СЕКОЈДНЕВНО КОЛОНИ ОД ВОЗИЛА ПО ТЕСНАТА УЛИЦА КОН ЛИСИЧЕ
“Трета македонска“ само според името е булевар
Елена Мачевска
По
две коловозни ленти, преку дупки и напукнат асфалт скопјани возат по
Трета македонска бригада, сообраќајница која се протега од Железничката
станица до населбата Лисиче. На овој булевар, кој по структурата ни
оддалеку не може да се нарече така, се создава хаос од илјадниците
возила кои секојдневно минуваат по него. За состојбата да биде уште
полоша, преку коловозот се протегаат и шините на пругата која некогаш
поминувала во овој дел од градот, а кои се уште не се извадени,
создавајќи им со тоа дополнителни проблеми на возачите. Пешачењето,
пак, долж булеварот е незамисливо. По неговата должина ретко каде има
простор за движење на граѓаните, а и на постојните неколкуметарски
патеки, пешаците се принудени да одат по дупки и пропаднат асфалт.
Најлоша е состојбата кога врне затоа на булеварот нема ни атмосферска
канализација. Така, секои пообилни врнежи го поплавуваат коловозот, со
што се отежнува одвивањето на сообраќајот. - Воопшто не е безбедно
возењето во овој дел на булеварот. Не е прегледно од големиот број
грмушки и дрва, кои никогаш не се отстранети. Поради тоа, многу често
се случуваат сообраќајни несреќи. Надлежните мора да се решат да го
прошират булеварот, кој е од исклучителна важност за сите што живеат во
оваа општина - вели Коста од Мичурин. Сепак, и покрај лошата состојба
на Трета македонска бригада, од надлежните институции нема најава дека
наскоро ќе се преземе нешто. Во буџетот за следната година, Град
Скопје, во чијашто надлежност е булеварот, нема предвидено средства за
негова реконструкција или, пак, за проширување. Оттаму велат дека во
моментот се изработува идејно решение за проширување на оваа делница од
булеварот Трета македонска бригада. - Идејното решение ќе ги покаже
параметрите за евентуално проширување на булеварот, како што се
имотно-правните односи, трасата, цената на чинење на проектот, како и
детали од типот дали е оправдано отстранувањето на пругата која минува
преку булеварот - информираат од Одделението за односи со јавност на
Град Скопје. Во јули годинава булеварот беше проширен за една коловозна
лента во близина на Тутунски комбинат, со што значително се растовари
сообраќајот во овој дел. Тоа го чинеше Градот 12 милиони денари. 
http://vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=4&tabid=1&EditionID=1882&ArticleID=128073 |