build.mk Homepage
Forum Home Forum Home > Главни теми > Проекти > Паркинзи и гаражи
  Active Topics Active Topics RSS Feed: Катна гаража зад Собрание
  FAQ FAQ  Forum Search   Register Register  Login Login

Катна гаража зад Собрание

Bookmark and Share
 Post Reply Post Reply
Author
Message
  Topic Search Topic Search  Topic Options Topic Options
SkyBoy View Drop Down
Senior Member
Senior Member
Avatar
Suspended

Joined: 24-Feb-2010
Online Status: Offline
Posts: 738
  Quote SkyBoy Quote  Post ReplyReply #1 Topic: Катна гаража зад Собрание
    Posted: 23-Mar-2010 at 00:44
Пратениците останаа без паркиралиште
 
 
Сегашниот паркинг кај Домот на АРМ е даден под закуп на 20 години за 26.800 евра
 
Оливера Војновска
 
На просторот на паркиралиштето меѓу Собранието и Домот на АРМ ќе се гради подземна гаража. Земјиштето е дадено под закуп на 20 години на приватната фирма „Макоил“ по симболична цена од 680 денари за квадратен метар, односно вкупно за 26.800 евра. Пратеничката од СДСМ Весна Бендевска вчера на седницата за пратенички прашања праша кој функционер од ВМРО-ДПМНЕ дозволил урбаната мафија да влезе во дворот на Собранието и да го запоседне паркиралиштето на кое возилата ги оставаат пратениците. Таа од собраниската говорница го повика јавниот обвинител Љупчо Шврговски да провери на каков начин е направена зделката и каква е одговорноста на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и на спикерот Трајко Велјаноски.

Шврговски, кој присуствуваше на седницата, писмено ќе и' одговори на Бендевска, бидејќи, како што рече, случајот бара подолго истражување. Од Кабинетот на Велјановски одговорија дека земјиштето е на општина Центар, а не на парламентот, така што немаат никаква врска со неговото доделување. Оттаму велат дека по аукцијата на земјиштето Собранието побарало од Министерството за транспорт и врски и од Општина Центар промена на деталниот план, со цел над подземната гаража да има паркиралиште за пратениците, но и да се внимава на влезот во гаражите од сообраќајно -безбедносен аспект. Се' уште чекаат одговор.

Министерот Јанакиески вчера беше во Собранието, но од него немаше никаква реакција на обвинувањата на Бендевска. Попладнето се огласи портпаролот на Министерството за транспорт, Драган Симоновски, кој соопшти дека станува збор за државно земјиште на кое ќе се гради подземна гаража на две нивоа, за што имало лицитација. Почетната цена била 380 денари за квадратен метар, а земјиштето и' било доделено на фирмата „Макоил“, која понудила 680 денари за квадратен метар. Според Симоновски, оваа приватна фирма има обврска секоја година да плаќа по 1,655 милиони денари, односно околу 27.500 евра.

Пратеничката Бендевска вчера прво од говорницата во парламентот, а потоа и во изјава за медиумите тврдеше дека на 19 ноември минатата година Министерството за транспорт на аукција и' го доделило просторот за паркирање на Собранието на приватна фирма.

„ ’Макоил’ го доби паркиралиштето само за 680 денари по квадратен метар и за стопанисување со него во следните 20 години, треба да издвои вкупно 26.800 евра. За тоа некој мора да сноси одговорност“, констатира Бендевска. Притоа го посочи министерот Јанакиески, бидејќи, како што рече, се' уште не доставил сообраќајно решение потпишано од надлежна институција со соодветна законска ревизија.

„Одговори очекуваме и од министерката Јанкуловска, за тоа дали подготвила безбедносно мислење влезот на подземниот паркинг да биде директно до влезот на Собранието - пријавница за странки, вработени и пратеници. Најголем одговор треба да даде Велјаноски. Тој треба да каже дали дал согласност за измена на сопственост на парцелите што го дефинираат просторот околу собраниската зграда и дали соодветно реагирал“, рече таа.

На појаснувањето од Кабинетот на спикерот дека земјиштето е сопственост на општина Центар, Бендевска праша „зошто тогаш Собранието не се јавило на аукцијата и за сума од 20.000 евра да го реши проблемот за паркирање“. Од Кабинетот на Велјаноски и' одговорија дека парламентот „ниту може да се јави на аукција ниту има право да стопанисува со паркиралишта“.

Инаку, Бендевска вчера побара од Шврговски да ги испита тврдењата дека генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски земал плата и од Собранието и од Владата во периодот кога бил дел од Кабинетот на премиерот Никола Груевски.
Back to Top
SkyBoy View Drop Down
Senior Member
Senior Member
Avatar
Suspended

Joined: 24-Feb-2010
Online Status: Offline
Posts: 738
  Quote SkyBoy Quote  Post ReplyReply #2 Posted: 25-Mar-2010 at 23:30
МВР не дало дозвола за гаражата кај Собранието
 
 

Додека МВР чека да го види проектот, фирмата „Макоил“, која ја доби концесијата на 20 години и ќе ја гради гаражата, постави тараби и оформи градилиште, а деновиве очекува и дозвола за градба

Министерството за внатрешни работи, кое се грижи за безбедноста на Собранието, дало само начелна согласност за изградба на подземната гаража, и тоа без одговорните да го видат проектот, но и сообраќајното решение, соопштија од МВР. Оттаму немаа други информации за овој случај, за кој пратеничката Весна Бендевска предупреди посочувајќи го како пример на фушерај и урбанистички криминал. Затоа и не можеа да ни одговорат на прашањето дали во иднина оваа гаража ќе биде опасност за безбедноста на овој јавен објект со висок ризик.

- За изградба на објектот дадовме само начелна согласност. Конечното мислење ќе го дадеме откако ќе ги видиме проектот и сообраќајното решение за да видиме дали ќе ни претставува проблем при обезбедување на Собранието - изјави портпаролот Иво Котевски.

И додека МВР чека да го види проектот, фирмата „Макоил“, која ја доби концесијата на 20 години и ќе ја гради гаражата, веќе постави тараби, оформи градилиште, а деновиве чека и дозвола. Тој не кажа дали ако му одговорат негативно на Министерството за транспорт и врски, изградбата ќе се запре.

Дека безбедноста била нарушена уште од првиот ден, говори и информацијата оти механизацијата и тарабите на фирмата „Макоил“ го спречиле нормалното движење на службените возила кај официјалниот влез. Од собраниските служби изјавија дека биле принудени да испраќаат писмен допис до МВР за оттаму да реагираат до „Макоил“ да го ослободи влезот.

Портпаролот на Собранието на Македонија, Тодор Пендаров, изјави дека сега се' е во ред. Појасни дека парламентот како институција не е надлежен за изградбата на гаражата, која ќе се гради на неколку педи од зградата. Затоа и никој за ништо не ги консултирал за безбедноста.

 
- Ние немаме ништо со изградбата, ниту со безбедносните аспекти. Јавните институции ги обезбедува МВР - рече Пендаров.

Подземната гаража ќе се гради на местото на тревникот до Домот на АРМ, спроти киното „Култура“. Ќе биде на две нивоа, со капацитет за 150 паркинг-места и со површина од 2.500 квадратни метри.

Пратеничката Весна Бендевска од СДСМ обвини за криминал со договорот за концесија со паркиралиштето на Собрание. Таа ги повика највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ да кажат како дозволиле незаконски урбаната мафија да го запоседне просторот околу Собранието, а на тој начин да бидат нарушени безбедносните стандарди.

- Кога се случи промената на сопственоста на објектот и на дворното место? За тоа мора некој да сноси одговорност. Неа мора да ја сноси министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, затоа што се' уште не доставил сообраќајно решение, но и министерската за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, затоа што не дала мислење дали се задоволени безбедносните стандарди за влезот на подземниот паркинг - укажа Бендевска.

Министерството за транспорт и врски ги нарече невистини и лаги обвинувањата на Бендевска. Според портпаролот Драган Симоновски, локацијата зад Собранието е дадена под закуп на легален начин, преку електронскиот систем за аукција.

- Почетната цена на закупнината беше 380 денари за квадратен метар. Најповолен понудувач била фирмата „Макоил“, која понуди речиси двојно повеќе од почетната - 680 денари за квадратен метар или околу 25.000 евра за закупнина на годишно ниво. По 20 години, земјиштето и објектот се враќаат во сопственост на Македонија - изјави портпаролот.

Тој информира дека за период од 20 години, државата ќе инкасира приближно 540.000 евра. Воедно демантира дека Собранието некогаш било сопственик на земјиштето. Напротив, станува збор за посебна градежна парцела, која отсекогаш била сопственост на Македонија, за која има и имотен лист.

Сопственикот и управител на фирмата „Макоил“, Мите Јовановски, изјави дека ќе инвестира три милиони евра во подземната гаража, но се сомнева дали за 20 години ќе ги извади тие пари.

- Како може да ме вбројуваат во урбаната мафија кога земјиштето го добив законски - изјави Јовановски.

Тој информира дека е во тек постапката за добивање градежна дозвола од Општина Центар, по што ќе почнат градежните работи.
 
Анела Петрова
Јорданка Ивановска
 
Ќе почне и изградбата на трите куполи
 
Собранието набрзо ќе стане едно големо правливо градилиште од задната и од предната страна. Освен што ќе се гради катна гаража, ќе почне и предвидената изградба на трите куполи на покривот на зградата на Собранието. Пратениците ќе мора да се паркираат каде што ќе се снајдат, бидејќи надземниот паркинг, како што објаснија од Министерството за транспорт и врски, ќе биде вратен во првобитна состојба, дури по завршувањето на градежните работи.

Фирмата што ќе ја гради гаражата има рок од две години за нејзино завршување, сметано од денот кога ќе ја извади градежната дозвола.
 
Back to Top
axel View Drop Down
Senior Member
Senior Member
Avatar

Joined: 08-Dec-2009
Location: kumanovo
Online Status: Offline
Posts: 3654
  Quote axel Quote  Post ReplyReply #3 Posted: 10-Jan-2013 at 14:37

Нова катна гаража ќе никне кај Собранието

Нова%20катна%20гаража%20ќе%20никне%20кај%20СобраниетоМинистерството за транспорт и врски распиша објави за отуѓување на градежно неизградено земјиште сопственост на државата во општина Центар по пат на електронско јавно наддавање со намена за изградба на катна гаража и мали комерцијално-деловни единици.
 
„Станува збор за една градежна парцела со површина од 2.455 m², со намена за изградба на катна гаража со компатибилни класи на намени. Почетната цена на јавно наддавање изнесува 1.850 денари од метар квадратен, а пријавите за учество на јавното наддавање можат да се достават до Министерството за транспорт и врски најдоцна до 13.02.2012 година. Заинтересираните субјекти ќе треба да достават и банкарска гаранција во износ од 50.000 евра во денарска противвредност за сериозност на понудата“, пишува во соопштението од Министерството.
 
Локацијата се наоѓа во близина на Собранието, во центарот на Скопје и со реализација на оваа катна гаража се очекува да се овозможи поголем простор за паркирање на возилата што дополнително ќе придонесе кон растеретување на сообраќајот во централното градско подрачје.
 
Исто така, денес е распишана јавна објава за отуѓување на градежно неизградено земјиште  во општина Центар по пат на електронско јавно наддавање со намена мали комерцијално-деловни единици – сендвичарници. Станува збор за 6 локации во централното градско подрачје на Скопје, кои се со површина од 8 m² на кои најповолните понудувачи објектите ќе треба да ги изградат во согласност со понуденото идејно решение за истите. Почетната цена на јавното наддавање изнесува 6.000 денари од метар квадратен.

http://www.kapital.com.mk/mk/makedonija/91524/nova_katna_garazha_kje_nikne_kaj_sobranieto.aspx
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 20526
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #4 Posted: 10-Apr-2024 at 18:51
Се будат злите духови на Скопје 2014 – Фирмата што во 2013 доби дозвола, започнала со активности за изградба на катна гаража до Собранието

Се будат злите духови на Скопје 2014 – фирмата што во 2013 доби дозвола, започнала активности за да ја гради катната гаража до Собранието на Северна Македонија.

Според информациите со кои дојде Рацин.мк, на 12 февруари 2024 година до Собранието на Република Северна Македонија, фирмата „АНГО дооел“ доставила „Барање за издавање на потврда со податоци за подземен катастар од страна на сопственик на градежна парцела лоцирана во непосредна близина на Собранието“, кое ова правно лице ја стекнало во сопственост преку постапка за отуѓување на градежно земјиште со електронско јавно наддавање, спроведена од Министерството за транспорт во 2013 година.

Според информациите на Рацин.мк, имајќи ја предвид потребата да се обезбеди целосна безбедност при функционирањето на Собранието, непречена и сигурна работа на пратениците, но и целосна безбедност на државниот врв, странски делегации и високи гости кои го посетуваат Собранието, претседателот Јован Митрески, во неколку наврати ги алармирал надлежните институции дека е неопходно итно да се обезбеди координиран и заеднички пристап во однос на најавите дека во непосредна близина на собраниската зграда, наскоро можно е да се започне со изградба на катна гаража, врз основа на одобрение за градење со УП1 бр 28-300 од 26 август 2014 година издадено од Општина Центар.

За таа цел претседателот Митрески на 19 февруари 2024 година, организирал итен состанок на кој присуствуваа техничкиот претседател на Владата Талат Џафери, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменикот министер за внатрешни работи Назим Буши, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, на која разговарале за ризикот и последиците кои може да произлезат од започнувањето на градежните активности во непосредна близина на Собранието.

Дополнително беше отворено прашањето како се случило, низ годините, низ административните и судските процеси, до ситуацијата од претходна идеја на истата локација да се изгради подземна гаража која ќе биде наменета за потребите на Собранието, до катна гаража како комерцијален објект и дали тоа ќе ја наруши безбедноста на Собранието, како државен објект од витално значење.

Од Кабинетот на Претседателот на Собранието не информираа дека со цел да се обезбеди итно и координирано постапување за надминување на проблемот, претседателот Митрески на 23.02.2024 година и писмено се обратил до претседателот на Владата Џафери и министерот за внатрешни работи Тошковски, а на 6.03. 2024 година и до претседателот на државата Стево Пендаровски. Во писменото обраќање Митрески повторно укажал на алармантноста на ситуацијата и побарал координиран пристап за целосно надминување на проблемот кој датира од јули 2013 година, кога Министерството за транспорт склучил Договор за отуѓување на градежно земјиште со електронско јавно наддавањe.

Од Министерството за внатрешни работи, како институција задолжена да се грижи за јавната безбедност, побарано е да се произнесат дали со градбата се нарушува безбедноста на Собранието како витален објект од државно значење.

Со оглед на тоа што во разумен рок до Собранието на Република Северна Македонија не стигнала никаква реакција, ниту пак беа преземени конкретни чекори за надминување на оваа состојба, од Кабинетот на претседателот Митрески на 5 март 2024 година до Владата и до Министерството за внатрешни работи е доставена и Ургенција за постапување при што повторно беше укажано на потребата за итно постапување по претходните барања.

Одговори на оваа ургенција на Митрески сѐ уште нема.

Хроника на изградбата на катната гаража

Во хрониката за изградба на оваа катна гаража стои дека на локацијата каде што е предвидено да се изгради катната гаража, претходно било планирано подземна гаража и тоа за потребите на Собранието. Сепак, под налетот на Скопје 2014 и со промена на ДУП-от за потребите на овој проект, подоцна на истата маркица се испланирала катна комерцијална гаража за која било спроведено електронското јавно наддавање за отуѓување на градежно неизградено земјиште сопственост на Република Македонија од страна на тогашното Министерството за транспорт и врски на 18 јуни 2013 година.



Почетната цена на земјиштето изнесуваше 1.850 денари од квадратен метар за градежната парцела со површина од 2.455 m². Јавното наддавање траело околу еден час, а учество земале три компании: АНГО дооел, Сити Централ Интернационал дооел и ВИП проект. На првото место се најде АНГО дооел, со највисока понуда од 8.355 денари за метар квадратен.

Под притисок на јавноста и реакциите поврзани со Скопје 2014, а на иницијатива на тогашниот градоначалник Саша Богдановиќ, во 2018 година Општина Центар го поништи одобрението за градба на инвеститорот „АНГО ДООЕЛ“ Скопје.

Правна основа за ова решение на Општина Центар било пробивањето на законски предвидениот рок за отпочнување со градење, согласно членот 66 од Законот за градење, според кој рокот за почеток на градба е 2 (две) години од правосилноста на одобрението за градење (2014), во спротивно одобрението за градење престанува да важи.

Според информациите што ги добивме од новата, актуелна гарнитура на Општина Центар, решението на Саша Богдановиќ да го поништи одобрението за градба на „АНГО дооел“, било прогласено за ништовно од страна на Уставниот суд по жалбата на инвеститорот.

Следувало уште еден, нов управен акт од страна на Општина Центар во 2012 година, кога повторно поради непочитување на рокот за започнување на изградба на конкретниот објект во рок од 2 години, било донесено Решение за огласување на Одобрението за градење за ништовно. Министерството за транспорт и врски – секторот за нормативно-правни работи, по вложена жалба од страна на Инвеститорот, жалбата ја отфрли како неоснована, а Решението на Општина Центар-Скопје го потврди.

Но, инвеститорот „АНГО дсооел“ покренал нова жалбена постапка до Управниот суд, кој на крајот на декември 2021 година преку донесената Пресуда ја прифати тужбата на инвеститорот и со тоа поништени се и Решението на Министерството за транспорт и врски, а со тоа и на Општина Центар-Скопје.

Пресудата станала правосилна и сѐ уште е правосилна и врз основа на неа од инвеститорот „АНГО дооел“ е најавена постапка за почеток на изградба на комерцијална катна гаража во непосредна близина на Собранието. Според тоа што го добивме како одговор на прашањето кои се натамошните активности согласно надлежностите на Општина Центар, од општината ни одговорија дека тие се должни да го следат, го следат и ќе продолжат да го следи спроведувањето на Договорот за отуѓување на земјиште по пат на јавно наддавање што Министерството за транспорт и врски во име на Државата го склучило со правното лице – купувач во 2013 година. Тоа значи и дека ќе ги следи сите обврски кои правното лице е должно да ги почитува. Но, ако тоа не го прави согласно договорот од тоа би произлегле негативни консеквенци, па како резултат на тоа согласно Законот за градежно земјиште и согласно Договорот би биле преземени соодветни мерки.

https://racin.mk/analizi/se-budat-zlite-duhovi-na-skopje-2014-firmata-shto-vo-2013-dobi-dozvola-zapochnala-so-aktivnosti-za-izgradba-na-katna-garazha-do-sobranieto/
Carpe diem
Back to Top
Џоле View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 23-Apr-2013
Location: Скопје
Online Status: Offline
Posts: 15194
  Quote Џоле Quote  Post ReplyReply #5 Posted: 06-Aug-2024 at 08:42
Се подготвува теренот за катна гаража: Дали пред очите на сите кај Собранието ќе се гради дивоградба?



Зад републичкото Собрание почна да се подготвува теренот за изградба на катна гаража. Просторот сѐ уште не е ограден со лимени тараби, само со црвени ленти е означена градежната парцела, но поставена е табла со податоци за изградбата. Засега таму има само еден багер, но веќе се исечени постојните дрвја за да се ослободи теренот за градба.

Деталниот урбанистички план „Мал ринг“, кој предвидуваше на овој простор помеѓу Собранието и Домот на Армијата да се изгради подземна гаража, беше изменет кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ и тогаш маркичката за подземна беше заменета со маркичка за катна гаража.




Во јуни 2013 година на електронска аукција во Министерството за транспорт и врски, земјиштето од 2.455 метри квадратни го купи фирмата „Анго“ ДООЕЛ за 8.355 денари или за околу 135 евра за метар квадратен. Планот предвидуваше гаражата да биде висока девет метри, а 15 отсто од објектот можеше да биде деловен простор.

Откако сите процедури беа завршени и градежното земјиште продадено, инвеститорот побара одобрение за градба, кое го доби една година подоцна, на 26 август, а правосилно стана на 10 септември истата година. Тогаш со општината раководеше Андреј Жерновски.




Следниот градоначалник Саша Богдановиќ во 2018 година му ја поништи дозволата за градба на инвеститорот поради тоа што во рок од две години откако решението станало правосилно изградбата не беше почната.

Законски предвидениот рок за отпочнување со градење е две години од правосилноста на одобрението за градење, во спротивно одобрението за градење престанува да важи – објасни тогаш Богдановиќ, прецизирајќи дека на барање на Општината, Бирото за судски вештачења, извршило вештачење и утврдило дека на конкретната парцела не се гради никаков објект, ниту некогаш започнал да се гради.

Решението на Општина Центар го потврди и Министерството за транспорт и врски, но инвеститорот „Анго“ ДООЕЛ поведе жалбена постапка до Управниот суд, кој во декември 2021 година донесе пресуда дека се прифаќа тужбата на инвеститорот и со тоа беа поништени и решението на Министерството за транспорт и врски и на Општина Центар.




Но, дали пресудата значи дека и сега, по 10 години откако е издадена дозволата за градба, инвеститорот може да гради според неа. Според поставената табла на градежната парцела се посочува токму тоа дека ќе се гради врз основа на одобрение за градба УП1 бр. 28-300 издадено на 26.8.2014 година од Општина Центар, нешто што не е предвидено во Законот за градење.

Во став 1 од член 66 во Законот е прецизирано дека одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.

Во случаите од ставот (1) на овој член надлежниот орган што го издал одобрението за градење донесува акт за ништовност на одобрението, кој се доставува до органот надлежен за водење на јавната книга за запишување на правата на недвижностите и истиот е основ за бришење на сите прибележувања и предбележувања поврзани со недвижноста. Доколку градбата започнала да се гради по истекот на рокот од ставот (1) на овој член, се смета дека градењето е бесправно – стои во Законот за градење.




Дали пред очите на сите надлежни, на сите инспекции, во центарот на Скопје започнува да се гради дивоградба?

Од Општина Центар до овој момент не одговорија дали нивното решение издадено пред десет години според нивна проценка е важечко иако Законот го тврди спротивното.


Фото Слободен Печат – Методи Здравев

https://www.slobodenpecat.mk/se-podgotvuva-terenot-za-katna-garazha-dali-pred-ochite-na-site-kaj-sobranieto-kje-se-gradi-divogradba/
За сè има вторпат
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 20526
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #6 Posted: 09-Aug-2024 at 14:43
Со судска пресуда дозволата за градба на катната гаража кај Собрание се „растегнала“ од две на десет години

Почетокот на изградбата на катната гаража во зелениот простор помеѓу државното Собрание и Домот на Армијата, покажува како одобрение за градба, која законски треба да почне во рок од две години откако е издадено, може да се „растегне на десет години“ и тоа сепак да биде легално. Доволно е инвеститорот да се жали и да обжалува решенија на Општината, судот да пресуди во негова корист и одобрението за градба да му важи цела деценија, независно од тоа што не го испочитувал законски утврдениот рок за започнување на изградбата.

Од Општина Центар за „Слободен печат“ ја објаснија целата досегашна процедура и како дошло до тоа овој објект, кој сега почнува да се гради, да не се смета за бесправна градба.

Општината на 26 август 2014 година му издала на инвеститорот ДТПУ „АНГО“ одобрение за градење, кое на 10 септември истата година станало правосилно. Според член 66 од Законот за градење, одобрението престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот на правосилноста, а по тој рок, градењето се смета за бесправно. Инвеститорот не почнал со градежни активности и поради тоа, во ноември 2018 година Општина Центар со решение ја поништила претходно издадената дозвола за градба

Инвеститорот поднел жалба на решението, која во март 2019 година била одбиена како неоснована од страна на второстепениот орган. Во април 2019-та, ДПТУ „АНГО“ поднел тужба до Управниот суд против второстепеното решение. Управниот суд, со пресуда У-3 бр. 214/2019 од 16.4.2020 година, ја уважил тужбата на тужителот, а решението од второстепениот орган го поништил. Имајќи ја предвид пресудата на Управниот суд, второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски во јуни донел решение во кое ја уважил жалбата на ДТПУ „АНГО“ , а решението на Општина Центар-Скопје од ноември 2018 година го поништил и предметот го вратил на првостепениот орган на повторна постапка.

Општина Центар следејќи ги насоките дадени преку пресудата У-3 бр.214/2019 од 16.4.2020 година повторно го огласил за ништово Одобрението за градење, но во смисла на Решението Уп2 бр.32-633/2018 од 04.02.2022 година, а донесено во врска Пресудата на Управниот суд У-3 бр.20/2021 од 23.12.2021 година, правосилна на 23.12.2021 година е должна да ги следи насоките дадени во Пресудата и постапи во согласност со неа, и со тоа повеќе нема законска можност да го огласи Одобрението за ништовно. На тој начин не постои правна пречка да се реализира градбата. Така, имајќи го рокот предвиден според Законот за градење, за пријавување на градба, а со тоа и реализација на изградба на објектот, рокот за изградба во согласност со Одобрението за градење истекува на 10.9.2024 година. Станува збор за управна постапка по вонреден правен лек, која била во тек и по заминувањето на претходниот градоначалник – објаснуваат од Општина Центар.

И така, катната гаража што почнува да се гради кај Собранието, не е дивоградба. За неа по долгата управна постапка важи решение старо десет години.

Катноста на објектот согласно Детален урбанистички план е П+2, а влезот во неа ќе биде од пристапната улица помеѓу Собранието и Домот на АРМ. Дали ваквиот комерцијален објект влијае врз безбедноста на Собранието како витален објект од државно значење, од МВР веќе три дена нема одговор.

https://www.slobodenpecat.mk/so-sudska-presuda-dozvolata-za-gradba-na-katnata-garazha-kaj-sobranie-se-rastegnala-od-dve-na-deset-godini/
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 20526
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #7 Posted: 19-Aug-2024 at 12:56
ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ КАТНАТА ГАРАЖА ЗАД СОБРАНИЕ ЗА КОЈА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЈА ПОНИШТИ ГРАДЕЖНАТА ДОЗВОЛА, НО УПРАВЕН СУД ЈА ПРИФАТИ ЖАЛБАТА НА ИНВЕСТИТОРОТ

Почна изградбата на катната гаража зад Собранието, во центарот на Скопје. Деновиве, просторот кој со години се користеше како див паркинг меѓу Собранието и Домот на Армијата почна да се оградува и со градежни машини се расчистува просторот. Поставена е и табла со податоци за инвеститорот ДТПУ АНГО ДООЕЛ од Скопје и изведувачот.

Градежната дозвола за изградба на катната гаража беше поништена во 2018 година од ексградоначалникот на Оштина Центар Саша Богдановиќ, бидејќи инвеститорот не почнал во предвидениот рок со градба. Но, инвеститорот на ова решение поднесува жалба и по судската постапка која трае неколку години решението на Општина Центар се укинува и на инвеститорот му се дозволува да гради.

Од Општина Центар велат дека се должни да ги следат насоките дадени во пресудата на Управен суд и да постапат согласно со неа. Со тоа, додаваат од Општината, повеќе нема законска можност да го огласи одобрението за градба за ништовно и на тој начин не постои правна пречка да се реализира градбата.

„Инвеститорото на 14.12.2018 година поднесува жалба до Министерството за транспорт и врски како второстепен орган. Жалбата е одбиена како неоснована од страна на Министерството со решение на 07.03.2019 година. На 16.04.2019 година ДПТУ АНГО ДООЕЛ поднел тужба до Управниот суд против второстепеното решение. Управниот суд, со пресуда од 16.04.2020 година ја уважил тужбата на тужителот, а решението од второстепениот орган го поништил. Имајќи ја предвид пресудата на Управниот суд, второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски донел решение од 11.06.2020 година во кое ја уважил жалбата на ДТПУ АНГО ДООЕЛ Скопје, а решението на Општина Центар-Скопје од 30.11.2018 година го поништил и предметот го вратил на првостепениот орган на повторна постапка. Општина Центар-Скопје следејќи ги насоките дадени преку пресудата од 16.04.2020 година повторно го огласил за ништово одобрението за градење, но во смисла на Решението од 04.02.2022 година, а донесено во врска Пресудата на Управниот суд од 23.12.2021 година, е должна да ги следи насоките дадени во Пресудата и постапи согласно со неа, и со тоа повеќе нема законска можност да го огласи одобрението за ништовно“, велат од Општина Центар.

Од таму додаваат дека согласно Законот за градење, за пријавување на градба, а со тоа и реализација на изградба на објектот, рокот за изградба согласно Одобрението за градење истекува на 10.09.2024 година.

Државното земјиште кај Собранието беше продадено на јавно наддавање во 2013 во времето на премиерот Никола Груевски, а министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески, согласно договорот за отуѓување на катна гаража со компатибилни класи на намена односно изградба на мали комерцијални и деловни единици. Катноста на објектот согласно Детален урбанистички план е П+2, а влезот е предвиден од пристапната улица помеѓу Собрание и Дом на АРМ.

https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/pochna-da-se-gradi-katnata-garazha-zad-sobranie-za-koja-opshtina-tsentar-ja-ponishti-gradezhnata-dozvola-no-upraven-sud-ja-prifati-zhalbata-na-investitorot/
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 20526
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #8 Posted: 03-Sep-2024 at 17:28
МВР не дава согласност за катната гаража кај Собранието бидејќи е безбедносен ризик



Проектот за изградба на катната гаража до Собранието, проект што го бранеше адвокатот Панче Тошковски, не доби позитивно мислење од министерството со кое тој сега раководи. МВР утврди дека изградба на комерцијален објект до Собранието е безбедносен ризик и може да предизвика импликации во работењето на институциите.

Тошковски, од позиција на министер, не учествувал во изготвувањето на безбедносната проценка за објектот, потврдија од МВР за „Само прашај“, но не одговорија дали во меѓувреме тој го променил ставот или и натаму смета дека е соодветно да има приватна катна гаража во дворот на Собранието. Мислењето на МВР е спротивно на заложбите на адвокатот Тошковски, кој со години во име на компанијата „АНГО“ ДООЕЛ водеше правна битка за таа да си го врати одземеното одобрение за градење.„Имајќи ја предвид сегашната позиција на министерот Тошковски, тој не е во можност да споделува став околу предметниот случај, поради конфликт на интереси“, рекоа од МВР за „Само прашај“.

На одговорот од МВР се чекаше со месеци – уште во март Владата и Собранието побараа од Министерството да направи проценка дали ваквата комерцијална гаража е ризик за безбедноста на Собранието како објект од витално значење – но институциите како да се затекнати од барањето.



Институционалниот молк, што е присутен за оваа локација со години, повторно завладеа и никој не знае какви ќе бидат последиците од негативниот став на МВР. Молк и од компанијата „АНГО“ ДООЕЛ, која од пред два месеци, непосредно по конституирањето на новиот собраниски состав, веќе го загради просторот за градење и постави табла со информации за почеток на градежните активности.

Изградбата на катната гаража е ризик
Од одговорите што ги добивме од МВР не може да се заклучи кога бил одржан состанок на работната група и не е јасно зошто на институцијата ѝ беа потребни повеќе месеци да ја донесе безбедносната проценка, но нема дилеми во утврдените ризици од изградба на катната гаража.

„Организациските единици на МВР и други институции кои се засегнати со ова прашање одржаа работен состанок и утврдија дека евентуалната изградба на катна гаража во непосредна близина на Собранието на РСМ и Домот на АРМ би претставувала безбедносен ризик и не е исклучена можноста од постоење на импликации во однос на секојдневното функционирање на виталните објекти. Согласно тоа, Министерството за внатрешни работи, имајќи ја предвид безбедноста на објектот Собрание на РСМ кој е од витално значење, не е во можност да заземе позитивен став по однос на изградбата на катната гаража во непосредна близина на Собранието на РСМ“, одговорија од МВР на прашањата на „Само прашај“.

Официјалната проценка на МВР се совпаѓа со мислењето на безбедносните експерти дека во близина на витални објекти, секогаш треба да се избегнува да се градат комерцијални објекти – дотолку повеќе што во конкретниот случај, има три важни згради на мал простор: зградата на Собранието, Домот на АРМ и зградата на Управниот суд.

По ниту еден основ не смее да се дозволи до институција од витално значење да се изгради стопански објект, ни изјави поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Љубомир Ѓурчевски, само неколку дена пред да стаса оценката од МВР.
„Во парламентарна демократија, на највисоко место по важност е Собранието, претседателот на Собранието, пратениците, потоа зградата на Владата, премиерот, Претседателот на државата, Уставниот суд, Врховниот суд и Јавното обвинителство, секако и министерствата, па националните медиуми. За сите згради од витално значење и за Собранието има посебни полициски планови и обрасци за обезбедување и заштита од секакви безбедносни предизвици. Како полицијата би ги распоредила своите возила и други средства за заштита на Собранието при изградба на приватен објект?“, објаснува Ѓурчевски, кој набројува и различни ризици и диверзии што се реална закана за објект како катна гаража.

Надлежните ќе чекаат и официјално да добијат известување од МВР за да одлучат како да постапат – дотогаш одбија да соопштат дали мислењето на МВР може да биде основа за да се преземат некои активности за запирање на градбата на објектот.

„За какво било негативно мислење дадено од страна на МВР, а во врска со можни и евентуални безбедносни ризици при планирање и евентуална изградба на катната гаража на локацијата до Собранието на РСМ, Општина Центар – Скопје не е запознаена и до овој момент нема таква информација добиена од МВР. Од причини што такви информации од МВР не сме добиле, не можеме ниту да коментираме евентуална ситуација на запирање на изградбата, којашто е во рамки на претпоставка, а не на факти“, одговорија од Општина Центар.

Партиски влијанија во битката за атрактивната локација
Битката за сопственост започна уште во 2009 година, кога Министерството за транспорт за првпат ја понуди атрактивната локација на лицитација. Прв газда е „Макоил“, кој не започна со изградба на подземна гаража во законскиот рок, по што во 2013 година, Министерството за транспорт и врски организира нова аукција за истата локација. Земјиштето го купува фирмата „АНГО“ ДООЕЛ, која следната година добива и дозвола за градење, но не на подземна, туку на катна гаража, поради усвоените измени на ДУП-от за „Мал ринг“, со кои на ова место беше вцртана маркичка за катна гаража.

Две години подоцна, во 2016, тогашниот градоначалник на Центар Саша Богдановиќ го поништува одобрението за градење, зашто фирмата не започнала со градба во законски предвидениот рок. Компанијата, преку својот правен застапник, адвокатот Панче Тошковски, на двапати поднесува тужба против решението на општина Центар и посакуваната пресуда ја добиваат во 2021 година, кога Управниот суд во „ИМЕ НА ГРАЃАНИТЕ“ носи одлука во нивна корист.

Управниот суд ги прифаќа сите аргументи на адвокатот Тошковски и на „АНГО“ ДООЕЛ и заклучува дека Општина Центар и комисијата во Министерството за транспорт, кои тврдеа дека до истекот на законскиот рок не биле започнати никакви градежни работи, ја оштетиле компанијата.

„Во конкретниот случај, фактичката состојба утврдена од страна на првостепениот орган, е неправилно и нецелосно утврдена, во поглед на фактот кои градежни активности можат да се подведат под активности кои значат отпочнување на градење“, пишува во пресудата од Управниот суд, потпишана од претседателката на Советот Весна Јовановска и од членовите Габријела Михајловска и Елеонора Хамулиќ Ајро.

Со пресудата на која страните повеќе немаа право на жалба, компанијата си го врати поништеното одобрение за градба, а обидите за враќање на земјиштето во државна сопственост беа стопирани.

Судијката Јовановска е веќе десет години во Управниот суд. Таа од 2011 г. работи во Судот на спорови поврзани со денационализација, урбанизам, градежништво и други права. Но, впечатлив е нејзиниот партиски ангажман пред да ја наметне судиската тога. Таа беше пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, претходно и советничка од истата партија во Општина Битола. Интересен е податокот дека пред две години, на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, беше кандидатка за уставен судија.

„Само прашај“ се обиде да стапи во контакт со судијката за нејзин коментар во однос и на донесената пресуда, но и на партиската блискост со тужителот – сопартиецот Тошковски, но од Управниот суд ни одговорија дека „судијата своите ставови ги изразува во судските одлуки“.

Ваквите врски се сепак симптоматични и отвораат сомнеж дека се штитат инвеститори блиски до партијата, велат советниците од „Шанса за Центар“.

Боде очи што повеќе актери во судскиот процес биле на некаков начин поврзани, или сѐ уште се, со иста партија. Треба да се испита поврзаноста меѓу судијката, инвеститорот, адвокатот/министерот. Јавниот интерес и јавниот простор не смеат да трпат од инвеститорски апетити со партиски врски, вели Јане Димески, советник од „Шанса за Центар“.

Рокот за изградба на катната гаража истекува за десет дена

Со пресудата на Управниот суд, компанијата успеа да си го врати одобрението за градење и повторно да се врати во игра за изградба на катната гаража, но кратките рокови за завршување на објектот наскоро стапуваат на сила.

Од Општина Центар објаснуваат дека фирмата „АНГО“ ДООЕЛ има законски рок до 10 септември да ја заврши изградбата на катната гаража, зашто тогаш се навршуваат десет години откако станало правосилно Одобрението за градење. Бидејќи гаражата нема да „никне“ преку ноќ, поради пробивање на роковите, компанијата ќе плаќа казни сè до завршување на објектот. Во спротивно, може да ѝ биде одземена дозволата за градење.

„Согласно издаденото Одобрение за градење, кое е правосилно, законскиот рок за изградба на овој објект изнесува 10 години од правосилноста на издадениот акт. Правосилноста настапила на 10.09.2014 година, па со тоа и рокот за изградба истекува на 10.09.2024 година. Бидејќи самото земјиште, кое било во државна сопственост, е отуѓено по пат на јавно наддавање и за тоа е склучен и солемнизиран договор, доколку не се испочитуваат зададените рокови согласно Закон и Договор, по истите купувачот е должен да плаќа договорна казна сѐ до конечна изградба на објектот“, соопштија од Општина Центар.

Процесот на отпочнување на постапката за враќање на земјиштето во државна сопственост започнува доколку правното лице не плаќа договорна казна три месеци последователно.

Без да се гради, се печалат големи пари
Крајните рокови притискаат да се пресече и да се донесе конечен план за локацијата до Собранието, но засега е сè уште е неизвесно дали ќе превладее приватниот или јавниот интерес. Пред МВР да го оформи ставот, меѓу пратениците биле разгледувани неколку опции за амортизирање на штетата од евентуалната изградба на катната гаража: таа да се користи само од пратениците или со закон да се забрани изградба на објекти околу Собранието. Кое било од овие решенија да се прифати, сметката на крај ќе стигне до граѓаните.

Архитектката Дивна Пенчиќ вели дека се работи за разработени шеми кои воопшто не се наивни и бара да има одговорност.

„Треба да се бара начин за да се врати парцелата во државна сопственост, но голем број ивеститори, корумпирани службеници и планери играат на карта да се вцрта нешто, дури и невозможно, па потоа не мора ниту да се гради за да се спечалат големи пари. А ние, граѓаните, сето тоа го плаќаме од џеб. Ова не е воопшто наивно е и разработена шема“, вели Пенчиќ.

Таа бара да се утврди одговорност за погрешните урбани политики, а пратениците ги потсетува дека не се членови на кралско семејство, туку народни избраници, и не мора да доаѓаат до Собранието со автомобил.

„Погрешните урбани политики нè чинат и ќе нè чинат многу, а одговорноста ја сносат и планерите и одговорните служби од општината, и одговорните од Собранието, кои не размислиле што може да се случи. На ова место не смеело да се вцрта парцела за катна гаража од аспект на заштита на објектот на Собранието како културно архитектонско богатство, од аспект на несоодветно сообраќајно решение и, секако, од аспект на губење драгоцена зелена површина и создавање уште еден топлотен остров во центарот на градот“, заклучува Пенчиќ.

https://samoprasaj.mk/istrazuvame-1/mvr-ne-dava-soglasnost-za-katnata-garaza-kaj-sobranieto-bidejki-e-bezbednosen-rizik/
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 20526
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #9 Posted: 05-Sep-2024 at 12:07
НЕРАЗУМНО И НЕЗРЕЛО СЕ ОДНЕСУВАЛ ТОЈ ШТО ПРЕД 12 ГОДИНИ ДАЛ ДОЗВОЛА ЗА КАТНАТА ГАРАЖА ДО СОБРАНИЕТО, КАЖА МИЦКОСКИ

Ќе се бара начин да се обесштети инвеститорот на катната гаража до Собранието за да не се гради, бидејќи ја загрозува безбедноста на овој државен објект. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека веќе е воспоставена комуникација со инвеститорот и наредната недела спикерот Африм Гаши ќе има средба со него на која што ќе се договара решение.

„Некој некогаш не бил разумен, се однесува незрело и направил нешто што ја загрозува безбедноста на Собранието. Инвеститорот ги има сите потребни документи за градба бидејќи пред 12 години му било продадено земјиштето. Но, ние сега како Влада без разлика што некој друг се однесувал незрело мора да го решиме проблемот, да најдеме начин да го обесштетиме инвеститорот, а земјиштето повторно да се врати на државата за да не се гради таму објектот”, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашање на прес-конференцијата за доделување 250 милиони евра на општините.

Пред еден месец инвеститорот ДТПУ АНГО ДООЕЛ од Скопје го огради просторот околу Собранието и почна да го расчистува просторот за изградба на катната гаража.

Државното земјиште кај Собранието беше продадено на јавно наддавање во 2013 во времето на премиерот Никола Груевски, а министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески, согласно договорот за отуѓување на катна гаража со компатибилни класи на намена односно изградба на мали комерцијални и деловни единици. Катноста на објектот согласно Детален урбанистички план е П+2, а влезот е предвиден од пристапната улица помеѓу Собрание и Дом на АРМ.

Инвеститорот добил одобрение за градење на катната гаража на 26 август 2014 година, со правосилност од 10 септември 2014.

Градежната дозвола за изградба на катната гаража беше поништена во 2018 година од ексградоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, бидејќи инвеститорот не почнал во предвидениот рок со градба. Но, инвеститорот на ова решение поднесува жалба и по судската постапка која трае неколку години решението на Општина Центар се укинува и на инвеститорот му се дозволува да гради.

Со измена на деталниот план „Мал ринг“ за време на мандатот на Владимир Тодоровиќ наместо подземна гаража, беше нацртана маркичка за катна гаража. Во јуни 2013 година на електронска аукција во Министерството за транспорт и врски, земјиштето го купи фирмата „Анго“ ДООЕЛ за 136 евра за квадрат или вкупно за 333.000 евра за земјиштето од 2.455 метри квадратни. Планот дозволуваше гаражата да биде висока 9 метри, а 15 отсто од објектот можеше да биде деловен простор, продавници или угостителски објекти.

https://sdk.mk/index.php/naslovna/nerazumno-i-nezrelo-se-odnesuval-toj-shto-pred-12-godini-dal-dozvola-za-katnata-garazha-do-sobranieto-kazha-mitskoski/
Carpe diem
Back to Top
FT View Drop Down
Senior Member
Senior Member
Avatar

Joined: 22-Jun-2010
Location: Kocani
Online Status: Offline
Posts: 569
  Quote FT Quote  Post ReplyReply #10 Posted: 06-Sep-2024 at 01:27
Ете Мицкоски најубаво ја опиша екскурзијата Скопје 2014 на претходната нивна власт: "Неразумно и незрело"
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 20526
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #11 Posted: 06-Sep-2024 at 17:46
Ќе се гради ли катна гаража кај Собрание?



https://kanal5.com.mk/kje-se-gradi-li-katna-garazha-kaj-sobranie/a657973
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 20526
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #12 Posted: 14-Sep-2024 at 18:30
Carpe diem
Back to Top
 Post Reply Post Reply

Forum Jump Forum Permissions View Drop Down



This page was generated in 0.359 seconds.

Copyright ©2007 - 2024  build.mk

Коментарите на форумот претставуваат лично мислење на нивните автори и не претставуваат официјален став на build.mk.