build.mk Homepage
Forum Home Forum Home > Главни теми > Урбани прашања > Урбанистички целини
  Active Topics Active Topics
  FAQ FAQ  Forum Search   Register Register  Login Login

Основни принципи (аргумент)

Bookmark and Share
 Post Reply Post Reply
Author
Message
  Topic Search Topic Search  Topic Options Topic Options
Emerson View Drop Down
Newbiе
Newbiе
Avatar

Joined: 26-May-2010
Online Status: Offline
Posts: 0
  Quote Emerson Quote  Post ReplyReply #1 Topic: Основни принципи (аргумент)
    Posted: 30-May-2010 at 16:08
Урбаните средини во кои живееме јасно ги покажуваат социјалните, економските и естетските трошоци на игнорирањето на убавина. Ние се отуѓуваме од себеси изложени на наметливи гестови на луѓе кои сакат да го привлечат нашето внимание а не даваат ништо за возврат.

Роџер Скрутон, The High Cost of Ignoring Beauty, american.com

Во Велика Британија, државата (било на локално ниво или како централна влада), ќе ви каже дали смеете или не смеете да градите на земја која вие ја поседувате. И ако ви дозволи да градите, истиот државен авторитет ќе ви стави предуслови не само за намените за кои може да ја користите градбата, туку и како таа треба да изгледа, и кои материјали треба да бидат употребени во изградбата. Од друга страна, Американците се навикнати на градбена регулатива која дава првенство на функционални стандарди како изолација, противпожарни аларми, безбедност на електричниот систем, величина и местоположба на купатилата, и така натаму. Американците не се навикнати да им се кажува кои и какви естетски принципи да почитуваат, или какви материјали и архитектонски детаљи треба да се стават за вклопување во околината. Претпоставувам дека многу Американци би гледале на такви предуслови како кршење на елементарни сопственички права и понатамошен доказ за нелегитимното мешање на државата во лични работи.



Овој американски однос има нешто здраво во себеси, но таму каде што е присутен, честопати се присутни и две сосем погрешни претпоставки за убавината и естетиката. Првата претпоставка е дека убавината е сосем субјективна работа за која не може да има разумен аргумент, та за неа е бесполезно да се бара меѓусебна согласност. Едноставно речено, „За вкусовите не се расправа“. Втората претпоставка е дека убавината има само украсна вредност, а нема значителна улога во материјалниот живот. Накратко, таа не е економски фактор.

Привлечноста на првата претпоставка, дека убавината е субјективна, воглавном се должи на фактот што таа е практична во меѓучовечките односи. Ако се најдете во небрано бидејќи вашите погледи се разликуваат од оние на вашиот соговорник, идејата дека убавината е субјективна ви овозможува да избегнете расправија. Вашиот соговорник може да сака порцелански џуџиња во дворот, најблескави декорации за новогодишните празници, турбофолк, и иљада други нешта кои предизвикуваат морници. Но, тоа е негов вкус, и тој има право на него. Оставете го вие на мира, па и тој ќе ве остави да си слушате џез квартети, собирате уметнички дела, и си ја дизајнирате куќата во стил на старите мајстори. Но понекогаш оваа идеја не води во мир и склад, туку напротив, во ескалирање на проблемите. Секоја година неговите новогодишни декорации се зголемуваат во величина и сјај, стануваат сé посветли и понаметливи, и траат подолго. По некое време, во очите на вашиот сосед декорациите се преубави да ги симнува, па ги остава во тек на цела година. Дедо Мраз се гледа од оџакот, а на тревникот пред куќата има елен од новогодишни сијалички. Да бидеме искрени, сето тоа не се трпи, и го расипува погледот од вашиот прозорец. Тогаш вие се обидувате да се реванширате пуштајќи го Мајлс Девис доцна во ноќта, но како одговор добивате експлозии од Јелена Карлеуша во раните утрински часови. Тука ја имаме демократската култура во полна сила – но на пат кон самоуништување.

Овој вид на конфликт се чувствува силно во Европа и е една од причините за реакциите против Мекдоналдс. Вистина е дека секој има право да ги рекламира своите продукти. Но рекламата не смее да го упропастува местото на кое е поставена. А американските реклами без исклучок изгледаат како создадени да го прават токму тоа. Можеби тие не го имаат истиот ефект во Америка. На крај на краиштата, тешко е да се види како главна улица на американски град може да се расипе било со неонско светло или со било што друго. Но, главните улици на европските градови се резултат на акумулирање на наследствo на детаљи низ вековите. Дали навистина сакаме да капиите на знакот на Мекдоналдс се натпреваруваат со капиите на нашите вековни цркви?

Ова прашање може да нé поттикне да ја ревидираме нашата претпоставка дека убавината е субјективна. Естетските судови можат да изгледаат субјективни кога се шетате по естетските пустини на модерните градови како Лас Вегас. Меѓутоа, во старите градови на Европа...







Во старите европски градови, вие откривате што се случува кога луѓето се водат по заедничка традиција, која не само ја прави естетската процена клучна, туку положува стандарди по кои секој се владее. И во Венеција и во Прага, Охрид или Лисабон, вие согледувате дека има разлика - да не може да биде поголема - помеѓу естетска процена како израз на личен вкус, и естетска процена третирана на спротивниот начин, како израз на човечката заедница. Можеби ние гледаме на убавината како субјективна само бидејќи на естетското просудување сме му дале погрешен статус во нашите животи.

Ние најчесто гледаме на естетските прашања како прилика за сопствена афирмација. Но естетиката можеби само служи за ориентација во нашето лично воздржување, одрекување од личното за заедничкото добро.

Тука може да се повлече паралела со манири на однесување. Дури и ако Американците сметаат дека имаат полно право да градат како ќе им текне, тие не се чувствуваат ополномоштени да се однесуваат како ќе им текне кон нивните сограѓани. Токму спротивното: во американската култура манирите се од врвно значење, и се препознаени како врвен гарант на мирна коегзистенција. Американците ги поздравуваат нивните соседи, зборуваат учтиво, секогаш се насмеани. Ако некој на улица се удри во Американецот, Американецот ќе му се извини. Нема некој, дури и потполн странец, со кој ќе се раздели пред да му посака убав ден. Учтивоста е владеачки принцип во сите бизнис активности. Накратко, американските манири постојат за да луѓето се усогласуваат, не за да се истакнуваат. Манирите се патеки по кои индивидуалноста е потисната за да на нејзино место дојде заедничкиот јазик на обичаи. И ова има своја функција - имено, да се заштити приватното од јавното, да се обезбеди да секоја личност е безбедна во рамки на својот приватен простор, и за да се минимизирааат ризиците во јавниот простор.

Кога доаѓа до прашање на убавина, нашето мислење за статусот на убавина е извонредно под влијание на тоа дали го гледаме како облик на самоизразување, или на самоодрекување. Ако го гледаме на вториов начин, тогаш претпоставката дека тој е напросто субјективен паѓа во вода. Наместо тоа, убавината започнува да поприма поинаков карактер, како еден од инструментите во нашите стратегии за градење консензус, како една од вредностите преку кои ние градиме, конструираме и припаѓаме на свет кој го делиме со други, и во кој наоѓаме уточиште, утеха и спокој. Накратко, убавината е составен дел од градење на дом.
Back to Top
Emerson View Drop Down
Newbiе
Newbiе
Avatar

Joined: 26-May-2010
Online Status: Offline
Posts: 0
  Quote Emerson Quote  Post ReplyReply #2 Posted: 30-May-2010 at 16:10


Ова можеме да го видиме јасно ако погледаме на ритуалите и обичаите на семејниот живот. Земете во обзир што се случува кога поставувате маса за неделен ручек. Ручекот не се прави само за да луѓето се најадат, инаку ритуалот би се растурил и секој би си земал некоја храна да си ја јаде каде ќе му текне и како ќе му текне. Масата е поставена според прецизни правила на симетрија, избирање на одреден вид прибор, одреден вид на чинии, чаши и шољи. Сé е до танчини контролирано со естетски норми, и тие норми ни зборуваат нешто за тоа што значи семеен живот. Декорацијата на чинијата зборува за мир, нежност и нешта кои вечно остануваат исти. Голем број на обични предмети имаат заоблени агли. На дискретен начин тие зборуваат за припаѓање. Служењето на храна е ритуализирано. Вие сте сведок и на уште еден континуитет, тој помеѓу естетски вредности и емоција која Римјаните ја знаеле како пиетет или побожност - препознавање дека светот не е во човечки раце. Оттаму боговите се присутни за време на оброците, и Христијаните пред почеток на оброкот го покануваат Бога да завземе место меѓу нив.

Овој пример ни зборува многу за естетското просудување и потрагата по убавина. Посебно, тој ја покажува клучната улога на убавината во формирање на дом, и оттаму кон создавање на средина која се споделува со други. Кога станува збор за споделување, ние бараме обичајни норми кои сите ние можеме да ги прифатиме. Ги оставаме зад нас нашите лични апетити и субјективни наклоности со цел да постигнеме консензус кој ќе обезбеди темел за она што сме, и она што правиме. Во такви околности естетските несогласувања не се ист вид на несогласувања како оние помеѓу вкусови во исхрана (кои и не се толку несогласувања, колку биолошки разлики). Кога станува збор за уредување на животна средина, ние не треба да сме изненадени што естетските несогласувања се предмети на жестоко парничење пред суд - дури и во Америка, каде секоја личност е суверена на своето земјиште.

Ако ние ја одбиеме сугестијата дека убавината е субјективна, не значи дека мораме да го пригрлиме погледот според кој таа е објективна. Разликата помеѓу субјективно и објективно не е ниту јасна, ниту толку многу важна. Јас сум склон да речам дека процените, судовите за убавина изразуваат рационални склоности за нешта во кои согласноста на други се бара и се цени. Оттаму овие естетски судови не се толку различни од просудувањата за морални прашања. Тие често се бават со слични теми, како на пример, кога критикуваме уметнички дела поради нивната опсценост, суровост, или сентименталност. Колку далеку можеме да одиме по овој пат на рационална дискусија? Тоа зависи од нашиот став по другото прашање, имено: Дали е убавината неважна во материјалната и економската сфера?

Тоа ме враќа на случајот на куќата на мојот сосед, со неговите кич декорации и ужасни осветлувања. Овие нешта му значат нему, а ми значат и мене. Мојата желба да се спасам од нив е голема колку и неговата желба да ги задржи. Мојата е можеби дури и поголема, со оглед на тоа што мојот вкус, за разлика од неговиот, е длабоко вкоренет во желба да се вклопи во моето опкружување. Ете, тука е еден доказ дека убавината е важна – и исто така, дека обидите да се координираат нашите вкусови се од животно значење во споделување на нашиот дом, нашиот град и заедница.

Edited by Emerson - 30-May-2010 at 16:35
Back to Top
Emerson View Drop Down
Newbiе
Newbiе
Avatar

Joined: 26-May-2010
Online Status: Offline
Posts: 0
  Quote Emerson Quote  Post ReplyReply #3 Posted: 30-May-2010 at 16:23
Во тој случај, меѓутоа, мора да има место за естетски процени во планирање и изградба на градовите. Во прославеното дело, „Смртта и животот на големите американски градови“, објавено во 1961, Џејн Џејкобс (линк) го бранеше становиштето дека градовите треба да се развиваат спонтано и органски за да овозможат меѓусебни договори помеѓу нивните жители. Само под тој услов тогаш тие ќе овозможат мирна еволуција на урбаниот живот.



Вистински град е изграден од неговите жители, во тоа што секој аспект на градот рефлектира резултати на желбите на неброени негови жители, а не нешто што самоназначени експерти го планирале. И тоа е аспектот на старите делови на Рим, Истанбул (и Охрид) кој е најмногу привлечен на модерниот патник.

Некои урбанисти велат, „Ете, аргументов на Џејн Џејкобс покажува дека естетските вредности можат да се остават на грижа на самите себеси.“ Други, спротивното - инсистираат дека нејзините примери фактички ја црпат силата од естетски вредности, кои само се наречени споредни или неважни услови.

Ние сигурно би требале да препознаеме дека старите градови на чија органска сложеност Џејкобс се восхитувала покажуваат знаци на планирање - не сеопфатно планирање, секако, но вметнување во ткаењето на градот на локални форми на симетрија и ред, како Пјаца Навона (Piazza Navona) во Рим, или Сулејмановата џамија (Suleimaniye mosque) и нејзината околина во Истанбул. И овие се проекти потполно мотивирани и контролирани од естетски вредности. Главната грижа на архитектите била да се вклопат во постоечкото урбано ткаење, да постигнат локална симетрија во контекст на историски зададено живеалиште.

Никогаш не се случила поголема естетска катастрофа врз нашите градови од модернистичката идеја дека градбата треба да се истакнува во однос на нејзиното опкружување, да градбата биде декларација на својата сопствена оригиналност. Како и човечките домови, градовите зависат од добри манири; а добри манири бараат скромно прилагодување кон соседите а не арогантно тврдење на посебност.

Архитектите кои победуваат на големите натпреварувања денес – Френк Гери, Ричард Роџерс, Даниел Либескинд и Норман Фостер – се луѓе кои дизајнираат градби како што се Бобур во Париз и Гугенхајмовиот Музеј во Билбао на сликите горе. Тие немаат врска со нивните опкружувања и претставуваат острови на Его во море на Нас.



Еден од нив, Норман Фостер, при своите патувања фрлил око на прекрасниот стар Лисабон, со неговата рамномерна архитектура во која ништо не е истакнато високо, и во кој концентрацијата на внимание е на просторот каде човечкиот живот се случува, а тоа е улицата. На Фостер тоа му пречи, па води кампања да изгради голема стаклена кула над градот, на сликата горе), за да вниманието го сконцентрира на еден објект на хоризонтот. А убавината на Лисабон се должи токму на тоа што внимането не е сконцентрирано на некој објект, туку е рамноправно распределено таму каде што се луѓето.

Метата на критиките на Џејн Џекобс не беше стилистичка непристојност, туку функционализмот, според кој градбите се диктираат според нивните намени така што ќе останат врзани за тие намени засекогаш. Но бидејќи во човечки живот нема такво нешто како засекогаш, резултатот се градби кои по некоја деценија остануваат занемарени или сосем запуштени. Има дури и цели градови кои се напуштени откако нивната локална индустрија ќе одумре. Овој ефект е зголемен во Америка преку апсурдни закони според кои секој дел на градот припаѓа на одредена намена, па така фабриките се во еден дел од градот, канцелариите во друг, продавниците во трет, итн. Како резултат, реоните со станбени згради зјапат празни преку денот, и центри за социјална комуникација не постојат. Град формиран по закони за зонирање умира при првиот економски шок – и ние сме го виделе овој ефект од Буфало до Тампа во Аризона. Реони на градот прво ја губат нивната функција, а потоа се вандализираат, и на крај стануваат сцени на насилство и пропаѓање. Очистувајќи го градскиот центар од жители, американските закони го оставаат нечуван, плен на секаков вид на номадизам, и окупиран со градби кои никогаш не можат да се адаптираат на социјална и економска промена. Законот на еволуциона биологија кој ни вели дека лошата адаптација е предфаза на изумирање, важи и за американскиот град.

Натаму, функционалистичките градбени стилови, кои окупираат цели блокови, и истураат свои агли како заби кон минувачите, го оневозможуваат изнедрувањето на примарниот јавен простор, улицата. Улиците, со врати кои се отвораат кон нив од куќите, се артерии и вени, бели дробови и дигестивен тракт на градот. Тие се канали преку кои тече сета комуникација.







Улица на која луѓе живеат, работат и чествуваат се обновува самата себеси со тоа што и животот во неа се обновува себеси. Има очи кои пазат на неа, и има заеднички форми на живот да ја исполнат. Ништо не е поважно во градот од одбрана на улицата против инвазијата на транзитни патишта, експресни ленти, изградба на блокови, и спомнатото зонирање.

Идеите на Џекобс ја делат судбината на секое пророштво во пишаната историја. Тие се игнорирани, се додека не стане премногу доцна да се делува врз база на нив. Нејзината порака беше во скорешните години превземена и рафинирана од James Howard Kunstler кој, во својата книга „Географијата на Никаде“, ја опишува естетската и морална катастрофа на американската урбанизација.

Но останува прашањето кое Џејкобс го постави : Како да се спасиме од овој хаос и невоља? Кој е излезот? Ако проблем е планирањето, како да обезбедиме непланирање? Или сепак има разлика меѓу добар план и лош план? Зарем Венеција не била планирана, и Ефес, и илјадници други тријумфи на урбанизацијата?

Можеби најмудриот одговор е да се укаже на разликата помеѓу плановите од една страна, и минимум на неопходни ограничувања од друга.

Слободна економија е потребна, но таа слобода мора да е ограничена со закон. Легалните ограничувања треба да обезбедат дека измамниците нема да просперираат. Слично е и со градот. Планирање веројатно мора да има, но тоа мора да се конципира негативно – како систем на неопходни минимални ограничувања, а не како диктат што и каде да се случува.



И тоа е моментот во кој убавината е важна. Со текот на времето луѓето воспоставуваат стилови, обрасци и речник кои имаат иста функција како и добрите манири помеѓу соседите. Зборот сосед во англискиот јазик имал изворно значење оној кој гради крај вас. Градбите кои се издигаат во нашето соседство ни се важни токму на истиот начин на кој ни се важни соседите. Тие го бараат нашето внимание, и учествуваат во обликување на нашите животи. Тие можат да ни дојдат прекуглава, или да не успокојуваат; можат да бидат туѓинско присуство, или резервен дом. И функцијата на естетски вредности во архитектонската практика е да го обезбедат примарниот услов на секоја зграда – имено, да градбата биде член на заедница на соседи. Градбите треба да се вклопуваат, да стојат соодвeтно една крај друга. Тие треба да исполнат добри манири исто како што тоа се бара од луѓе. Ова е вистинската причина за важноста на традиција во архитектурата – што таа го изразува оној вид на практично знаење кој се бара од соседството.

Архитектурата не е како поезија, музика или сликарство – уметности кои припаѓаат на слободно време и релативен луксуз. Таа, за разлика од нив, преживува во јавноста без рaзлика на својата естетска вредност. А архитектурата е само ретко кога израз на креативен гениј. Архитектонските ремек-дела, како црквите на Мансарт или Боромини се често дела на една иста личност. Но најголемиот дел од архитектурата не се ремек дела, па не треба ни да се преправаме дека е инаку, исто како што обични луѓе не треба да велат на комшиите дека се генијалци. Она што е важно во архитектурата е појавата на заеднички стил, кој овозможува да градби стојат една крај друга без да се „навредуваат“ меѓусебно.

http://it.wikipedia.org/wiki/Francesco_Borromini

http://fr.wikipedia.org/wiki/Jules_Hardouin-Mansart

Американските мали градови беа изградени користејќи стандардни елементи од три илјади години стара традиција позната како класицизам. Тоа е она што го гледаме на улиците на европските гратчиња: не наметнување на некој сеопфатен нацрт, туку органски раст на улица преку повторување на детаљи кои меѓусебно се сложуваат. Модернизмот, според мене, не успева – но не зашто не создаде ремек дела, убави градби – куќите на Френк Лојд Рајт и црквата на Корбизије, Nôtre Dame du Haut во Ronchamp, тоа го покажуваат.



На горната слика е куќа во Сиетл опколена со модернистички згради. Нејзината сопственичка одбивала милионски суми да ја продаде. (Балоните над куќата се дел од една рекламна кампања.)

Модернизмот не успева поради отсуство на обрасци или типови на градба кои на архитектите би им послужиле за хармонизирање на новите згради со постоечките, со што би ја задржиле суштината на улицата како заеднички дом. Деградацијата на нашите градови е резултат на модернистички речник чие главно орудие е куп на хоризонтални слоеви, со истопорени агли, со игнорирање на улицата, без кохерентна фасада, и без никаква очебијна врска со соседните згради. Со други зборови, деградацијата која ја гледаме произлегува од отсуство на неопходен минимум на естетски ограничувања.

Таму каде нема минимум на ограничувања, штетата не би требала да се проценува само во неудобни чувства на луѓето кои мораат да минуваат време во резултирачката пустелија. Штетите се и еколошки и економски. Градбените блокови од стакло и челични рамки, изградени без фасади, рамнодушни кон нивните сосседи, се еколошка катастрoфа.

Традиционалната архитектура се концентрира на генералноста на формата, на детаљи кои отелотворуваат непишано знаење за тоа како да се живее со градба, и како да се усклади на неа. Оттаму, традиционалната архитектура нам лично ни се адаптира. Затоа таа преживува. Модернистичката архитектура не може да ги промени своите намени, и затоа архитектите на Запад си земаат за претпоставка дека нивните згради ќе траат само по дваесет години. Градејќи со таква мисла на умот вие нема да изградите ниту сместувалиште, камоли соседство. Вие само конструирате шатор, шатор кој е екстремно скап и еколошки деструктивен. Еколошкиот ефект на рушењето е енормен. Колку што се троши енергија во градењето на таква зграда, уште повеќе мора да се потроши на нејзино рушење и замена.



Тука е вредно да се спомне големото човечко откритие, прозорецот. Прозорците на традиционалние куќи формираат допадливи, хуманизирачки детаљи. Тие се очите на куќата. Можат да се отворат кога е претопло, и да се затворат кога е ладно. Тие се вклопени во имплицитниот ред на фасадата. Во сето ова ние гледаме акумулација на практично знаење, кое произлегува од естетските ограничувања, исто како што пазарните трансакции произлегуваат од добрите манири.

Прозорците на модерните градби во градските центри не се очи: тие не ја хуманизираат фасадата, не сугерираат никаква форма или образец кој би можел да се замени, и не сугерираат никакви ограничувања за тоа што може да се постави крај нив, над нив или под нив. Тие не можат да се отворат на топло време, и не дозволуваат циркулација на воздух од надворешноста. Зградата затоа зависи од конзумација на енергија низ целата година: во зима да се загрее, во лето да се лади, а збајатениот воздух кој циркулира низ внатрешноста шири болести – создавајќи го добро познатиот синдром на болни згради, кој е одговорен за многу денови на отсуство од работа поради боледување. http://en.wikipedia.org/wiki/Sick_building_syndrome

И тоа е пример на важна карактеристика на модерниот свет, а тоа е огромна количина на труд и ресурси која се троши само за да покаже незнаење и историско непаметење. Модернизмот, кој ги замислува зградите како завеси од заматено стакло, на рамки од челик и бетон, претставува необичен продор на неукоста во нашиот свет, и огромна еколошка закана. А архитектите и нивните теоретичари посветуваат огромно количина на интелектуален напор само за да го постигнат тој резултат.

Во овој есеј се концентрирав на архитектурата бидејќи таа обезбедува јасна илустрација на социјалните, еколошките и економските трошоци на игнорирање на убавината. Но постои и еден друг трошок, а на него сме сведоци во секојдневните животи, и во заедницата. Тоа е естетскиот трошок. Луѓето бараат убавина. Луѓето сакаат убавина, им треба убавина. бараат чувство дека овој свет им е дом, и чувство дека се во комуникација со други души. Во толку многу подрачја на модерниот живот – поп музика, телевизија и кино, во јазикот и литературата – убавината е заменета со промолкнати повици за наше внимание. Ние губиме основна концентрација од прегласните и дрски гестови на луѓе кои сакаат да го зграпчат нашето внимание, но не пружаат ништо за возврат. Иако ова не е место да се аргументира оваа теза, би требало можеби да се рече дека овој губиток на убавина, и презирот на некои кон потрагата по неа, е чекор на патот кон нов облик на човечки живот. Во него земање доаѓа на местото на давање, а неодредени алчности заменуваат вистински љубови.

Edited by Emerson - 30-May-2010 at 16:44
Back to Top
Vladimir P View Drop Down
Senior Member
Senior Member
Avatar

Joined: 06-Apr-2008
Location: Скопје
Online Status: Offline
Posts: 3300
  Quote Vladimir P Quote  Post ReplyReply #4 Posted: 30-May-2010 at 18:38
   
Клуб на љубители на железниците во Македонија, Macedonian Railways Fan Club
https://www.facebook.com/767277056651521/
Back to Top
Zelenikovo View Drop Down
Senior Member
Senior Member
Avatar

Joined: 19-Oct-2017
Online Status: Offline
Posts: 824
  Quote Zelenikovo Quote  Post ReplyReply #5 Posted: 08-Nov-2017 at 12:13
Originally posted by Emerson

Во старите европски градови, вие откривате што се случува кога луѓето се водат по заедничка традиција, која не само ја прави естетската процена клучна, туку положува стандарди по кои секој се владее. И во Венеција и во Прага, Охрид или Лисабон, вие согледувате дека има разлика - да не може да биде поголема - помеѓу естетска процена како израз на личен вкус, и естетска процена третирана на спротивниот начин, како израз на човечката заедница. Можеби ние гледаме на убавината како субјективна само бидејќи на естетското просудување сме му дале погрешен статус во нашите животи.

Ние најчесто гледаме на естетските прашања како прилика за сопствена афирмација. Но естетиката можеби само служи за ориентација во нашето лично воздржување, одрекување од личното за заедничкото добро.


ако пасусов се аплицира врз урбанизмот во Скопје како архи-центрифуга, факт е дека брутализмот ја засенил модерната, а сега него патинираната еклектика од Ск'14-ка, по таа аналогија секогаш некој некому се наметнал, и претежно со индиректна согласност добиена ко проформа на избори, дури во однос последново патинирање народ беше програмски известен, а изборно навидум тоа и го верификува, камо и утре сдсм ко и дпмне за слична екскурзија да извади предизборна програма ...

но незнаеш што е полошо, дали да има програма, а да нема јавна дебата, илити преку некаква јавна дебата предлозите да неможат да се верификуваат и изборно, или бар реферндумски, а не да се протнат на мала врата ... ајт дпмне бар даде односно проформа мораше да даде простор, локално оние кои се засегнати од некој дуп да можат да фрлат забелешка како мештани, но бидејќи се работеше за епицентар и на градот и на државта, требаше ваквиот консултативен законски минимум некако да го прошират ... ех, сдсм тогаш скокаше и за ваква урбано естетска скржавост во однос одлуките на власта, та ајде да видиме дали тие нешто би смениле и пр. би пуштиле обврзувачки референдум и за посуштна работа како што се Идентитетот и Името на Народов, со глед дека она на Фржавава одамна го сменија ...


Back to Top
 Post Reply Post Reply

Forum Jump Forum Permissions View Drop Down



This page was generated in 0.078 seconds.

Copyright ©2007 - 2018  build.mk

Коментарите на форумот претставуваат лично мислење на нивните автори и не претставуваат официјален став на build.mk.