build.mk Homepage
Forum Home Forum Home > Останати теми > Останати теми
  Active Topics Active Topics RSS Feed: Образование
  FAQ FAQ  Forum Search   Register Register  Login Login

Образование

Bookmark and Share
 Post Reply Post Reply Page  <123>
Author
Message
  Topic Search Topic Search  Topic Options Topic Options
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 15970
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #21 Posted: 01-Feb-2022 at 14:43
УКИМ најдобро рангиран во земјава, но генерално тонеме на светската листа на универзитети

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) останува најдобро рангирана високообразовна установа во земјава на светската листа на универзитети на Webometrics Ranking of World Universities (Вебометрикс). УКИМ во јануарското рангирање на универзитетите се наоѓа на 1.594-то место, односно за 100 позиции подолу во споредба со рангирањето од јули 2021 година.

На втората позиција во земјава е Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, којшто е рангиран на 3.711-то место меѓу светските универзитети, наспроти 3.153-тата позиција што ја заземаше на рангирањето пред шест месеци.

Треторангиран на листата е Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово, којшто годинава во јануари се наоѓа на 4.547-то место, додека лани во јули ја имал 4.094-тата позиција на светската ранг листа.

Рејтингот на Државниот Универзитет од Тетово е 4.610-та позиција на рангирањето во јануари 2022 година, наспроти 4.475-тото место што го освоил во јули 2021 година.

За уназадувањето да биде комплетно, Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола на светската листа во јануари 2022 година го зазема 6.304-тото место, додека на претходното рангирање на Вебометрикс се наоѓал на 5.439-та позиција.

Меѓу горните позиции на коишто се рангирани вкупно 22 високообразовни установи во земјава, подобрување во рангирањето во јануари 2022 во споредба со јули 2021 година има кај Меѓународниот Балкански Универзитет на 8.877-та позиција и Универзитетот на информатички науки и технологија од Охрид кој се зацвртил на 14.444-тата позиција на светската листа на најдобри универзитети.

Инаку, на последното рангирање меѓу 500-те најдобри универзитети во светот се најде Универзитетот во Белград, како и водечките високообразовни установи од Чешка, Полска, Грција, Словенија и други земји од Југоисточна и Средна Европа. На првата позиција, како најдобар универзитет во светот и во јануари 2022 година е рангиран Универзитетот Харвард од САД.

https://meta.mk/ukim-najdobro-rangiran-vo-zemjava-no-generalno-toneme-na-svetskata-lista-na-univerziteti/
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 15970
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #22 Posted: 03-Feb-2022 at 07:54


ржавниот универзитет УКИМ паднал сто места на светското рангирање на универзитетите. Уште поголем пад имаат дел од приватните универзитети во земјава. Пишувавме за тајниот бизнис-модел за добивање на дипломи без учење на некои од приватните универзитети. Имапше случај кога вработен во УБК „положил пет испити“ пред воопшто да се запише на факултет.

https://prizma.mk/tajniot-biznis-model-so-diplomi-bez-uchene
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 15970
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #23 Posted: 18-Feb-2022 at 09:58
Средствата наменети за научно истражување се на исклучително ниско ниво или помалку од 0,00033 % од Буџетот на државата, споредено со околу 2 % во европските земји и околу 1 % во земјите од опкружувањето. Над 50 % од нив се наменети за покривање школарини во странство, што нема допирна точка со научноистражувачката работа, вели Јанкуловски

Според последното рангирање на универзитетите на „Вебометрикс“, УКИМ е најдобро рангиран универзитет во земјата. Но, споредено со рангирањата од претходната година, се забележува пад од сто места во последните шест месеци. На што се должи ова, што се смени за овие шест месеци и што сѐ се прави за подобрување на наставната програма, разговараме со проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ. Тој за Факултети.мк вели дека во моментов се работи на создавање на Националната иницијатива за отворена наука, за која се надеваат дека ќе доведе до поефикасно искористување на научноистражувачките, професионалните, материјално-техничките ресурси во државата и дека наскоро на неа ќе ѝ се придружат и другите универзитети од државава. За последните рангирања, како и за начините на нивно подобрување, Јанкуловски вели: Што се однесува до „Вебометрикс“, методолошките промени во процесот на рангирање се доста фреквентни и потребно е постојано да се следат. Во јануари 2021 година УКИМ донесе правила за поголема присутност на наставно-научниот кадар во интернет-просторот. Листата на „Вебометрикс“ во моментов дури 60% од рангирањето го базира на индикатори кои се однесуваат на интернет-сообраќајот и Google Scholar профилите на наставно-научниот кадар. Нашата проактивност искажана преку зголемување на бројот на профили на наставно-научниот кадар на платформите на Google Scholars, Research Gate и ORCID доведе до благо подобрување на нашата рангираност, што во тој момент беше и наш влез помеѓу првите 1.500 од над 30 илјади рангирани институции, односно помеѓу најдобрите 5% на планетата. За жал, потоа дојде до промена на методологијата на рангирањето и индикаторот за присутност е укинат.

Сега евалуацијата и рангирањето се изведуваат врз база на само 3 индикатори: евалуација на интернет-содржините и сообраќајот, како и отворениот пристап до податоци, што како индикатор носи дури 50% влијание, потоа индикатор за анализа на цитираноста на најдобрите 210 Google Scholar профили од институцијата со 10 % влијание и евалуација на научноистражувачката работа и извонредноста, преку индикатор за анализа на бројот на публикации, во списанија рангирани во 10 % најцитирани по научни дисциплини, согласно SCIMAGO ранг-листата на SCOPUS со 40 % тежинско влијание.

Ова доведува до нова прераспределба на тежинските влијанија на индикаторите, односно ренормирање на методологијата, што ги прави резултатите неспоредливи. Од наведените причини, сервисот „Вебометрикс“ истакнува дека поради честото менување на методологијата, историски гледано, резултатите не се компарабилни. Промената на методологијата и новите тежински фактори доведоа до извесен пад во позиционираноста на УКИМ на ранг-листите. И двете ранг-места (1.493. и 1.611.) се во рамките на варијациите карактеристични за вакви листи, кои се должат на промени во Вебометрикс-методологијата, а не на шестмесечни осцилации во квалитетот на универзитетите.

Дискусијата околу рангирањето треба да биде порака дека мора да бидеме поактивни и проактивни, да сработиме повеќе и да го зголемиме својот придонес кон заедничките цели. За среќа, резултатите што се постигнуваат во академското творештво се јавни, транспарентни, мерливи и споредливи, а ние веќе ја објавивме анализата на резултатите за нашите активности во научноистражувачката работа за последните 30 години, како и посебно за 2021 година на нашата веб-страница. Таа е правена според рефералната база SCOPUS.
Во анализата се опфатени научноистражувачките трудови за периодот 1991-2021 година, индексирани во базата SCOPUS и генерирана е листа на 160 автори, кои најмногу придонеле за УКИМ, при што секој од нив учествува во авторство на над 22 индексирани труда за анализираниот период.

Во рангирањето на „Вебометрикс“ се земаат предвид и новите истражувања на професорите и нивното влијание во светот. Колку и кои истражувања на УКИМ последната година се најзначајни и највлијателни?

- Интересно прашање на кое е речиси невозможно да се даде издржан одговор. Како прво, за мене не постои незначајна наука. Секое истражување е значајно. Кога тоа е прифатено во списанијата кои објавуваат резултати од научните истражувања и имаат значаен фактор на влијание, резултатите од истражувањето добиваат шанса да влијаат врз другите истражувачи во планетарни размери. Бројот на цитирања на една научна публикација укажува на влијанието што го има таа. Сепак, постојат научни дисциплини во кои дејствуваат огромен број истражувачи, некои се значително помали, така што земањето на цитираноста како единствен и универзален показател е несоодветно. Доколку трудот е објавен во 2021 година, неговата цитираност најверојатно до крајот на годината ќе биде многу мала, некои публикации објавени кон крајот на годината нема да бидат воопшто цитирани. Самиот процес на подготовка на научен труд трае извонредно долго. Ова е исклучително компетитивен и долготраен процес, во кој илјадници автори се обидуваат да печатат во најдобрите светски списанија. Кога на крајот трудот ќе се објави, дали е во ред јас или кој било друг да каже дека тоа е најдобриот или највлијателниот. Тоа ќе го покажат времето, цитираноста, применливоста на трудот, како и најразличните индекси со кои се оценува влијанието на еден труд или на еден автор. Во базата SCOPUS е листата од 572 публикации, кои се најдобрите истражувања на УКИМ за 2021 година.

Научните истражувања најмногу се финансираат преку европските фондови

Долги години наназад универзитетите се жалеа дека од државата се одвојуваат премалку средства за наука и дека тоа сериозно влијае врз квалитетот на нивната работа. Се промени ли нешто, каква е сега состојбата?

- Да, таа реалност за третирањето на научноистражувачката работа во државата е констатирана и многупати потенцирана, но за жал, без позначајни исчекори во насока на надминување на таквата состојба. Средствата што се издвојуваат за научноистражувачка дејност (НИД) изнесуваат помалку од 0,00033 % од Буџетот на државата, според Програмата за НИД за 2021, што претставува исклучително ниско ниво, споредено со просекот од околу 2 % во европските земји и околу 1 % во земјите од опкружувањето. Дополнително, од средствата што се издвојуваат од Буџетот за научноистражувачка дејност во нашата држава, над 50 % се наменети за покривање школарини во странство, што нема допирна точка со научноистражувачката работа. Тоа значи дека од и онака нискиот буџет, исклучително малку средства се насочени за поддршка на научноистражувачката работа и тоа за следните форми: поддршка на публикации печатени во списанија со импакт-фактор и индексирани во рефералната база на Web of Science (WoS) на Clarivate Analytics, како и проекти во неколку билатерални програми. Неопходни се итни мерки за поддршка на научноистражувачката работа, првенствено итно во основните форми за: финансирања на научноистражувачки проекти во сите научни подрачја и области, со јасни критериуми за испорачување резултати, што, заедно со истражувачката инфраструктура треба да создаде компетитивни услови. Претплати на индексациските бази за академската заедница на универзитетите во државата, од кои најпрестижна е WoS на Clarivate Analytics, а со голем опфат втора по значење е SCOPUS на Elsevier. Пристапи до научна литература и претплати на електронските библиотечни сервиси, како Science Direct.

Во услови кога отсуствува финансиска поддршка на науката, дали може да се идентификуваат други извори на средства кои се користат за финансирање на научноистражувачка работа?

- Најзначаен финансиер на научноистражувачките активности од кои произлегуваат најквалитетните научноистражувачки трудови се европските фондови. Европската комисија е на прво место, а потоа е Европската соработка за наука и технологии (COST), програмата Н2020 и други. Интересно е дека како поддржувачи на нашите научни истражувања се јавуваат министерства и институции од регионов и пошироко. Меѓу првите 15 спонзори на научноистражувачките активности на УКИМ ги нема МОН, Фондот за иновации, ниту која било од другите национални институции задолжени за развојот на научната мисла и технолошкиот развој во државава. За наука, покрај добар научен кадар, стандарди и проактивност, потребни се и време и финансиски средства. Во случајот на високото образование кај нас, очигледно е дека не може да зборуваме за посветеност на државата за обезбедување пристап до оптимални финансиски средства за наука, што влијае и врз квалитетот на научноистражувачката работа.
Податоците укажуваат дека УКИМ е носителот на научноистражувачките активности во државата, и тоа: 10 % од врвните цитирани публикации на планетарно ниво, научноистражувачката актива од државата учествува со 10,2 %, од кои на научниците на УКИМ им припаѓаат 10,1 %, односно неполни 100 % од опфатот на Македонија. Во 10 % највисоко цитирани списанија на светско ниво, индексирани во SCOPUS, автори на УКИМ публикувале 14,1 %, а целокупната научноистражувачка актива од државата учествува со 15,1 %, што значи 93 % од опфатот на земјава припаѓаат на УКИМ.

Владата лани одвои повеќе средства за наука преку МОН за обнова на научните лаборатории и за истражувачки проекти. Колку од нив се издвоија за УКИМ?

- Во втората половина од минатата година МОН одобри финансии за набавка на 37 научноистражувачки лаборатории за единиците на УКИМ, наменети за повеќе научноистражувачки подрачја, што е одлична активност која треба да биде стандард и континуирано да се применува во иднина. Поддршката се однесуваше на акредитирани лаборатории. На високообразовните институции во државата потребна им е научноистражувачка инфраструктура за да може академската заедница, студентите и наставно-научниот кадар да истражуваат, да иновираат, да развиваат нови процеси и технологии. МОН лани одвои средства за научноистражувачки проекти само за ограничена целна група, односно додели 7 проекти за јавни научни установи во државата, од кои 4 се придружни членки на УКИМ. Тоа е добар исчекор имајќи предвид дека цели 15 години во нашата држава ниту една институција не финансирала научноистражувачки проекти за академската заедница во државата. Се надевам дека многу брзо ќе следува стимулирање на поголеми инвестиции за истражување и развој, преку финансирање на проекти во сите научни подрачја. Тоа ќе придонесе кон повисока компетитивност на нашите истражувачки тимови при вклучување во меѓународни проекти и нивно влијание врз развојот на државата.

Што, според Вас, е потребно да се промени за да се зголеми квалитетот на работење на факултетите?

- Од надворешните причини за проблемот на работа на еден универзитет би споменал само дел: долготрајно нефинансирање на научноистражувачките активности од страна на државата; редуциран пристап до научноистражувачка литература и индексирачки бази на научноистражувачки публикации; пререгулираност во Законот за високо образование, по однос на стекнување на наставно-научните и научноистражувачките звања и законски решенија кои овозможуваат масовен пристап до овие звања, без запазување на квалитетот на научноистражувачката работа, односно неоставање простор, од законодавецот, на самиот Универзитет доколку сака да воведе повисоки критериуми и ефект на извонредност; исклучително ниски плати на наставно-научниот и истражувачкиот кадар; проблеми креирани од трезорското финансиско работење со меѓународните научноистражувачки проекти.

https://www.fakulteti.mk/news/17022022/kako-do-mnogu-nauka-so-malku-pari-intervju-so-prof-nikola-jankulovski-rektor-na-ukim
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 15970
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #24 Posted: 02-Mar-2022 at 07:55
Стогодишниот Филозофски си го прогнозира својот крај

На факултет каде што професори веќе предаваат и по осум предмети, иако најмногу четири се дозволени, очекуваното пензионирање на 26 членови на наставниот кадар во следниве години создава загриженост дека некои катедри нема да може да продолжат со работа.

Скопскиот Филозофски факултет, најстарата високообразовна институција во земјава што неодамна прослави сто години од своето постоење, во последниве десетина години е во слободен пад. Деканатот и Министерството за образование имаат различни погледи како треба да се спречи тоа. Првите бараат државата да им дозволи полесно да вработуваат кадри и да им даде повеќе пари, а вторите дека факултетот, како и целиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“, треба поефикасно да ги користи своите ресурси.

Се чини дека двете страни се заглавени во своите аргументи.

Ќе останат катедри со тројца луѓе

Еден век високо образование, еден век државотворност“, беше мотото со кое во декември 2020 година Филозофскиот факултет ја прослави својата стогодишнина, со ограничени манифестации, ковид-протоколи и со онлајн-обраќања.

Деканот Ратко Дуев раскажува дека државотворноста на факултетот најмногу дошла до израз по Народноослободителната борба, кога почнала да се гради современата македонска држава, а со тоа и нејзиниот образовен систем.

„Во 1946 година, луѓето сериозно се зафатиле со градење на државата, нашиот факултет имал клучна улога. Се носеле цели паралелки за да се образуваат на други места, се отворале катедри, се граделе капацитети. До 1956 година бил направен Универзитетот „Свети Кирил И Методиј“ во рамки приближни на денешните. Значи за само десет години, со сериозно работење успеале да направат солиден универзитет, а во последниве 30 одиме надолу“, вели Дуев.

Речиси сите катедри на факултетот се во ризик да не можат да продолжат со функционирањето, вели деканот, но состојбата е особено драматична на Социологија, каде што во следните четири години треба да се пензионираат осуммина професори, и на психологија, каде што ќе заминат 11.

Четворица треба да заминат во пензија и од катедрата за Историја на уметност и археологија, каде што сега има деветмина професори, според податоците од деканот. Нешто полесно, но не без проблеми, е на катедрите за филозофија, безбедност, одбрана и мир, и на другите.

Уште поголем проблем за факултетот е што од 2012 година нема ниту еден асистент, на ниедна од катедрите. Неодамна добиле согласност да примат двајца.

„Досега се намали наставниот кадар за дваесетина места, а сега ќе примиме петмина наставници и двајца асистенти, што значи повторно остануваме со помалку. Социологија може да остане со тројца луѓе, зар ќе ја затвориме“, додава Дуев.

Кадарот не е лесно заменлив, објаснува деканот, според кого се потребни десетина години за некој да магистрира, докторира, стане доцент, па вонреден професор и на крајот редовен професор. Затоа, според него, скорешните пензионирања ќе испразнат многу места.

Другиот проблем, според Дуев, е тоа што за да вработат нов кадар на место што е испразнето поради пензионирање, отказ од работа или од друга причина, треба да бараат дозволи од министерствата за образование и за финансии, исто како да станува збор за целосно нова работна позиција.

„Законот нѐ обврзува на тоа, иако нема никаква логика. Работното место постоело, таму некој работел и за него бил обезбеден буџет. Но, во моментот кога работниот однос ќе се прекине, Министерството за финансии веднаш го укинува и ги повлекува парите. Не ни се дава можност веднаш да го пополниме местото, туку оди на нова евалуација“, додава професорот.

Досега било разговарано со претседатели, премиери, министри за да се надминат проблемите, но тешко е да се убедат властите дека треба да му помогнат токму на Филозофскиот факултет.

„Постојано слушаме од државата дека треба да се јакне бизнис-секторот, да се произведуваат повеќе инженери. Не може високото образование да биде само центар за обука за потребите на стопанството. Тоа е пошироко. Треба да им даде животни вештини на луѓето, треба да му служи на општеството“, вели Дуев.

Сепак, нема гаранција дека дури и ако се надминат административните пречки, ќе се зајакне капацитетот на факултетот. Порано имало голема борба за вработување, но денес, како што објаснува деканот, со плата од 33.000 денари за доцент, високото образование е недоволно атрактивно за работната сила и не може да му конкурира на приватниот сектор.

Предност на потребите на општеството



Министерството за образование, пак, не е убедено во тврдењата на факултетот дека цели негови делови се пред затворање и дека државата е таа што може и треба да ги спаси.

„Не може да се затвораат катедрите поради недостиг од кадар. Може да се затворат од други причини, како застареност, незаинтересираност и друго, но не поради тоа“, вели Борчо Алексов, помошник-раководител за високо образование, кој одговори на прозивките од факултетот во име на институцијата.

Според него, факултетите не ги користат своите можности доволно, да земаат професори од други факултети за да вршат настава, како и експерти од пракса, онаму каде што може.

„Универзитетот подолго време работи слабо на функционалната интеграција. Ако еден предмет треба да се предава на повеќе факултети, не мора секој од нив да вработи посебен наставен кадар, туку да го користи тој од матичниот факултет. На тој начин се врши рационализација, а не така што секој факултет, па дури и секоја катедра функционираат сами за себе“, додава претставникот на Министерството.

Алексов немаше точни податоци за Филозофскиот факултет, но рече дека лани одобриле вкупно 289 вработувања на државните универзитети, од кои 169 само на скопскиот универзитет. Во пензија, пак, отишле само 40-мина од наставниот кадар.

Тој, исто така, не се согласува со ставот дека универзитетскиот кадар е тешко заменлив кога се пензионира, затоа што се потребни години за некој од асистент да се унапреди во професор и да го заземе местото.

„Погрешен е концептот на формирање кадри од асистент до професор на истиот факултет за да се пополни испразнето место. Треба да може да се јават луѓе од секаде. Имало случаи кога се одбивале луѓе со докторати од Норвешка или од Америка. Тоа е опасен концепт за високото образование. Како ќе разменуваме искуства, како ќе се унапредуваме? Дури и за асистентите е пожелно да докторираат на други места, а не на своите факултети“, објаснува Алексов.

Поради тоа, според него, нормално е да не се пополнуваат испразнетите места по автоматизам, како што смета деканот Дуев, туку треба да се прави реевалуација дали тоа место е потребно, па тогаш да се даде согласност за ново вработување.

„Механизмите за евалуација се прават според потребите на општеството. Нормално е дека студиските програми што произведуваат кадри што се вработливи добиваат предност. Не само за стопанството, туку и за општествените работи. Сега недостигаат наставници по физика, хемија, математика и се појавува потреба да се вложи повеќе во тоа“, додава Алексов.

Тој смета дека државата нема да остане без изучување на историјата, класичните студии, историјата на уметноста и на другите катедри што ги има на Филозофски.

„Сите тие имаат важност и ние го почитуваме тоа, затоа и во нив се вложува, ама предноста е на страна на оние што му се потребни на општеството“, заклучува Алексов.

Така, факултетот што го создаде универзитетот полека се губи од листата на приоритети и ја дели судбината на науката чие име го носи.

https://prizma.mk/stogodishniot-filozofski-si-go-prognozira-svojot-kraj
Back to Top
Staro Skopje View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 07-May-2013
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 2663
  Quote Staro Skopje Quote  Post ReplyReply #25 Posted: 02-Mar-2022 at 18:32
Огромен број факултети се во слободен пад. Плус со неминовниот пад на бројот на студенти, мора да има реформи, а за 10-15 години ќе се наметне реструктуирање на високото образование.
Градот убав никна, но го откорнаа
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 15970
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #26 Posted: 03-Mar-2022 at 21:55
Многу и од приватните и државните факултети се во пад,на многу од смеровите и факултетите каде до пред неколку години имаше по 1200-1300 студенти сега се сведени на бројки од едвај 500-600 и по три уписни рокови имаат слободни места(освен медицински кој сеуште е еден од најбараните).
Треба да се реструктурираат многу од студиските програми кои се неатрактивни,професорите речиси и да не издаваат трудови и книги се учи по книги од 2002-2003 што е катастрофа особено во области каде има многу новитети и каде се потребни дополнувања на секои минимум 2-3 години.
За Филозофски не ме чуди,уште пред некое време се зборуваше за недостиг на кадар но и нема баш голем интерес за посочените смерови па некои можеби има основа да згаснат или целосно да се изменат.
Сепак она што е најпоразително е што се нема сенс за некој да се зафати со вакви промени,генерално образованието е ставено на периферија од сите случувања и служи само за по некој експеримент со некој нов образовен модел на неколку години и ништо повеќе. Факултетите со нивната автономија тотално пропаднаа и на толку прибрани средства не успеаа ниту еден унифициран електронски систем за оценки и испити да направат па сеуште се прави куп бирократија на студентски прашања и слично.
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 15970
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #27 Posted: 20-Mar-2022 at 13:27
Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на 1.944-то место на Шангајската листа



Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје се најде на 1.944-то место од вкупно 2.000 Универзитети во светот на годинешната Шангајска ранг листа за 2021/2022 година составена од независната консултантска агенција Шангај ранкинг консултанс.

Овој Универзитет е единствен од Македонија кој се најде на оваа ранг-листа. Од регионот на високи места се Универзитетот во Белград на 348-мо место, Универзитетот во Љубљана на374-то место, Загре на 525-то место.

Универзитетот во Софија е на 870-то место, Универзитетот во Солун е на 409-то место.

Минатата година УКИМ бил на 1.917-то место, а оваа година има пад од 27 места.

Прв на листата со години е американскиот универзитет Харвард, втор е Масачусетс институтот за технологија, а трет е универзитетот Стенфорд.

Со критики после рангирањето излезе опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролката, Марија Митева изјави дека иако насекаде се предлагаат мерки за олабавување на рестрикциите поради корона кризата, студентите се уште посетуваат онлајн настава, имаат онлајн вежби и полагаат онлајн испити.

-Некои студенти ќе завршат 3 години, што значи ќе се стекнат со диплома без ниту еден ден настава во живо, без развој на односот помеѓу професор, асистент или колега. Потврда дека образованието е на последно место на приоритети на оваа влада видовме и на Шангајската листа каде УКИМ се најде на 1944 место, што е пад за 27 места споредено со минатата година. УКИМ е на листата позади Белград, кој е во првите 500 универзитети, позади Загреб, Љубљана и бројни други факултети од регионот, обвини Митева.

https://fokus.mk/univerzitetot-sveti-kiril-i-metodij-na-1-944-to-mesto-na-shangajskata-lista/?
Carpe diem
Back to Top
Staro Skopje View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 07-May-2013
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 2663
  Quote Staro Skopje Quote  Post ReplyReply #28 Posted: 22-Mar-2022 at 12:40
За жал на добар пат е да ја напушти листата.
Градот убав никна, но го откорнаа
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 15970
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #29 Posted: 22-Mar-2022 at 17:58
УКИМ го нема на Шангајската листа, јавноста се дезинформира со стара вест

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје воопшто не се наоѓа на Шангајската листа на најдобри универзитети што ја објавува независната консултантска агенција „Шангај ранкинг консултантс“. Веста дека УКИМ паднал од 1.917 на 1.944 место не се однесува на рангирањето на оваа светска листа на универзитети. Воедно, станува збор за стара вест објавена пред една година која сега се злоупотребува.

Ваквата информација за наводниот пад на УКИМ на Шангајската листа прва ја сподели портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

На прес-конференцијата што ја одржа во неделата, Митева упати критики до власта за, како што рече, „катастрофалните состојби и новите порази кои се случуваат и во образованието“. Таа ја критикуваше онлајн наставата и полагањето на онлајн испитите на државните универитети, а како доказ за „катастрофалните образовни политики“, Митева го наведе рангирањето на УКИМ на 1.944 место на Шангајската листа.

„За крај, потврда дека образованието е на последно место на приоритети на оваа влада видовме и на Шангајската листа каде УКИМ се најде на 1.944 место, што е пад за 27 места споредено со минатата година. УКИМ е на листата позади Белград, кој е во првите 500 универзитети, позади Загреб, Љубљана и бројни други факултети од регионот. Што се случува, има ли УКИМ воопшто ректор и ќе поднесе ли некој одговорност?“, праша Митева на прес-конференцијата.

Веста за наводниот пад на УКИМ деновиве ја пренесоа бројни медиуми, без притоа да ја проверат вистинитоста на истата, односно без да ја потврдат веродостојноста на она што се тврди во изјавата.

„Мета.мк“ се обиде да дојде до Шангајската листа на рангирање на универзитетите во светот за академската 2021-2022 година каде УКИМ наводно „паднал“, но на официјалниот сајт на „Шангај ренкинг“ може да се види дека последното рангирање е објавено минатата година. Дополнително, Шангајската листа вклучува 1.000 најдобри универзитети во светот, а не 2.000, што значи дека доколку УКИМ е рангиран на 1.944 место, воопшто нема да се најде на Шангајската листа.

УКИМ е рангиран на 1.944 место, но не на Шангајската листа
Рангирањето за кое зборуваше Митева, се чини се однесува на листата која ја издава Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR), чие седиште е во Обединетите арапски емирати. На оваа листа која брои 2.000 универзитети, УКИМ навистина се најде на 1.944 место и забележа пад од 27 места во однос на рангирањето од претходната, 2020 година, кога се најде на 1.917 место.

Но, оваа листа на CWUR е објавена пред речиси една година, кон крајот на април минатата година, за што извести и „Мета.мк“.

Дека податоците споделени од Митева всушност се однесуваат на оваа листа, а не на Шангајската, потврдува и податокот дека Белградскиот универзитет, кој го спомна Митева, навистина се најде во најдобрите 500 универзитети, односно на 348-то место. На Шангајската листа пак, Белградскиот универзитет се наоѓа во најдобрите 600 универзитети, а не во најдобрите 500.

За лажниот пад на УКИМ на Шангајската листа новинарско прашање му беше упатено дури и на премиерот Димитар Ковачевски, кој најави дека ќе се сретне со ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, за да види „што може да направи државата, а што универзитетите сами“.

„Сите универзитети се евалуираат врз основа на стандардите на независното тело за оценување на универзитетите. Универзитетите во нашата држава се независни во спроведувањето на своите образовни и истражувачки политики и секако дека од критериумите врз основа на кои се прави оценувањето и од тоа што имаат сите универзитети поединечно направено зависи и рангирањето на самата Шангајска листа. Во однос на тоа дали државата може да помогне, да државата може да помогне, јас доаѓам од академската сфера и секако ќе одржам состанок со ректорот на УКИМ, со кого подолго време се познаваме за да можеме да видиме што е тоа што може да направи, а што е тоа што самите универзитети може да направат во однос на унапредувањето на работењето, истражувањето и секако искачувањето на Шангајската листа“, рече Ковачевски.

Покрај реакцијата на премиерот, на одделни мејнстрим медиуми и телевизии со национална лиценца кои се емитуваат на територијата на целата држава беа објавени опширни анализи кои се потпираат на стари вести или извртени податоци.

https://meta.mk/ukim-go-nema-na-shangajskata-lista-javnosta-se-dezinformira-so-stara-vest/
Carpe diem
Back to Top
Staro Skopje View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 07-May-2013
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 2663
  Quote Staro Skopje Quote  Post ReplyReply #30 Posted: 01-Apr-2022 at 15:36
Односот кон образованието многу добро ја отсликува состојбата на едно општество. За жал во нашата земја, особено изминативе 2 години и особено високото образование состојбата е повеќе од лоша.

Мора целосен и долгорочен ремонт на образованието наместо реформи кои траат колку и министрите.
Градот убав никна, но го откорнаа
Back to Top
Staro Skopje View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 07-May-2013
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 2663
  Quote Staro Skopje Quote  Post ReplyReply #31 Posted: 05-Apr-2022 at 17:52
Вкупниот број запишани студенти на прв циклус студии на македонските универзитети (согласно податоците на ДЗС) во учебната 2010/11 бил 61,497, додека во 2020/21 таа бројка е 49,500.

На УКИМ бројот се намалил од 29,387 на 22,489. Од факултетите, ФИНКИ и Дизајн се нови; Медицински, Фармацевтски и ФДУ имаат раст на бројот на запишани студенти, додека сите други имаат пад.


Бројот на запишани студенти на прва година на УКИМ се намалил од 8,326 на 4,458. Покрај новите, раст имаат Архитектонски и Медицински.

Градот убав никна, но го откорнаа
Back to Top
user8642 View Drop Down
Senior Member
Senior Member
Avatar

Joined: 18-May-2020
Online Status: Offline
Posts: 1817
  Quote user8642 Quote  Post ReplyReply #32 Posted: 05-Apr-2022 at 18:43
Трендовите се одлични, дури мислам дека можеме и подобро. Едноставно, мора да има шифт на работната сила кон тоа што е ново и модерно. Да почнеме малку и софтвер да извезуваме, а патлиџаните нека останат за Киргизтан. Помалку луќе во останатите струки значи само растење на цената на работната сила во тие струки. Така да, мислам дека ова се сосема правилни тенденции.
Back to Top
Staro Skopje View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 07-May-2013
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 2663
  Quote Staro Skopje Quote  Post ReplyReply #33 Posted: 05-Apr-2022 at 19:35
Најголем придонес за намалувањето има демографијата. 1986-92 се родени 254,081, додека 1996-2002 181,880, пад од 28%. Во меѓувреме, бројот на студенти од 2010 до 2020 паднал за 20%, па уделот на студенти кај младите е зголемен.

Македонија треба да се фокусира кон тоа што е модерно и профитабилно, но последниве кризи малку повеќе го сменија размислувањето во Европа, која сфати дека сепак мора да има развиени домашни земјоделство и индустрија. Не смееме да ги занемариме и примарниот и секундарниот сектор.

Функционалната неписменост од 2/3 е најголем проблем на Македонија, т.е. извор на сите останати - таа мора да биде фокус на секој кој сака да ја реформира државава и да одиме напред. Ни треба темелен ремонт на образованието, од реорганизација (особено на високото), преку образовни програми и условите во образованието, до личен развој.

Со драстичното намалување на бројот на студенти (ме изненади преполовувањето на бруцоши на УКИМ) нужни се низа реформи за опстојување на факултетите и подобруање на квалитетот на образованието, на пример:
- спојување на некои факултети, па дури и универзитети;
- практична настава на прв циклус на многуте факултети кај кои или ја нема или е во многу помал обем од потребното. Без разлика дали како дел од предметите или како дополнителна екстерна активност, значително би го подобрила квантитетот и квалитетот на наученото;
- комплементарно на практичната настава, сегашната воглавно катедрална настава (тука би ги вброил и студентските powerpoint проекти) мора да се замени со динамична и интерактивна;
- воведување на екстерни активности од областа на јазикот, културата и спортот;
-- курс по македонска литература;
-- редовни културни активности (само 23% од Македонците присуствувале на културен настан во 2015, додека просекот на ЕУ е 63%) со акцент на театар, балет и опера и млади македонски уметници од сите области. Може да се формира универзитетски клуб каде би настапувале само emerging уметници. Целосна забрана за турбофолк.
-- пандемијата покажа дека здравјето кај Македонците е на многу лошо ниво, процентот на тие кои имаат редовни физички активности е многу помал од ЕУ и голем број се скептични кон медицината базирана на докази. Факултетите треба да организираат редовни спортски активности, пропратени со курсеви за унапредување на здравјето.
- итн.

Воедно, мора да се подобри образовната инфраструктура. Зградите на факултетите и особено студентските домови се прилично застарени и не прилегаат на 21 век. Впрочем состојбата со студентските домови е една од главните, ако не и главната причина зошто македонските факултети се меѓу малкуте во светот кои две години имаат нискоквалитетна, алиенирачка онлајн настава која ги уништи поимите факултет и студент.


Edited by Staro Skopje - 05-Apr-2022 at 19:40
Градот убав никна, но го откорнаа
Back to Top
гитардемон View Drop Down
Senior Member
Senior Member
Avatar

Joined: 19-Feb-2008
Online Status: Offline
Posts: 5381
  Quote гитардемон Quote  Post ReplyReply #34 Posted: 05-Apr-2022 at 21:52
А последно и најважно, поарно занаетчија без факултет отколку правен или економски по секоја цена.
Кога ќе се намали населението уште повеќе, тогаш може сите локал и да бидат со високо образование, а за мануелен труд да увезуваме мигранти од третиот свет. Ама далеку е тој ден уште.
Arguing on the internet is like running at the special olympics. Even if you win, you're still retarded.
Back to Top
Staro Skopje View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 07-May-2013
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 2663
  Quote Staro Skopje Quote  Post ReplyReply #35 Posted: 06-Apr-2022 at 08:27
Привршува времето на масовна имиграција. Фертилитетот паѓа низ цел свет, а повеќе земји се развиваат и ќе преоѓаат од емиграциони во имиграциони. Зголемен број држави ќе имаат потреба од мигранти, чијшто број се намалува. Мислам дека Македонија нема потенцијал да привлече голем број преселници и не може да се потпреме само на тој извор.

Потребно ни е подобрување на стручните средни.
Градот убав никна, но го откорнаа
Back to Top
Staro Skopje View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 07-May-2013
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 2663
  Quote Staro Skopje Quote  Post ReplyReply #36 Posted: 13-Apr-2022 at 21:10
Студенти на прва година на македонските универзитети и виши школи од 1998 до 2020. Вкупната бројка се зголемила од 11,692 на 12,365. Просекот 1998-00 бил 12,435; 08-10 18,694 и 18-20 13,332, и тоа:

УКИМ 9,692 | 7,691 | 5,400
Останати државни 2,743 | 7,448 | 5,380
Приватни 0 | 3,555 | 2,553

Бројките за најголемите факултети на УКИМ+ТФБ:

ПМФ 694 | 567 | 298
ФЕИТ 679 | 633 | 256
Медицински 267 | 417 | 657
Земјоделски 991 | 293 | 88
Економски 1,366 | 975 | 523
Правен 803 | 989 | 357
Филозофски 705 | 937 | 524
ФИНКИ 0 | 0 | 941
Технички Битола 815 | 706 | 144

ФИНКИ со самото појавување стана најпопуларен факултет во државава, а солиден раст има и Медицински. Кај сите други има преполовување, на ТФБ пад од 80%, а на Земјоделски бројката е намалена за над 10 пати.

Градот убав никна, но го откорнаа
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 15970
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #37 Posted: 01-May-2022 at 16:55
Carpe diem
Back to Top
Staro Skopje View Drop Down
Senior Member
Senior Member


Joined: 07-May-2013
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 2663
  Quote Staro Skopje Quote  Post ReplyReply #38 Posted: 01-May-2022 at 21:17
Катастрофа, мада очекував воопшто да го нема на листата годинава.

УКИМ веќе неколку години е во незавидна состојба и тешко дека наскоро ќе може да се оправи. Голем број од проблемите настануваат и од намалувањето на бројот на студенти што е можеби и најнерешлив проблем - интересот за високо образование достигна плафон, генерациите се намалуваат, а заинтересираност на странци да студираат тука речиси и да нема. На некои факултети и за десет пати е намален бројот на студенти од пред 10-20 години и тоа неминовно води кон намалување на критериумите, пад на буџетот и слаба продукција и развој.
Градот убав никна, но го откорнаа
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 15970
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #39 Posted: 11-May-2022 at 07:07
Синадиновска: Студенти на факултет не си ја знаат азбуката



Катерина Синадиновска од Советот за етика вчера во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 посочи за едно истражување во кое било презентирано дека студентите на факултет, академските граѓани не ја знаат македонската азбука.

Таа вели дека не и се верувало и морала неколку пати да го прочита истражувањето за да сфати дали е вистина.

Студенти на факултет, академски граѓани не си ја знаат азбуката. Не ми се веруваше, неколку пати го препрочитував текстот за да можам да сфатам дали е вистина. Универзитетски професори, македонисти излегуваат со изјави дека тоа се дупки направени низ системот“, додава Синадиновска.

Таа додава дека две букви од азбуката биле спорни, а студентите не ги знаеле затоа што не им требале, односно не ги користеле.

https://mk.tv21.tv/sinadinovska-studenti-na-fakultet-ne-si-ja-znaat-azbukata/
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 15970
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #40 Posted: 16-May-2022 at 15:40
Бројот на матуранти, намален за 40%

За дури 40% последните години се намалил бројот на матуранти во Македонија,што е загрижувачки податок за целиот образовен систем. Затоа потребни се сериозни реформи и квалитетно образование за да се спречи масовната миграција, која што е присутна и во целиот регион.

„Во последните десет години имаме 40% помалку матуранти. Ние покрај пандемијата и покрај сиот овој регионален процес со кој се соочуваме, тоа е еден голем предизвик за образованието, бидејки доколку не го решиме тој предизвик, ние нема да зборуваме за перспективи.Европа годишно губи 900.000 луѓе, родени.Во наредните десет години на Европа без развој ќе и требаат минимум 10 милиони работници. Тука треба и сите ние да се запрашаме кои се нашите перспективи“, вели Ратко Дуев-декан на филозофски факултет.

„Сметам дека треба да бидат направени вистински реформи и да ги следиме сите стандарди и вредности во високо образовниот европски простор.Сметам дека сите реформи треба да поминуваат низ стручните и професионалните лица во нашата држава и само на тој начин може да се постигне врв во едукацијата и на децата и во претшколска возраст и во основното, средното и високото образование“, рече Никола Јанкуловски-ректор на Универзитет Кирил и Методиј.

Сериозен проблем врз образованието предизвика и пандемијата со Ковид 19, особено врз психолошкиот и социјалниот аспект кај децата, кај децата.

„Прво во однос на поставување на програмите. Колку беа тие скратени, aдаптибилни. Понатаму и нашите наставици колку имаа ит компетенции за таква работа. Дали во текот на пандемијата се употребуваа соодветни методи и техники за вреднување и следење на развојот на постигнувањата на учениците“, рече Елизабета Томеска Илиевска-раководител на Институтот за педагогија.

За овие и други проблеми во воспитно образовниот процес, во Охрид се дебатира на меѓународна конференција по повод 75 години од формирањето на Институтот за педагогија.

https://alsat.mk/mk/brojot-na-maturanti-namalen-za-40/
Carpe diem
Back to Top
 Post Reply Post Reply Page  <123>

Forum Jump Forum Permissions View Drop Down



This page was generated in 0.125 seconds.

Copyright ©2007 - 2022  build.mk

Коментарите на форумот претставуваат лично мислење на нивните автори и не претставуваат официјален став на build.mk.