Манастирот Св.Троица или Далиборова црква.
НЕГРИЖА:
КАМЕНИТЕ СТАТУИ ВО БЛИЗИНА НА ШТИП ЗАТРУПАНИ ВО ЗЕМЈА И ЃУБРЕ
Чудната
моќ на бабите
Легендата
за скаменетите баби во близина на Штип, кои му се спротивставиле на
Сечко и затоа ги замрзнал, живее со векови, но за камените фигури кои
потсетуваат на британскиот стоунхејџ никој не се грижи и тие се р
Денеска завршуваат таканаречените баби кои траат од 14 до 19 март.
Многумина во овој месец ги споменуваат бабите, дека тие во месец март
знаат да бидат навистина многу лути, снежни со виулици и со ниски
температури. Меѓутоа, малкумина знаат како е родена легендата за нив
која со векови се пренесува од колено на колено. Скаменетите баби и
денес можат да се забележат покрај патот Штип и селото Кароарман една до
друга стуткани и прегрнати поради студенилото кое ги скаменило заедно
со нивните овци и кози што ги напасувале.
Легендата зборува дека двете баби на 14 март кога времето по долгата
зима малку се подобрило тргнале своите овци и кози да ги напасуваат во
карбинското поле и во подножјето на планината Плачковица. Но, кога
излегле од градот и се упатиле кон селото Караорман, нив ги пресретнал
Сечко како што обично го викаат месец фавруари кој многу често знаел
своите заби да ги покаже и во март, во пресрет на пролетта. Тој им
рекол: "Каде ќе одите, баби, кога јас се уште владеам", а тој по
преданието владеел до 14-ти односно 15-ти март. Бабите на ова
одговориле: "Тиц (одите) кози планина, серам сечко брадина". Кога го чул
ова Сечко многу се налутил на бабите, дувнал со силен северко и ги
скаменил бабите токму на местото каде што денес се наоѓаат скаменетите
фигури на двете стуткани баби и нивното мало стадо. Тие денови 12, 13 и
14 март се од Сечко, а наредните денови до 19 март се од бабите кои
силата и лошотијата можат да ја покажуваат најмногу до 20 март.
- Оваа легенда сум ја слушала и од мојата баба и од прабаба ми. Тие ми
раскажуваа ако во овој период е топло тоа значи дека во тек се добрите
баби, а ако е студено тогаш се лошите баби кои толку силно го налутиле
Сечко што не го послушале да се вратат назад, па тој ги скаменил.
Илјадници пати сум поминала покрај скаменетите баби. Од 1952 до 1954
година секој ден пеш одев од Штип до селото Карбинци кое од градот е
оддалечено 10-тина километри. И натаму и назад минував покрај бабите.
Забележав дека тие го имаат истиот камен состав и некаква силна
фигуративност со камените статуи на британскиот стоунхејџ. Таму им се
дава голема важност, но кај нас е обратна ситуацијата. Бабите, речиси
до половина се затрупани со земја, а околу нив купишта шут и друг
отпаден материјал. Секој што ќе стаса фрла смет. Новите локални власти
мораат ова историско обележје да го дотераат, да изградат парк и како
легендарен историски споменик да привлекува и туристи", вели
историчарот по уметност Љубица Донска.
Од тоа време, Донска се присетува на едно непријатно, но истовремено и
чудно доживување:
- Кога се враќав од училиште еден ден во близина на бабите рака ми
мавтаа неколку деца. Мавтаа, а ништо не довикуваа. Кога се приближив и
кога ги прашав зошто мавтате, тие бидејќи немале глас, од страв
занемиле, па само со прстите покажуваа на другата страна. Кога се свртев
видов во непосредна близина по снегот се движеа неколку волци. Тогаш и
јас како децата занемев, но успеавме некако да се приближиме до
скаменетите баби. Волците, дали од нешто друго или помислиле дека со
бабите бројот на луѓето се зголемува, чопоративно како што доаѓаа кон
нас, полека си заминаа", ни раскажува Љубица Донска.
На само 20 - тина метри од бабите сега се гради нова црква. На ова место
многу одамна пред неколку векови имало манастир кој бил срушен. Сега
новиот манастир го гради 23 годишниот Далибор Спасков кој живее во
блиската населба во куќа која гледа токму кон ритчето каде што пред 8
години почна да се гради црквата Света Троица.
- По пат на видение, Бог ми нареди на тоа место да изградам црква,
бидејќи таму порано имало манастир. Имав 16 години кога ми се прикажа
тоа видение. Видението ми кажуваше како голем број луѓе од некои извори и
со молењето на иконите оздравувале. Затоа сега изградивме дури 4
чешми. Местото било на Брегалничката епархија и со нејзин благослов
целиот простор од неколку хектари сега е ограден. Планираме покрај
црквата да се подигнат и конаци", вели градителот Спасков кој не може да
каже дали манастирот има некаква врска со скаменетите баби.
Младиот Далибор е вработен во една штипска конфекција. Секој слободен
момент го користи заедно со неколку свои луѓе нешто да доизгради.
Чешмите се изградени од чист речен камен. Од таков камен се гради и
манастирот и другите помошни објекти. Средствата се обезбедуваат
исклучиво од прилозите што верници ги оставаат кај црквата иако таа се
уште не е доизградена и осветена. Спасков очекува наскоро новиот
манастирски комплекс да биде даден во употреба. Осветувањето ќе се
случи, ако не за годишнава тогаш за наредната Св. Троица, а тоа е во
недела- десеттиот ден по Воскресението Христово или Спасовден, односно
50 дена по Велигден кога се слави Светиот дух или Св. Троица.
Во непосредна близина на скаменетите баби и манастирот Св. Троица никна
приградска населба која го носи името Баби. Населбата почна да се гради
пред 30-тина години кога започна урбанизацијата на овој простор.
Населбата Баби веќе има над 5000 жители и стана мало гратче.
Тодор Јовановски
Фото Трајче
http://star.vest.com.mk