build.mk Homepage
Forum Home Forum Home > Главни теми > Урбани прашања > Јавен превоз
  Active Topics Active Topics
  FAQ FAQ  Forum Search   Register Register  Login Login

Возен парк (приватни превозници)

Bookmark and Share
 Post Reply Post Reply Page  <1 91011
Author
Message
  Topic Search Topic Search  Topic Options Topic Options
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 4990
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #201 Posted: 18-May-2020 at 09:26
Приватните превозници не знаеле дека има субвенции за адаптирање на автобусите со мотори на еколошки горива

За адаптирање на постојните автобуси да возат на плин во 2018 и 2019 година биле издвоени 20 милиони денари. Од Град Скопје за весникот ВЕЧЕР велат дека немало интерес за субвенциите. Од приватните превозници „Слобода превоз“ и „Мак експрес“ тврдат дека тоа е невистина и дека Градот се вади и манипулира со тоа дека предвидел средства, но немал намера да ги даде туку ги пренаменува за нешто друго



Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје деновиве обвини дека Градот иако ветил, не ја реализирал идејата за субвенционирање на приватните автобуски превозници, за адаптирање на постојните автобуси со мотори на еколошки горива, за што, според нив, во 2018 и 2019 година биле издвоени 20 милиони денари.

Од Град Скопје за весникот ВЕЧЕР изјавија дека тоа не е точно и дека мерката не се реализирала бидејќи немало интерес од приватните превозници.

– Во 2018 и 2019 година беа предвидени средства за субвенции за вградување на плински уреди, со цел намалување на штетните издувни гасови, наменети за приватните автобуски превозници, но тие останаа неискористени. Градот Скопје на неколку средби се обиде да ги информира и анимира претставниците на приватните превозници за поволностите кои се нудат, но тие не предизвикаа интерес кај нив – одговорија од Градот на обвинувањата на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од приватните превозници „Слобода превоз“ и „Мак експрес“ велат дека е лага оти им биле достапни субвенциите од Градот за вградување на плински уреди.

– Не е точно дека имало такво нешто. За да има такво нешто, Градот треба да ги објави условите и критериумите под кои се доделуваат субвенциите за да можеме да поднесеме барање. Такво нешто не се случи. Иако ние знаевме дека се предвидени средства, не беше направено тие да се достапни за нас, според предвидена постапка – изјави Ленин Јовановски, директор на приватното претпријатие за јавен превоз „Слобода превоз“.

Тој потенцираше дека доставиле допис до Градот за да добијат предлог како да бидат искористени тие средства, но не добиле никаков одговор.

– Ни се зборуваше за идејата за субвенционирање, но никогаш не знаевме за колку точно средства се работи, бидејќи немавме никогаш јавна дискусија за тоа. Требаше да се отвори постапка и да се остави период во кој ние би можеле да конкурираме. А, таква постапка никогаш не беше покрената за да може тие средства да ни бидат достапни. Не е доволно само се предвидат средства. Како може да пројавиме интерес без да бидеме известени на кој начин можеме да ги користиме, односно под кои критериуми, а уште помалку знаевме дека тие средства се за наменети за вградување на плински уреди – потенцира Јовановски.

На тој начин, Јовановски тврди дека Градот се вади и манипулира со тоа дека предвидел средства, но немал намера да ги даде туку ги пренаменува за нешто друго.

– Бидејќи сме дел од еден систем и работиме под капата на Градот, да бидеме еднакво третирани со ЈСП – Скопје бидејќи вршиме иста дејност и треба да ја вршиме под еднакви услови во однос на обврските, но и во бенефициите – смета Јовановски.

И еден од сопствениците на „Мак експрес“, Војо Велески, вели дека нема вистина во објаснувањето на Градот.

– За жал, Градот говори голема невистина. Ние како „Мак експрес“ поднесовме барање за субвенции, но не добивме никаков одговор . Дури и сега немаме никакви контакти на високо ниво со Градот – изјави Велески.

Тој информираше дека Градот издвоил 20 милиони денари, или 320.000 евра средства за субвенции од буџетот.

– Не бевме повикани на разговор за тоа како да се поделат тие средства и не беше точно прецизирано за која намена ќе бидат. А, со ребаланс на буџетот тие средства се пренаменуваа, а годинава Советот на Град Скопје и не определи воопшто средства за ваква намена, за разлика од ЈСП за кое одвојува по 7 до 8 милиони денари субвенции годишно – истакна Велески.

Тој образложи дека во моментов возниот ред е редуциран, заради состојбата со корана вирусот, а нивните возила не сообраќаат.

– Дали едно возило сообраќа во текот на неделата или не, ние мора да ги плаќаме обврските кон државата. Иако имаше најавено субвенции за исплата на минимални плати од државата, до сега кај нас сè уште нема – реагира Велески.

Имаше најава дека моторите на старите автобуси на ЈСП – Скопје што работат на дизел ќе бидат пренаменети да работат на гас, но тоа не се реализираше бидејќи анализите покажаа оти тоа е неисплатливо и ќе чини многу. Затоа се реализира набавка на 33 нови еколошки автобуси на гас кои според градските власти се очекуваат да пристигнат во наредниов период. Од Градот велат дека пристигнувањето се одолговлекло поради состојбата со корона вирусот.

(А.П.)

https://www.vecer.press/приватните-превозници-не-знаеле-дека/
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 4990
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #202 Posted: 19-May-2020 at 17:16
Вклучен алармот за безбедност на возилата за јавен превоз



По неодамнешниот случај со опожарениот автобус
Опожарувањето на автобусот на приватното претпријатие „Слобода превоз“, кое се случи минатата недела под Транспортниот центар, го отвори прашањето за безбедноста на корисниците на јавниот градски превоз. Во овој настан, за среќа, патниците претходно го напуштиле возилото и никој не настрада. Исходот беше само материјална штета. Како што информира ЈСП „Скопје“, според првичните сознанија, причина за пожарот бил краток спој на електричната инсталација на автобусот.
Кај патниците по претрпениот страв остана да виси прашањето што можеше да се случи ако пожарот имаше поинакви димензии. Но не само меѓу нив, настанот предизвика повеќе дискусии, а граѓаните имаа најразлични коментари и прашања. Во јавноста се наметнаа прашањата за тоа колку често, темелно и сериозно се вршат стручни прегледи на возилата што учествуваат во јавниот градски превоз, особено поради тоа што во него се вклучени доста стари возила. Потоа дали тие со амортизација од 25 години сѐ уште ветуваат сигурен и безбеден превоз и дали поради староста можат да предизвикаат најразлични проблеми за безбедноста на оние што се возат во нив.

Треба ли поради тоа да подлежат на почести контроли за нивната техничка исправност за да се избегнат вакви и слични сериозни инциденти… Логично се наметнува и прашањето дали можеби е време и приватните претпријатија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ да го обноват својот возен парк. Но и Јавното сообраќајно претпријатие, исто така, во својот возен парк сѐ уште има стари возила, како што се хармоника-автобусите, а не се веќе нови ниту кинеските двокатни автобуси. Иако беше на големо најавувана, доцни набавката на новите еколошки возила со кои би се замениле дотраените.
Ленин Јовановски, првиот човек на приватното претпријатие „Слобода превоз“, вели дека од вкупно 127 автобуси колку што има претпријатието во својот возен парк повеќе од половината се автобуси од 1995 година, значи стари по 25 години. Преостанатите се со старост помеѓу 1995 и 2000 година, но тоа никако не е причина за инцидентот со опожарувањето на возилото со бројот 45, кое на денот на настанот пристигнало од населбата Ченто под Транспортниот центар и повторно по кратка пауза требало да тргне кон Ченто.

– Во 20 години, колку што сум јас на чело на претпријатието првпат се случува да се запали автобус. Електричната инсталација може да направи вакви проблеми од разни причини. Каква било поправка или нестручен контакт со електрониката може да предизвика проблем, но што всушност беше причината за настанатото опожарување на автобусот на линијата со бројот 45 ќе покаже истрагата. Лично не верувам дека некој може да гарантира за електрониката. Тука не станува збор за тоа дали е нов или стар автобусот, од искуство знам дека може да се запалат и нови автобуси. Инсталацијата, жиците не можат да застарат и не може да се запали инсталацијата ако нема и најмал физички контакт – објаснува Јовановски, директорот на приватното претпријатие „Слобода превоз“.
Тој додава дека на автобусите од оваа компанија технички преглед се врши на секои шест месеци во овластени станици за технички преглед, а старите автобуси на две години мора да одат да направат и прегледи за таканаречени посебни технички експлоатативни услови, повторно во овластени станици, кои издаваат потврди дали возилата може да извршуваат јавен превоз. Јовановски посочува дека откако приватните превозници влегле под капата на градот, немаат добиено никаква финансиска помош ниту од градските власти ниту од државата за да можат да го обноват возниот парк, како што е тоа случај со ЈСП.

– Надлежните мора да најдат модус како и приватните претпријатија да станат конкурентни, дали со поволни кредити или на други начини. Исплатената сума што ја добиваме од километар од страна на градот исто така не е соодветна, бидејќи во таа цена се вклучени сите трошоци, нафтата, амортизацијата, маслото, регистрацијата, плус платата на возачите и разумната добивка, а всушност добивката е многу неразумна. Сопствениците едвај преживуваат, сами ги чистат автобусите, сами купуваат средства….
Еден автобус вози во три смени, значи тројца возачи треба да се платат и сите трошоци, на крајот од месецот остануваат 300 евра, јас велам неразумна добивка, а цената од километар од 62 сега падна на 54 денари. Дадов предлог до Градот колку е понов автобусот толку поголема да биде и цената што ќе ја исплаќаат по извозен километар, за да се стимулираат и другите да ги обноват автобусите и да инвестираат. Така е и во Софија во соседна Бугарија и во Белград во Србија – објаснува Јовановски.
Од Град Скопје овие објаснувања на Јовановски ги негираат со тврдење дека на приватните превозници со градски автобуси им била понудена финансиска помош, но тие не покажале интерес.

– Град Скопје имаше проект за помагање на приватните превозници што се вклучени во градскиот превоз, преку давање субвенции за инсталирање систем за гас. Со ова, истите тие би биле еколошки и не би го загадувале воздухот, а од друга страна би биле поекономични за превозниците. За таа цел, Град Скопје предвиде средства во 2018 и 2019 година за субвенции за вградување уреди на гас, за намалување на штетните издувни гасови, но овие средства останаа неискористени, поради тоа што превозниците не пројавија интерес да ги искористат. Град Скопје на неколку средби се обиде да ги информира и да ги анимира претставниците на приватните превозници за поволностите што се нудат, но истите тие не предизвикаа интерес кај нив – објаснија од Град Скопје.
Од приватното претпријатие „Макекспрес“, пак, велат дека пред некоја година го обновиле својот возен парк со четири половни автобуси на гас, кои ги набавиле од Германија. Возилата се произведени во 2008 и 2010 година, а потоа докупиле уште два со еуро пет плус дизел-мотори, кои се еднакви на еуро шест, што е најголем стандард во Европа.

– Нашиот возен парк го сочинуваа 80 автобуси од кои најстариот беше од 1995 година, а помал број беа од 1995 година, додека другите беа од 1997 до 2000 година. Поради тоа и ја започнавме обновата на возниот парк, но ситуацијата со коронавирусот комплетно ни ги измести плановите, а во декември 2021 години веќе ни истекува договорот со Градот и тогаш многу веројатно ќе се бараат нови стандарди за возилата што ќе учествуваат во јавниот градски превоз. Ние мора сами да го обновиме возниот парк, немаме никакви субвенции, додека ЈСП за две години има добиено 320 илјади евра. Побаравме и ние некакви субвенции да ни бидат доделени, но не добивме одговор. Дури и цената што ја добиваме по извезен километар е премногу ниска и таа не соодветствува со обнова на возниот парк – вели Војо Велевски, еден од сопствениците на приватното претпријатие „Макекспрес“.

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/skopje/вклучен-алармот-за-безбедност-на-вози/?fbclid=IwAR1ySu_eYrhtypOyHhZMqvs3cxnPUs2-LHNC4LKgQaHshxgNC7RrSUlsS9A
Back to Top
 Post Reply Post Reply Page  <1 91011

Forum Jump Forum Permissions View Drop Down



This page was generated in 0.168 seconds.

Copyright ©2007 - 2020  build.mk

Коментарите на форумот претставуваат лично мислење на нивните автори и не претставуваат официјален став на build.mk.