конак, за сместување на верниците кои ќе имаат
потреба од преноќиште - објаснува игуменот Дамаскин.
И Руската црква користела книги од Лесново
Во
Лесновскиот манастир во средниот век живеело и творело монашко братство
кое во одреден период броело и до 200 монаси. Монашкото братство од
Лесново во средниот век го развило книжевниот центар со мошне активната и
надалеку позната препишувачка школа, од која со потребните црковни
книги, покрај останатите, се снабдувала и Руската православна црква.
-
Лесновскиот манастир не треба да се дозволи да биде запуштен. Во
тешките времиња во минатото манастирот придонел да се зачуваат верата,
традицијата и обичаите кај луѓето од овој крај. Апелираме до сите
добронамерници, верници, приватни и државни фирми и институции да
помогнат во обновата на овој значаен манастир. Се надевам дека апелот ќе
даде резултат, источниот конак да го возобновиме, со што ќе ја вратиме
целосноста на комплексот и манастирот повторно ќе блесне со вистинскиот
лик и сјај по кој бил познат со векови наназад - изјави старешината
Дамаскин.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=365C421744C2D94BAEA8A51056CE637F
|