Св. Николај Чудотворец - Псача
Printed From: build.mk
Category: Главни теми
Forum Name: Верски
Forum Discription: Цркви, џамии, манастири...
URL: http://www.build.mk/forum/forum_posts.asp?TID=3356
Printed Date: 19-Jul-2025 at 23:12
Topic: Св. Николај Чудотворец - Псача
Posted By: perdiak
Subject: Св. Николај Чудотворец - Псача
Date Posted: 09-Aug-2016 at 11:25
Св. Николај Чудотворец – Псача
На 3 км. од магистралниот пат што води од Куманово до Крива Паланка, високо во селото Псача, во живописната дабова и багремова шума сместена е црквата посветена на свети Николај Чудотворец.
Историските податоци се оскудни, но се смета дека е изградена во 1354 година. Црквата, како и нејзиниот ктитор – властелинот Влатко – се спомнуваат во една повелба издадена на 25 март 1358 г. Врз основа на зачуваните портрети на јужниот ѕид може да се заклучи дека севастократорот Влатко и неговиот татко кнезот Паскач се ктитори на црквата.
За време на конзерваторските работи на оваа црква е утврдено дека натписот што се наоѓал над западната влезна врата е уништен во 1876 г. бидејќи во него се спомнувале кралот Урош и Волкашин. Уништени се и натписите на овие владетели на нивните портрети на северниот ѕид.
Црквата е во форма на впишан крст во правоаголно пространство со купола што се издига на четири столба и припрата, исто така со купола. Куполата над централниот дел била срушена, а црквата долго време била наполно откриена. На исток завршува со тристрана апсида. Изградена е од блокови со клепан камен, кршен камен и тули.
Живописот е од времето кога е градена црквата и спаѓа во редот на најдобрите зографски остварувања од македонското средновековно сликарство. Висока вредност имаат реалистичките портрети на ктиторите, севастократорот Влатко, татко му, кнезот Паскач и на нивните сопруги. Зачувани се и фрески од св. Јоаким Осоговски (од 1371 г), св. Меркуриј (со сигнатура на мечот), св. Климент Охридски (од 1366 г), како и св. Ахил, св. Дионисиј, св. Рамноапостолни Константин и Елена и св. Спиридон Чудотворец.
Во олтарната апсида во цел раст се претставени патријарсите – св. Атанасиј Велики, св. Јован Златоуст, св. Григориј Богослов и св. Василиј Велики.
|
|