build.mk Homepage
Forum Home Forum Home > Останати теми > Фото/Видео > Културно наследство
  Active Topics Active Topics
  FAQ FAQ  Forum Search   Register Register  Login Login

Манастир Свети Ѓорѓи на Тиквешко Езеро

Bookmark and Share
 Post Reply Post Reply
Author
Message
  Topic Search Topic Search  Topic Options Topic Options
kultuzin View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 07-Nov-2010
Online Status: Offline
Posts: 3811
  Quote kultuzin Quote  Post ReplyReply #1 Topic: Манастир Свети Ѓорѓи на Тиквешко Езеро
    Posted: 30-Oct-2013 at 16:10
Магично место што крие оригинални фрески од 14 век


Единствениот пат до ова мирно и магично место, отсечено од селата во околината, е по вода и е долг цели 12 километри. Друг начин да стигнете до него нема. Но по само неколку минути пред вас се простира прекрасен пејзаж, а по час и половина среде езеро, конечно се наѕира воодушевувачка глетка, манастирски комплекс што ве остава со подотворена уста


За научниците - бисер на македонската средновековна уметност, за народот - бисер на Тиквешијата. Еден од најстарите и најзначајни манастири во Македонија, „Свети Ѓорѓи“, кај народот познат како Полошки манастир, е исклучителен примерок од доцната византиска архитектура. Се наоѓа кај Кавадарци, на левиот брег од Тиквешко Езеро, сместен меѓу падините на планината Вишешница, на границата помеѓу Тиквеш и Мариово. Единствениот пат до ова мирно и магично место, отсечено од селата во околината, е по вода и е долг цели 12 километри. Друг начин да стигнете до него нема. Но по само неколку минути пред вас се простира прекрасен пејзаж, а по час и половина среде езеро, конечно се наѕира воодушевувачка глетка, манастирски комплекс што ве остава со подотворена уста.

Незаслужено на светската листа на загрозени споменици

Овој споменик на културата, заштитен со закон, неодамна се најде на листата на 67 најзагрозени споменици на Светскиот споменичен фонд, како единствен од Македонија и еден од трите на Балканот (другите два се во Романија).

Во извештајот беше укажано на лошата состојба во која се наоѓаат фреските во црквата, дека штетата од влагата е очигледна на многу места и дека не постои сериозен план за зачувување и управување со местото. Тоа беше и повеќе од доволен повод за посета на црквата, именувана по светиот великомаченик Ѓорѓи.

Но кога ќе се симнете од кајчето и ќе го искачите брдото пред вас, ве чека сосема поинаква слика - огромен комплекс со црква и прекрасен конак, опколени со богата земја и со сигурен потенцијал за враќање на манастирскиот туризам. Пред него, искушеничка ги носи козите на пасење. Нѐ поздравува од далеку и си продолжува со својата работа. Црквата, закотвена во прекрасно уредената градина, не е навикната на гости. Само ретките намерници доаѓаат поради непристапноста на местото. Единствени жители на манастирот се сестра Магдалена и две искушенички. Повремено со кајче доаѓаат и работници, кои го градат вториот конак. До црквата, ѕидана од камен и тула, е сместена трошна камбанарија, изградена уште во 1930 година, но тоа не е нејзината вистинска местоположба. Откако ќе се изгради и новиот конак, тогаш и камбанаријата ќе биде преместена, а комплексот ќе блесне со сиот сјај.

Непознат сѐ до 1980-тите години

Катанецот на црквата е заклучен, но сестра Магдалена е тука да ги отвори портите и пред вас да блесне прекрасниот фрескопис, изработен по барање на ктиторката Марија, која ангажирала врвни зографи да ја живописаат внатрешноста уште во периодот од 1343 до 1345 година. Според стилот и начинот на работа, зографите најверојатно потекнувале од светогорската сликарска школа, но нивните имиња, за жал, не се познати. Нартексот на црквата, пак, бил изграден подоцна, во 17 век.

Полошкиот манастир за јавноста бил непознат сѐ до 1980-тите години, кога започнале археолошките истражувања, конзервација на архитектурата на црквата и симнување на фреските. Претходно, манастирот бил напуштен, а осамената црква незаштитена, оставена на забот на времето. Местото било засолниште за рибарите што доаѓале на Тиквешко Езеро.

Стручни екипи, предводени од историчарот на уметност Димитар Ќорнаков, во 1980-тите извршиле темелни истражувања, при што се откриени многу мистерии поврзани за комплексот. Тогаш биле откриени и оригиналните фрески од 1609 година, дотогаш непознати за јавноста, како и првобитниот слој на живописот од 14 век. Тука се историските портрети на Драгушин, на неговата сопруга Ана и нивниот син, како и ктиторскиот портрет на мајката на Драгушин, Марија. Над овие портрети се откриени и портрети во природна големина на кралот Стефан Душан, неговата сопруга Елена, синот Урош, како и портрет на свети Ѓорѓи, патронот на црквата. И денес во манастирот се наоѓаат првобитните фрески од 14 век.

Петре Камчевски, директор на Музеј и галерија-Кавадарци, вели дека квалитетот на фреските од 17 век е далеку под нивото на оние од 14 век. Тој бил во екипата што работела на терен и присуствувал на сите фази од ретуширањето и конзервацијата на фреските, кои траеле цели осум години.

Фрескоживописот во „Св. Ѓорѓи-Полошки“ денес се смета за еден од најуникатните во нашата традиција. Изобилува со драматични сцени и композиции од животот на Исус Христос и Богородица. Станува збор за исклучителни фрески, кои се влезени во најрепрезентативните збирки на средновековното фрескосликарство во Македонија. За нивното проучување, пак, бил покажан интерес уште во 1931 година, кога биле објавени првите теренски податоци. Меѓу најуникатните претстави е циклусот „Успение на Пресвета Богородица“ со невообичаениот став на Исус Христос наведнат над Богородица, дарувајќи ѝ го последниот бакнеж. На неколку фрески светците немаат очи.

- Долго време се мислеше дека партизаните го имаат направено тоа. Меѓутоа, пред десетина години најдовме документ од рускиот полковник Николај Сурин, кој бил во Полошкиот манастир во 1905 година како претставник на воените сили што ги следеле реформите во отоманскиот период. При својата посета констатирал дека турските војници се виновни за оштетувањето на фреските - објаснува Камчевски.

Најоштетени, над 50 отсто, се фреските на долниот дел од ѕидовите. Во времето кога не се знаело за комплексот, овој дел од црквата бил под земја и без хидроизолација, па влагата го уништила живописот.

- Кога станува збор за оштетување на фрески од ваков тип, за жал, тие не може да се реставрираат, но можат да се заштитат од хемиско распаѓање само со конзервација. Во црквата се изврши солидна конзервација. Се откопуваше сѐ од темел, беше направена хидроизолација од олтарниот кон јужниот дел и се поставија дренажни цевки, кои ја заштитуваат црквата од влага. Последната интервенција беше во ќерамидите од нартексот, кои беа видно оштетени, но целосно ја покривме црквата - вели Камчевски.
Тој тврди дека местото на манастирот не треба да биде на листата на Светскиот фонд за споменици, бидејќи тука редовно доаѓале експерти, кои правеле увид.

- Црквата е во солидна состојба, а повремено доаѓаат и експерти од Националниот конзерваторски центар и од Управата за заштита на културното наследство. Никој досега не констатирал дека манастирот е во алармантна состојба - дециден е Камчевски.

Врвни експерти го посетиле манастирот

Полошкиот манастир бил предизвик за многу домашни и странски научници и историчари на уметност поради начинот на градба, местоположбата и сликањето на црквата. Слободан Ќурчиќ, врвен експерт за византиска архитектура и професор во пензија на универзитетот „Принстон“ во Њу Џерси, дошол да ја истражува црквата. Го заинтригирало како може фреските на свети Ѓорѓи, царот Душан, Урош и Марија, да бидат толку добро зачувани цели толку векови и што е тоа што ги штитело од секакви временски непогоди. Утврдил дека пред црквата имало отворен трем, кој ги штител портретите од лошото време.

И истакнатиот српски археолог Ѓорѓе Мано-Зиси го посетил манастирот во почетокот на 20 век. Еден од најдобрите наши познавачи на средновековната историја на уметност Цветан Грозданов, кој честопати доаѓал во манастирот да направи увид на она што е направено, рекол дека „Полошкиот манастир е вистински бисер на средновековната уметност“.

Црквата поседува и врвни резбарски дела, дел од ентериерот се чува во музеите. Познат е големиот иконостасен крст со богата резба, искован и на милениумската серија монети од еден денар. Бил изработен во 1584 година, а мајсторите не се познати. За да се заштити од уништување, големиот крст се чува во Галеријата на икони во Музејот на Македонија. Крстот е најстарото зачувано распетие на Христос и е еден од најрепрезентативните предмети во нашето богатство.

Значаен е и полилејот (црковен лустер), најстара датирана резба во Македонија од 1492 година. Во исто време биле направени и иконостасот и двокрилната врата со плитка резба. Во црквата се поставени копии од вратите, додека оригиналите се конзервирани и се чуваат во Музеј и галерија-Кавадарци. Зачуван е и фрагмент од столот што се наоѓа во Народниот музеј во Велес. Иконата од св. Илија се наоѓа во Музејот во Прилеп, а импозантната икона од св. Ѓорѓи на коњ во кавадаречкиот музеј. Крстилницата, пак, која датира од 1607 година, е сместена во нартексот, а изработена е од мермер. Познато е и дека тука имало и многу богата библиотека.

Заживува монашкиот живот

Полошкиот манастир имал активен монашки живот сѐ до крајот на 19 век. Тука живееле дваесетина монаси предводени од игумен. Монасите одгледувале добиток, обработувале земја, имале имот со лозја, а одгледувале и ориз. Манастирот поседувал и винарница во која се правело квалитетно вино, а рецептот се чувал како највредна тајна, која се предавала од старешина на старешина.

Полошкиот манастир имал два конака, источен и јужен, со 18 соби. Секое село си имало своја соба, локалните жители доаѓале за Голема Богородица и за Ѓурѓовден. По истражувањата и санирањата на црквата, од 2009 година конечно е обновен и еден од конаците, па сега таму, по два века, сестра Магдалена и искушеничките го враќаат монашкиот живот. Голема помош добиваат од повардарската епархија, предводена од владиката Агатангел.

- Предвидено е да има неколку соби, каде што ќе може да преспиваат верниците, соби за монасите, свештениците и за владиката, трпезарија, библиотека и галерија. Знаеме кога почнавме, но не знаеме кога ќе завршиме со изградбата на конакот. Транспортот е многу тежок, со оглед дека единствениот пат до манастирот е по вода - вели сестра Магдалена.

Таа и искушеничките имаат полни раце работа. Одгледуваат 40 кози и прават козјо сирење и кашкавал. Одгледуваат и овошје и маслинки. Имаат живина, еден прекрасен паун и три шарпланинци. Манастирот заживува и духовно, па наскоро, како што велат оттаму, тој ќе биде еден од најживите во Македонија со постојан монашки живот.

Моштите не биле на Драгушин

Црквата „Св. Ѓорѓи“ е позната уште и како мавзолеј, бидејќи во археолошките ископувања биле пронајдени 18 скелети, главно од монаси што живееле во манастирот. На ова место се претпоставувало дека почива Драгушин, брат на царот Душан, но експертите дошле до друго сознание.
- По конзервацијата, манастирот го посетивме со екипата што работеше на проектот. Го отворивме гробот што се сметаше за вечно почивалиште на Драгушин. Покривната плоча беше скршена, гробот осквернавен, но коските беа на местото. Ги испративме на испитување во Институтот за остологија во Полска, кој располага со најсовремена технологија, и резултатите покажаа дека коските не се на Драгушин, туку од постар човек. Уште не се знае каде се неговите мошти - раскажува Камчевски.

Автор: Ивана Нолчева Фотографија: Дарко Андоновски

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=103013942113&id=26&prilog=1&setIzdanie=23014



Edited by kultuzin - 30-Oct-2013 at 16:11
Back to Top
 Post Reply Post Reply

Forum Jump Forum Permissions View Drop Down



This page was generated in 0.111 seconds.

Copyright ©2007 - 2024  build.mk

Коментарите на форумот претставуваат лично мислење на нивните автори и не претставуваат официјален став на build.mk.