build.mk Homepage
Forum Home Forum Home > Останати теми > Фото/Видео > Патеписи
  Active Topics Active Topics
  FAQ FAQ  Forum Search   Register Register  Login Login

Приштина, Косово

Bookmark and Share
 Post Reply Post Reply
Author
Message
  Topic Search Topic Search  Topic Options Topic Options
Cloverstack View Drop Down
Admin Group
Admin Group
Avatar

Joined: 01-Sep-2007
Location: Скопје
Online Status: Offline
Posts: 12453
  Quote Cloverstack Quote  Post ReplyReply #1 Topic: Приштина, Косово
    Posted: 05-Jun-2013 at 01:37
Не е на одмет репортажите за Приштина да ги поставиме и на форумов
Back to Top
Cloverstack View Drop Down
Admin Group
Admin Group
Avatar

Joined: 01-Sep-2007
Location: Скопје
Online Status: Offline
Posts: 12453
  Quote Cloverstack Quote  Post ReplyReply #2 Posted: 05-Jun-2013 at 01:38
РЕПОРТАЖА: Приштина   (I дел)

„Божицата на трон“ пулсира со вербата за посветла иднина


 

На помалку од два часа патување со автомобил, автобус или воз од Скопје на север, патот не одведе во главниот град на најмладата европска држава Косово. Сончевото пролетно утро ја означи средбата со градот, кој доколку не сте го посетиле во изминативе две – три години ниту еднаш, тогаш нема да го препознаете дури и доколку во минатото сте живееле во него со децении. Застаклените кули го надвиснале небото над градот и ја најавуваат градежната експанзија што претстои во претстојните години. Приштина забрзано ја гради приказната за модерен град, особено по стекнувањето на независноста на Косово. Со сите свои предности и маани, уште со првите моменти од прошетката низ нeго, се рушат цврсто накалемените предрасуди за неговата сеопшта заостанатост. Иако е навистина далеку од развиените европски метрополи и во речиси сите урбани сегменти заостанува од Скопје, силниот пулс на градителството во Приштина може да биде предводник на преродбата на градот во наредните десетина години.

 

Приштина    Приштина    Приштина

 

 

Главниот град на Република Косово се простира на околу 854 километри квадратни и е дом на околу 200.000 жители, ако се земат во предвид првичните неофицијални резултати од пописот спроведен во 2011 година. Проширувањето на градот во изминативе години, кој на моменти потсетува на хаотичен развој, доведе до спојување на Приштина со околните населени места – Косово Поле, Чаглавица и Грачаница. Заедно со приградските населби, косовската престолнина денес има 465.186 жители. Наспроти екстремно високите температури и благите зими во Скопје, на само 90 километри на север, Приштина се карактеризира со поблаги лета и постудени зими, климатска карактеристика за која најмногу е заслужна надморската височина од 652 метри.

 

Трагите низ историјата на Приштина водат кон неолитот, а традиционален симбол на градот е „Божицата на трон“, вреден артефакт кој води потекло од периодот на 4.000 години п.н.е. Во Римскиот период егзистирал градот Улпиана, сместен на 15 километри од сегашниот главен град, на локацијата на денешен Липљан. Минувајќи низ воени конфликти, етнички премрежија и оружени судири, Приштина денес го има вообичаениот изглед на населено место лоцирано на јужниот дел од Балканскиот полуостров.

 

Приштина    Приштина    Приштина

 

 

Старата османлиска градителска култура, која е зачувана во минимални рамки во градот, архитектонските експериментирања проткаени во периодот на поранешна Југославија, со неколку објекти што се врежани во историјата на тогашната архитектура, ја даваат актуелната слика за Приштина во очите на постарите граѓани. Густо збиените и естетски непримерни зданија со налудничав контраст на бои и градежни материјали, но и издржаните новоградби што може да се мерат со меѓународните трендови во архитектурата, ја даваат визурата на градот од последните неколку години. Слично на Скопје, педесеттите години од XX век се клучни за исчезнувањето на старите градби од центарот на градот, при што на нивно место се подигнати згради, повеќето од нив без некаква архитектонска вредност.

 

Историските споменици во Приштина се сместени речиси на едно место, во близина на препознатливиот објект на Музејот на Косово, правејќи ги лесно достапни за туристите. Зградата на најзначајната музејска установа во Косово е инспирирана од австро – унгарската архитектура, а изградена е во 1898 година за потребите на турската армија. Впечатливиот изглед го прави ова здание поразлично во споредба со останатата приштинска архитектура. Зданието на Националниот музеј на Косово во текот на минатата година беше реконструирано, со што објектот го доби некогашниот сјај, но не и богатите археолошки и етнолошки колекции, кои се пренесени во Белград по повлекувањето на српските власти во 1999 година.

 

Приштина    Приштина    Приштина

 

 

Веднаш спроти музејската зграда, лоцирана е познатата Чарши или Таш џамија, која во моментов е подложена на реставрација и е затворена за посетителите. Издигната е по битката за Косово во 1389 година од страна на султанот Бајазит I. Одејќи по истата улица од строгиот центар на градот, на само стотина метри е сместена и ориенталната градска куќа Еминџика, изградена во 19 век од страна на османлиите. Во стариот дел на Приштина се зачувани неколку куќи на богатите приштински семејства, кои архитектурата од дамнешно време сеуште ја имаат зачувано како печат на времето.

 

Продолжувајќи со пешачењето со идентично темпо, на само неколку минути од овие паметници на историјата се наоѓа величенствената Фатих (Царска) џамија, изградена од султанот Мехмед II, со впечатлива гравува на арапски јазик над главниот влез. Минарето е реконструирано по значителните оштетувања предизвикани од земјотресот во 1955 година. Спроти џамијата е сместена градската „Сахат“ кула, карактеристична за градовите од османлискиот период, 26 метарско здание многу слично на она изградено во Скопје. Големиот амам и џамијата на Јашар паша вредат да се посетат при обиколката на Приштина. Лоцирани речиси еден до друг, објектите можат да се разгледаат пешки за многу кратко време.

 

Приштина    Приштина    Приштина

 

 

Во периодот по Втората светска војна, особено по педесеттите години на 20 век се подигнати неколку зданија по кои Приштина беше и се уште се препознава. Ако му поставите прашање на странец, по кое здание е препознатлив градот, тогаш одговорот кој несомнено ќе го добиете е необичниот архитектонски израз на Националната библиотека. Англискиот весник „Телеграф“ неодамна го прогласи овој објект за еден од 10-те најгрди згради во светот, неславна титула за делото на хрватскиот архитект Андрија Мутњаковиќ. Инспирацијата за надворешниот изглед потекнува од пчелично саќе, а објектот е пуштен во употреба во 1982 година. Спроти некогашна „Рилиндија“, сместен е спортско – деловниот комплекс „Адем Јашари“ или некогаш познат како „Боро и Рамиз“, кој денес е оставен на забот на времето заедно со околината. Наспроти препознатливите објекти од минатото, во Приштина денес се подигаат или целосно се реконструирани бројни зданија за кои ќе говориме во наредното продолжение од репортажата.

Back to Top
Cloverstack View Drop Down
Admin Group
Admin Group
Avatar

Joined: 01-Sep-2007
Location: Скопје
Online Status: Offline
Posts: 12453
  Quote Cloverstack Quote  Post ReplyReply #3 Posted: 05-Jun-2013 at 01:44
РЕПОРТАЖА: Приштина   (II дел)

Станбени згради ја преплавија Приштина, „Лакришта“ ќе и ја донесе величината на метропола


Панорамскиот поглед на Приштина денес е радикално сменет во споредба со оној од пред десетина години. Бројот на објекти што го задржале некогашниот надворешен изглед е речиси сведен на минимум, дел од нив, како што е хотелот „Унион“ во строгиот центар, се веќе минато, а останатиот дел, како што се хотелите „Илирија“, зградата на „Рилиндија“, некогашната Народна банка на Косово  и „Гранд“ хотел, се реконструирани или во моментов се надoградуваат до тој степен што воопшто не личат на некогаш препознатливите зданија. Квартот со облакодери „Лакришта“ е гордост на секој жител на градот, а новите станбени населби од типот на „Арберија“ и „Калабрија“ ги урбанизираа голите ридови околу Приштина. За претставниците на странските мисии и најбогатиот слој на граѓани се изградени комплекси од затворен тип со решени инфраструктурни проблеми кои инаку го тиштат населението на градот.

#    #    #

 

Архитектите добија можност да се натпреваруваат со предлози за планираните облакодери во приштинскиот сектор „Лакришта“. Некогашната индустриска зона на влезот на Приштина, од правецот на Косово Поле, во блиска иднина треба да ги прими футуристичките кули. На површина од 56 хектари е зацртано да се изградат повеќе висококатници, меѓу кои Светскиот трговски центар, комплексот ЕНК, комплексот Аксис, кулата Пејтон и комплексот Хуси. Вкупната инвестиција на само едно од зданијата – комплексот ЕНК е предвидено да изнесува 400 милиони евра.

#    #    #

 

Изградбата на овој комплекс започна во 2009 година, а според првичните планови истиот треба да се комплетира до 2015 година. Се состои од три кули, од кои едната е со височина од 42 ката (165 метри) и е наменета за канцелариски простор, во втората кула со 24 ката ќе се смести хотел, а третата кула со 20 ката ќе има функција на станбена зграда. Идејното решение предвидува и четирикатен шопинг центар и неколкукатен подземен простор. Иако првата фаза од подигањето на комплексот ЕНК требаше да заврши до 2013 година, градежните работи во моментов се одвиваат преспоро.  Во изминатиов период се завршија подземните катови наменети за паркинг, а допрва следува издигнувањето на комплексот во висина. Потврда за сериозноста на проектот пристигна со потпишувањето на договорот со австриската Рајфајзен банка, чија косовска експозитура ќе се лоцира во највисоката кула наменета за канцелариски простор.

#    #    #

 

Друг облакодер вреден за споменување е Светскиот трговски центар во Приштина. Лоциран веднаш до новоизградениот надземен кружен тек во Лакришта. Предвидено да се изгради објект со 24 ката со функција на деловен простор, висококатница со станбени единици, хотел и трговски центар, со вкупна површина од 114.000 метри квадратни. Исто како и останатите зданија од квартот, комплексот ги проби крајните рокови за негово завршување, а состојбата на терен покажува дека досега се завршени темелите и подземните катови. Најдалеку во остварувањето на замислената идеја отиде комплексот „Аксис“. Помалите објекти од овој комплекс се речиси завршени, левото крило ја доби планираната надворешна визура, додека десниот сегмент е доведен на ниво на карабина. Преостанатиот дел од комплексот треба допрва да се изведе, а според проектната документација тој во иднина ќе се состои од трговски центар и простор наменет за канцеларии на површина од 80.000 метри квадратни.

#    #    #

 

Булеварот „Мајка Тереза“ е главната локација на која се издигнуваат неколку нови зданија. Особен впечаток остава косовското седиште на ПроКредит банка, кое несомнено претставува најпрефинетиот деловен простор во градот кој плени со извонредната архитектура. На десетина метри од овој објект, во моментов се работи на новата католичка црква во престолнината, која го носи името на Мајка Тереза и е формално отворена за посетителите во 2010 година. Приштинци ќе ви раскажат дека сегашното здание всушност претставува возобновување на некогашната католичка црква, која се наоѓала во центарот на градот. На неколку стотини метри од нејзе, на локацијата спроти Факултетот за образование и познатата Национална библиотека е сместена православна црква, која опкружена со бодликави живи недоградена стои уште од времето на заминувањето на српските власти од Косово. Кон крајот на април годинава, беа избрани двата победнички труда за новата џамија во центарот на Приштина. На меѓународниот конкурс беа поднесени 81 дела, а на него учествуваше и архитектонското биро на Заха Хадид. Финалниот изглед на огромниот верски објект ќе биде познат по целосната изработка на проектната документација.

#    #    #

 

Со забрзаниот подем на градежништвото, дојде и до реконструкција на најголем дел од старите градби. Во главниот град на Косово се променија фасадите на неколку згради што оставиле трага во сеќавањето на постарите граѓани. Како и во Скопје, некогашното новинско – издавачко претпријатие „Рилиндија“ згасна со бурните времиња што го зафатија Косово, а 20-катната зграда во 2009 година беше пренаменета во седиште на три косовски министерства и неколку владини агенции. Реконструкцијата вредна 14 милиони евра се изврши по архитектонско решение кое предвиде целосна промена на надворешната изглед, со што објектот доби модерна застаклена фасада, но и промена на ентериерот.  Левото крило на познатиот „Гранд“ хотел во Приштина исто така е целосно реконструирано, додека обновата на останатиот дел од зградата треба да започне наскоро.

#    #    #

 

Строгиот центар на косовската престолнина беше препознатлив по хотелите „Илирија“ и „Унион“. По големиот пожар што ја зафати некогаш симпатичната зграда на „Унион“ подигната во 1927 година, одлучено е малото здание да се сруши во целост. Сепак, заедно со изведбата на централниот плоштад „Ибрахим Ругова“, веднаш до театарот, се возобновува и оваа зграда. На само 50-тина метри од него, хотелот „Илирија“ се надогради и детално се реконструираше во класицистички стил и свечено се отвори пред неколку месеци. Ниту некогашниот, ниту сегашниот изглед не ветуваат архитектонска вредност на објектот, но затоа пак Приштина го доби неопходниот хотел со пет ѕвездички во центарот на градот. Веднаш спроти двата хотела се наоѓа и седиштето на Владата на Косово. Слично на останатите објекти, некогашното седиште на Народната банка на Косово доби нова застаклена фасада и целосна внатрешна санација на објектот. Впрочем, најголем дел од реконструираните објекти во строгиот центар на градот служат како седишта на владини министерства и агенции, но и на бројните странски мировни мисии и претставништва.

#    #    #

 

Во Приштина најинтензивен развој доживува изградбата во станбениот сектор, а како комплетно нови се јавуваат населбата „Арберија“, што се протега на ридот над железничката станица во Приштина, како и населбата „Калабрија“, која е лоцирана на самиот влез на Приштина, покрај магистралниот пат кон Скопје. Висината на градбите достигнува и над 10 катови, а некои од нив имаат пристоен надворешен дизајн. Основната негативност кај нив е збиеноста во просторот. Кај дел од зградите се јавува проблемот со паркиралишта, бидејќи немаат воопшто или пак имаат премал број на паркинг места за автомобили. Кога сме кај живеалиштата, несомнено треба да се напомене студентскиот град во Приштина, чија пространост и организираност е една од изненадувачки позитивните карактеристики, со која Скопје не може да се пофали.

#    #    #

 

Во Приштина недостигаат хотелски капацитети за сместување на посетителите на градот. Покрај обновеното здание на некогашна „Илирија“, во Приштина функционира и луксузниот хотел „Емералд“, лоциран долж магистралниот пат од Приштина кон Скопје. Пред пуштање во употреба е зданието „Арена“, највисокиот хотел во Приштина кој е сместен во централното градско подрачје. Заедно со неколкуте облакодери во квартот „Лакришта“, главниот град на Косово во наредните години треба да добие неколку хотели со пет ѕвездички кои во моментов му недостасуваат. Сместувањето на туристите во Приштина досега се одвиваше во огромен број на хотели со помал капацитет, распрснати низ градот.

#    #    #

 

Ако се говори за странските посетители, тогаш несомнено треба да се споменат и комплексите од затворен тип, како што се „Интернационалното село“ и елитниот комплекс „Маригона“. Како затворени населби, двата се сместени на неколку километри надвор од градот. Комплексот „Маригона“ се простира на површина од 32 хектари и самиот по себе претставува нов град. Со 159 куќи за домување, болница, училиште, градинка, трговски центар, хотел, ресторани и ноќни клубови, истиот претставува затворен град за имотните граѓани, лоциран покрај патот кој ги поврзува Скопје и Приштина.

#    #    #

 

Крајот на репортажата е наменет како заклучок на целокупната градежна активност во косовската престолнина. Планот за зголемување на бројот на жители на 650.000 до 2020 година претставува остварлива идеја. Сепак, како и во останатите балкански градови, Приштина не успева да одолее на желбата на нејзините граѓани да живеат во центарот на градот или барем во непосредната околина. Густината на објектите во строгото централно подрачје е преголема, а масовното градење на околните населби се врши на идентичен начин. Секој надворешен посетител добива впечаток дека целата градежна активност се одвива за сметка на постојниот слободен јавен простор и зелените површини, со што се намалува квалитетот на живеење во градот. Сепак, со сите предности и маани, Приштина со сигурност постана исклучително атрактивна локација за архитектите и за градежните компании.





(Следува: Градската инфраструктура е најгорливиот проблем на Приштина)

Back to Top
ink View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 01-Dec-2010
Location: Bulgaria
Online Status: Offline
Posts: 530
  Quote ink Quote  Post ReplyReply #4 Posted: 05-Jun-2013 at 12:08
Еве и судската палата на Приштина,коja се гради во моментот от ГБС.











Edited by ink - 05-Jun-2013 at 12:09
Back to Top
 Post Reply Post Reply

Forum Jump Forum Permissions View Drop Down



This page was generated in 0.142 seconds.

Copyright ©2007 - 2024  build.mk

Коментарите на форумот претставуваат лично мислење на нивните автори и не претставуваат официјален став на build.mk.