Карпош ќе гради општинска зграда
Според
градоначалникот Стевче Јакимовски, Општина Карпош има потреба од нова
општинска зграда, затоа што со процесот на денационализација ќе остане
без дел од земјиштето каде што сега се општинските бараки Општината
Карпош распиша конкурс за идејно-архитектонско решение за нова
општинска зграда. Конкурсот трае до 29 јануари 2010 година, а може да
учествуваат правни и физички лица, државјани на Македонија.
Според
градоначалникот Стевче Јакимовски, Општина Карпош има потреба од нова
општинска зграда затоа што со процесот на денационализација ќе останат
без просторот каде што сега се бараките еден, два и шест.
Тој
рече дека општината веќе го добила земјиштето од државата и дека во рок
од шест месеци се должни да извадат градежна дозвола.
- Реално
имаме потреба од соодветни простории за работа, бидејќи со години
работиме во дотраени бараки за кои често издвојуваме пари за санација.
Општина Карпош е принудена да размислува за нова зграда бидејќи
поголемиот дел од бараките во кои сега е сместена администрацијата ќе
и' бидат одземени со денационализација. Се надевам дека изградбата ќе
почне до средината на следната година - рече Јакимовски.
Тој додава дека не е исклучена можноста зградата да се гради со моделот на јавно-приватно партнерство.
Според
детаљниот план, новата општинска зграда ќе се гради на дел од
земјиштето каде што сега се општинските бараки. Површината на
градежната парцела е 2.124 квадратни метри, а планираната површина за
градба изнесува 1.122 квадрати. Максималната височина на објектот е
13,60 метри.
Во приземјето на општинската зграда ќе бидат
сместени мултифункционално фоаје за изложби и различни културни
настани, приемни пултови, инфо-центар, архива, чекална и простор за
прием на граѓани, како и кафетерија. На катовите ќе бидат сместени
канцелариите , а на поткровјето кабинетот на градоначалникот со сала за
состаноци. Во објектот ќе има и свечена сала, која ќе може да се
користи за седниците на Советот, како и сала за венчавки и различни
манифестации. Паркирањето треба да се реши во рамките на градежната
парцела.
Планираниот објект треба да биде од трите страни
поставен слободно на локацијата, а кон југ да е калкански поврзан со
објект предвиден за заедничко домување со деловен простор. Пешачки
пристап е предвиден од западната страна, а сообраќајниот пристап е од
улицата Никола Русински.
Најдобрите трудови ќе ги избира
специјална комисија. Првонаградениот труд ќе добие 180.000 денари,
второнаградениот 120.000 и третонаградениот труд ќе добие 100.000
денари.
Конкурс за архитектонско-урбанистичко решение за
изградба на општинска зграда пред десетина дена распиша и Општина
Центар, која исто така новиот објект планира да го гради на местото на
постојните бараки. За сопствена општинска зграда размислува и
градоначалникот на Аеродром, чија администрација уште од формирањето на
Општината пред пет години работи во изнајмени простории. Општинска
зграда в година ќе гради и Ѓорче Петров, за што подготовките се веќе
почнати.
Единствена општина што има современа општинска зграда е Чаир, благодарение на донацијата од Европската Унија.
http://dnevnik.com.mk/?ItemID=9A7141DC9FA8BD4F88183A62ACC9BEDE |