build.mk Homepage
Forum Home Forum Home > Останати теми > Останати теми
  Active Topics Active Topics RSS Feed: Економски вести
  FAQ FAQ  Forum Search   Register Register  Login Login

Економски вести

Bookmark and Share
 Post Reply Post Reply Page  <1 272829
Author
Message
  Topic Search Topic Search  Topic Options Topic Options
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 19482
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #561 Posted: 18-Jun-2022 at 09:38
Може ли инфлацијата да не ни стане секојдневие



Македонија е во врвот на листата според годишната стапка на инфлација во Европа. Новите бројки за инфлација во нашата земја се загрижувачки – индексот на трошоците на животот во мај годинава, во однос на мај 2021 година, бележи зголемување од 11,9 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 12,1 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

За период од еден месец, индексот на трошоците за живот во мај годинава во однос на април е зголемен за 2 отсто, додека индексот на цените на мало пораснал за 1,5 отсто.
Статистичките податоци покажуваат загрижувачки раст од 17,1 отсто на цените на храната и безалкохолните пијалаци за период од една година. Па така, маслото и мастите за јадење од мај 2021 до мај 2022 година пораснале за 37,9 отсто. Лебот и житата се продаваат по повисоки цени од 21,5 отсто, зеленчукот поскапел за 18,5 отсто, додека млекото, сирењето и јајцата се поскапени за 16 отсто. Највисоко зголемување има токму кај основните прехранбени производи, кои им се неопходни на граѓаните.

Во извештајот на ДЗС се наведува дека природниот гас за една година поскапел за 53,6 отсто, додека цените на течните горива се зголемиле за 44,3 отсто. Огромно зголемување во мај 2022 година, во споредба со мај 2021 година, има и кај транспортот, од дури 24,1 отсто.
Додека, пак, годишната стапка на инфлација во еврозоната достигна рекордни 8,1 отсто во мај, објави Евростат.

Мајската инфлација во 19-те држави од еврозоната ја надмина претходната рекордна инфлација од 7,4 отсто во април, достигнувајќи највисоки бројки забележани од јануари 1997 година. Порастот на цените во потрошувачката секој месец достигнува рекордни нивоа, континуирано од ноември минатата година. Тоа минатата година беше карактеризирано како привремен феномен, поврзан со силата за економско закрепнување по пандемискиот шок и прекините во синџирите на снабдување

Според Зоран Ивановски, универзитетски професор, прогнозите на водечките светски финансиски институции се дека забавувањето на инфлацијата може да се очекува дури следната година, се разбира доколку има промени и на глобалната економска карта.
– Одржувањето на ценовната стабилност е примарна законска обврска на централната банка, оттука, може да се очекува во наредниот период Народната банка постепено да продолжи да ја зголемува основната каматна стапка. Ова ќе предизвика пораст на општото ниво на камати и ќе предизвика намалување на паричната маса во оптек, со што постепено ќе се намалува инфлаторниот притисок. Ваква интервенција веќе има направено и продолжува ФЕД (Централната банка на САД), а започна и Европската централна банка. За жал, поради ограничениот фискален простор (веќе достигнато ниво на задолжување до границата од 60 отсто од БДП) не може да се очекува посериозна интервенција на фискалната политика – смета Ивановски.

Тој појаснува дека останува единствено преку буџетот да се помагаат ранливите категории, што единствено може да ги ублажи инфлаторниот притисок и осиромашувањето на одделни категории граѓани.
– Треба да знаат граѓаните дека инфлацијата и во наредниот период ќе биде наше секојдневие, што ќе се одрази на значително намалување на животниот стандард и пораст на нееднаквоста во општеството. Единствено може да се надеваме дека Владата ќе ги реализира планираните инвестиции и дека ќе понуди поволни услови за охрабрување на приватните и странските инвестиции, барем да се оствари планираниот економски раст, зашто во спротивно, на државата ѝ се заканува и стагфлација – додава Ивановски.

Како што вели професорот на Универзитетот за Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, проблемот со инфлацијата е многу сериозен и на него треба сериозно да се работи, зашто и досегашните поскапувања се проблематични.
– Инфлацијата е на многу високо ниво и тоа е сериозен сигнал дека тука треба да се оди многу внимателно, да се дизајнираат политиките, зашто тоа удира директно на потрошувачката кошница. Мора да се дејствува координирано и да се менаџира „мешавината од политички, фискални и монетарни“ политики, за да се избере помалку лошиот резултат – посочува Беџети.

Според анализите на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, неизвесноста во економијата значајно се засили по руската инвазија врз Украина на крајот од февруари 2022 година.
– Изгледите за растот на Европскиот континент се влошија, а интензитетот на конфликтот укажува на подолготрајност на ценовните притисоци во споредба со првичните прогнози – се вели во анализата, која надолно ја ревидира проекцијата за растот на БДП во 2022 година на 2,8 отсто, додека годишната инфлација се проектира на 9,7 отсто.

https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/mozhe-li-inflacijata-da-ne-ni-stane-sekojdnevie/
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 19482
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #562 Posted: 09-Jul-2022 at 09:58
ЌЕ БАНКРОТИРААТ 15-ТИНА ЗЕМЈИ, ЌЕ БИДАТ ИСКЛУЧУВАНИ ДУРИ И СЕМАФОРИТЕ И ЌЕ ИМА КОЛАПС НА СВЕТСКИТЕ БЕРЗИ: Економско мрачно сценарио до крајот на 2022

Има три работи кои би можеле да доминираат во наредните месеци: енергетската криза во Европа, падот на вредноста на различни видови средства и низата банкротства во земјите во развој и натамошниот колапс на берзите. Инфлацијата ќе остане важна тема, но во овој момент е многу тешко да се предвиди насоката и силата на трендот, пишува Jutarnji.hr.

Членките на ЕУ, кои се познати по подобро планирање и подобра подготовка, веќе ја препознаа енергетската криза како актуелен национален проблем бр. 1.

Откако Русија драстично го намали снабдувањето со енергија минатиот месец, во Германија се појави ситуација слична на онаа предизвикана од шокот на цената на нафтата во 1973 година, но сега прашањето е покомплексно. Германците ја рационализираат топлата вода, заштедуваат на загревање на надворешните базени, го намалуваат бројот на светилки за јавно осветлување, министрите препорачуваат пократки тушеви... Во градот Диполдисвалде, во близина на чешката граница, граѓаните можат да користат топла вода за туширање помеѓу 4-8 наутро и 11-1 навечер. Vonovia - најголемата компанија за изнајмување станови и куќи во Германија - најавува дека ќе го ограничи греењето ноќе на 17 степени Целзиусови.

Претседателот на германската асоцијација на градови ги повикува градските администрации да го исклучат јавното осветлување во текот на ноќта, како и да ги исклучат семафорите, да запрат топла вода во јавните згради, музеите и спортските центри, да престанат да ги осветлуваат историските објекти и туристичките атракции, да ја зголемат температура на клима уредите и сл.

Во областа Лан-Дил веќе нема топла вода во училиштата и 60 гимназии. Дизелдорф целосно го затвори базенскиот комплекс Munster-Therme. Подобра е ситуацијата во Берлин, каде што „штотуку“ ги исклучија термостатите во базените. Граѓаните масовно купуваат печки на дрва или ги реставрираат старите. Експлодираше продажбата на огревно дрво, пелети и јаглен.

Со оглед на тоа што најголемите деловни медиуми се фокусираат најмногу на економските и финансиските проблеми на западните демократии, драмата уште повеќе се развива на т.н. пазари во развој. Либан и Шри Ланка веќе престанаа да ги плаќаат обврските кон националните сопственици на обврзници.

Се проценува дека околу четвртина илјади милијарди долгови на земјите во развој се со висок ризик и многу е веројатно дека голем број земји ќе банкротираат поради зголемените трошоци за рефинансирање на долгот. Според Bloomberg Economics, постојат големи шанси за неисполнување на обврските во Египет, Тунис, Пакистан, Гана, Ел Салвадор...Вкупно 19 нации, каде што живеат повеќе од 900 милиони луѓе, се во одредена состојба на финансиски стрес што ќе резултира со огромен застол или целосен престанок на плаќање на обврските кон меѓународните инвеститори, а во поголем дел тие сигурно ќе ја изгубат способноста за плаќање на долговите. Севкупно, една петтина (околу 17 проценти) од вкупните долгови на пазарот во развој од 1,4 трилиони долари е изложена на ризик. Финансиската криза на пазарите во развој ќе има негативно влијание врз финансиските перформанси на западните земји. Во секој случај ќе се продлабочат стандардните обврски на голем број земји во развој, економската и социјалната состојба на нивните домаќинства и бизниси. Околу четвртина од обврзниците на земјите во развој, кои вообичаено носат приноси од над 10 отсто, сега се соочуваат со неисполнување на обврските, а вкупната вредност на агрегатниот суверен индекс на Блумберг USD потона за 20 отсто од почетокот на годината, што е повеќе од целата загуба во кризната 2008 година.

Логично е да се очекува продолжување на падот на вредностите на западните берзи, иако овде проценките се разликуваат. Додека Волстрит оптимистички сè уште колективно очекува раст на заработката од 10 проценти во S&P, извештајот на Belkin, на пример, предвидува колапс од -48 проценти, како во 2009 година.

Заработката од капиталот ќе падне поради: трошоците за деглобализација, процесот на декарбонизација, крајот на 40-годишниот пазар на бик поттикнат од ниските каматни стапки, продолжувањето на војната во Украина, рецесијата на западните пазари, потезите на централните банки насочени кон запирање на инфлацијата, процесот на синдикатизација, забавување на потрошувачката, пукање на меури во други видови средства... Еден од важните негативни фактори е очекуваното пензионирање на 22 милиони американски бејби бумери.

https://faktor.mk/kje-bankrotiraat-15-tina-zemji-kje-bidat-iskluchuvani-duri-i-semaforite-i-kje-ima-kolaps-na-svetskite-berzi-ekonomsko-mrachno-senario-do-krajot-na-2022
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 19482
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #563 Posted: 11-Jul-2022 at 17:05
Ќе има кредит од ММФ, но останува „тајна“ по која цена и колкав износ

Ќе се задолжиме 900 милиони евра - но од каде ќе најдеме пари и по која камата за сега никој не открива иако ребалансот на буџетот веќе е пред усвојување – со зголем дефицит.

Зошто владите тактизираат и не соопштуваат до последен момент што договориле со Меѓународниот монетарен фонд од каде се знае дека ќе земаме кредит. Од Министерството за финансии откако претходно демантираа дека сме побарале 900 милиони евра од ммф сега велат се уште не ги знаат деталите за заемот. Која сума ќе ни одобрат и по која камата ќе се знаело по склучувањето на аранжманот.

„Ке треба да се задолжиме вкупно 900 милиони евра. Ќе биде комбинација дел од ММФ, дел еврообврзница, дел домашно задолжување, дел од други финансиски институции“- брифираат за ТВ24 извори од министерството за финансии.

Дека дефинитвно земама кредит од ммф беше сооптено и вечра – по онјалај средбата на директорката на ММФ Кристалина Георгиева, заеднос о со гувернерката Бежоска, премиерот Ковачевски и министерот за финасии Бесими. Но и по оваа средба детали за кредитот – нема . Веќе е извесно дека крдитот од ммф нема да биде доволен – ќе се издава и еврообврзница. За неа само се знае дека според сегашните движења – каматата нема да бдие понсика од седум отсто.

Ова би била деветта еврообврзница на земајва. Ланската во март беше на 700 милиони евра и со рекордно најниска камата од 1,6 проценти. Првата ја издадовме во 2005 година, а најскапо ја плативме таа од 2009 година кога камата беше речиси 10 проценти.

Со новите заеми - јавниот долг на земјава уште ќе расте. Сега должиме речиси 7,2 милијарди евра или околу 55 проценти од БДП.

Ова е новата стратегија за управување со јавниот долг 2023-2025 година која стигна во собранието во периодот кога беше доставен ребалансот на буџетот. Во неа се предвидува јавниот долг годинава да надмине 65 проценти од бдп. Но тенденцијата е во наредните години тој да се намалува, за дури во 2026 година да падне под 60 проценти од бдп.

https://24.mk/details/kje-ima-kredit-od-mmf-no-ostanuva-tajna-po-koja-cena-i-kolkav-iznos
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 19482
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #564 Posted: 11-Sep-2022 at 16:55
Македонија со 6.000 долари БДП по глава на жител е шестта најсиромашна земја во Eвропа

Од балканските земји, посиромашни од нас се само Косово и Албанија. Најсиромашната европска земја е Украина, во листата се и Грузија, Молдавија, Босна и Херцеговина, Белорусија, Србија и Црна Гора. Заедничко за сите е што ниту една земја не е членка на Европската унија.

На веб-агрегатот „World Population Review“, кој обработува податоци од релевантни извори како Светска Банка и Обединетите Нации, земјава се најде на шестата позиција на неславната листа.

Според податоците за 2020 година, бруто-домашниот производ по глава на жител во Македонија изнесувал 5 888 долари, а бруто-националнио приход по човек нешто помалку – 5 720 долари.

Во краткиот осврт е наведено дека по независноста во 1991 Македонија претрпела драматични промени и постепено ја подобрувала економијата. Во текстот стои и дека околу 90% од БДП отпаѓа на трговијата а најмногу се забележува за генерално високата стапка на невработеност.

ПРИХОДИ ПО ГЛАВА НА ЖИТЕЛ БДП ПО ГЛАВА НА ЖИТЕЛ

Косово 4 440$ 4 287$

Aлбанија 5 210$ 5 215$

Mакедонија 5 720$ 5 888$

БиХ 6 090$ 6 031$

Србија 7 400$ 7 666$

Црна Гора 7 900$ 7 686$

Бугарија 9 540$ 9 975$

Романија 12 570$ 12 896$

Хрватска 14 190$ 13 828$

Грција 19 690$ 17 676$

Словенија 25 910$ 25 179$

Бугарија и Романија се најсиромашните земји во Унијата – но сепак се подобри од сите во поранешна Југославија и источниот блок, кои не се дел од неа. БДП по жител кај источниот сосед пред 2 години бил речиси 10 000 долари, а кај Романија околу 12 900 долари. Во Хрватска, пак, изнесувал 13 828 долари. Од членството во ЕУ најголем бенефит добила Словенија која сега има четири пати поголем БДП по глава на жител од Македонија, иако и двете беа дел од иста држава до 1991 година – безмалку 25 200 долари.

Во листата на најбогати доминираат генерално земјите од Скандинавија и Западна Европа. Лихтенштајн и Монако имаат дури 180 000 односно 190 000 долари БДП по жител. Трета земја е Луксембург со 115 000 долари. Германија, која е меѓу најчестите дестинации за студирање и работа на Македонците, пред две години остварила БДП по глава на жител од 45 723 долари.

Европа во моментов се соочува со една од најтешките економски и енергетски кризи некогаш. Ќе ги погоди сите на континентот, но особено најсиромашните...

„Невладините алармираат дека во следниот период и онака празните торби за пазарување можат да бидат – уште попразни. Фајненс тинк нотира дека притисоците од растот на цените на енергенсите може значително да го забави економскиот раст и не ја исклучуваат можноста на почетокот од 2023 година да дојде и до рецесија.“

https://kanal5.com.mk/makedonija-so-6-000-dolari-bdp-po-glava-na-zhitel-e-shestta-najsiromashna-zemja-vo-evropa/a546412
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 19482
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #565 Posted: 27-Sep-2022 at 14:25
ЌЕ НЕ СПАСУВА ГЕРМАНСКА ОБВРЗНИЦА, Владата обезбеди 250 милиони евра за отплата на стари долгови

Владата донесе одлука за издавање на хартии од вредност на германскиот пазар, обврзница позната како „Namensschuldverschreibungen“, односно NSV, во износ од 250 милиони евра. Средствата ќе се искористат за отплата на стари долгови кои доспеваат и за финансирање на буџетски потреби, соопшти Министерството за финансии.

Од таму посочуваат дека во континуитет ги следеле пазарите на капитал и согласно опсежните анализи, овој инструмент со својата каматна стапка и рок на доспевање е најдобрата опција за портфолиото на јавен долг.

- Kаматната стапка изнесува 3,75 отсто плус 6 месечен ЕУРИБОР, со рок на отплата од 3 години и 18 месеци грејс-период. NSV е инструмент кој обично го издаваат висококвалитетни клиенти со стабилен инвестициски кредитен рејтинг, а хартиите од вредност се купени од страна на германски инвеститори. NSV како регистрирана хартија од вредност, од страна на Дојче банка до сега е издадена во Република Полска, Ирска, Белгија, Кралството Шпанија. Овој финансиски инструмент покрај Дојче банка го издаваат и KFW, IBRD, EIB - соопштуваат од МФ.

Од Министерството додаваат дека изминатиов период се склучени неколку трансакции на меѓународниот пазар на капитал од страна на членки на ЕУ со повисок кредитен рејтинг од нашиот, каде каматните стапки се движеа до околу 7 отсто, со неколкукратно повисоки суми на повлекување. Појаснуваат дека високите камати се должат на заострувањето на условите на меѓународниот пазар на капитал, како резултат на затегнувањето на монетарната политика преку раст на каматните стапки од страна на скоро сите големи централни банки во светот, поради високата инфлација.

- Почнувајќи, од првиот квартал на оваа година, се до овој момент е забележан значителен пораст на цената на тргување и на секундарниот пазар на издадените Евообврзници, коишто претставуваат своевиден репер за дефинирање на цената (каматната стапка) при евентуално издавање на нова Еврообврзница. Во моментов македонските Еврообврзници се тргуваат со принос во распон од приближно 7 отсто, што значи дека доколку Република Северна Македонија одеше со нова Еврообврзница, каматната стапка би била на ниво од околу 8 проценти. Во вакви услови уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење на претпазливи домашни политики, така што Министерството за финансии пристапи кон пронаоѓање на друг поповолен извор на финансирање. Министерството за финансии во соработка со Дојче банка во изминатиот период, континуирано работеше за издавање нов финансиски инструмент којшто претставува регистрирана обврзница согласно со германските закони - NSV. Со овој инструментот каматната стапка е значително пониска од онаа која би се постигнала со евентуалното издавање на нова Еврообврзница - се дополнува во соопштението.

https://faktor.mk/kje-ne-spasuva-germanska-ovrznica-vladata-obezbedi-250-milioni-evra-za-otplata-na-stari-dolgovi
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 19482
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #566 Posted: 29-Sep-2022 at 17:39
СТРУЈАТА ЌЕ ДЕЛИ ОТКАЗИ И ЌЕ ЗАТВОРА ФИРМИ Се гасат и печките и надежите на работниците дека ќе останат на работа

Колку работници ќе ги изгубат работните места поради енергетската криза?

Засега сѐ се одвива под плаштот на принудни одмори и намалена плата на 70 отсто. Утре „паѓа“ ФЕНИ. Но, веќе се најавува бран затворања на други капацитети и отпуштања на работници и во други компании, ако кризата трае подолго.

Компаниите велат дека се ставени пред дилемата како да ги задржат работниците во услови кога не знаат колку ќе трае енергетската криза, поради која мораат да го запрат производството. Тие се свесни дека земјава веќе нема квалификувани работници и секое ново одлевање работна сила во странство значи проблем за рестартирање на производството.

Познавачи на состојбите велат дека ова по периодот кога компаниите имаат законска обврска да ги задржат работниците со намалени плати, неминовно треба да се очекуваат откази. Синдикатите, пак, се решени овој пат да се борат и по секоја цена работниците да останат на работа, за да можат да ја преживеат кризата.

Владата најавува помош, но не ветува многу

Владата најави помош за компаниите, но не ветува многу. Министерот за економија Крешник Бектеши деновиве беше јасен кога кажа дека банки, казина и рудници нема да добијат никаква поддршка од владата поради енергетската криза.

– Бизнисот ќе биде помогнат директно, но во оние сектори кои навистина имаат потреба. Сум кажал дека поддршка од Владата ќе добиваат оние стопанственици кои покажуваат дека навистина штедат и оние кои навистина имаат потреба од поддршка. Не верувам дека имаат потреба од поддршка некои компании кои лани имале профит од над 30 милион евра, кои имаат минерални суровини и кои користат јавни добра од сите граѓани. Тие податоци ги имаме и мерките се подготвуваат – изјави Бектеши.

Први кои поради високите сметки за струја го стопираа производството се компаниите кои вработуваат голем број работници, но и трошат најмногу струја во процесот на производство. Тие компании сѐ уште официјално не зборуваат за прекин на производството, туку се вадат на „планирани ремонти“ и други инвестиции, но во соопштенијата за јавноста неизбежно го споменуваат прашањето на надминување на диспаритетот на цената на електричната енергија и цената на нивните производи.

Менаџментот и синдикалците во ФЕНИ заедно и во „небрано лозје“

ФЕНИ пред два месеца соопшти дека влегува во „плански ремонт“ во периодот што следува, со цел да се надмине временската рамка на диспаритет меѓу цената на електрична енергија и на никелот, која е огромна, бидејќи цената на никелот е во надолна линија. Притоа компанијата „Еуроникел“ соопшти дека вработени се вратени на работа.

И работниците не сакаат многу да говорат за состојбата во компанијата. Тие велат дека моментално се на принуден одмор и ќе останат така до крајот на годината.

– Најголемиот дел од работниците се на принуден одмор, дел од нив одат на работа за да ги одржуваат печките во производна готовност. Речено ни е дека вака ќе биде до крајот на годината, но не знаеме дали компанијата ќе може да издржи да ни ги дава и тие 70 отсто плата – вели работник од „Еуроникел“.

Но, денеска од менаџментот на компанијата потврдија дека ФЕНИ утре се гаси, а со тоа се гасат надежите на работниците дека ќе останат работа. Од Миле Ѓорѓиев, претседател на Синдикалната организација во „Еуроникел“, добивме информација дека на состанок со менаџментот се информирани дека е донесена одлука за исклучување на печката.

– После три месеци одржување во топла состојба и завршени бројни ремонтни активности, во недостиг на решение односно електрична енергија по цена која би овозможила продолжување на работните активности, донесена е одлука за целосно запирање на печката. Ваквата одлука е планска и со цел да се спречи натамошно одлевање на милиони евра, кои ќе бидат пренаменети во енергетски проекти кои имаат за цел во најкраток рок да го решат снабдувањето со електрична енергија. Во меѓувреме, најголем дел од работниците и понатаму остануваат на принуден одмор, а дел остануваат, ангажирани на споменатите проекти, при што се применува принципот на ротација на вработените – објаснува Ѓорѓиев.

Тој додава дека се во постојана комуникација со менаџментот на компанијата.

– Се информираме за сите сегашни и идни чекори и ја даваме целата наша поддршка за надминување на состојбите, со цел да се зачуваат работните места на сите вработени. Будно ги следиме и активностите на институциите, жалиме што до денес сѐ уште нема решение за големите потрошувачи на електрична енергија, кои воедно се и најголеми работодавачи, со најголем придонес во домашната економија. Апелираме што побрзо да се излезе со соодветна поддршка, со цел да бидат заштитени работниците и да им се обезбеди соодветен социјален статус – вели тој.

Од умерени соопштенија за јавноста не се живее

Рудниците „Бучим“ и „Боров дол“ со огласија со слично соопштение во кое кажаа дека го прекинуваат производството од 1 септември. Се наведува дека ќе ги завршат инвестициите во фотонапонска централа и ремонтот на машините.

„Оваа година е година на голем предизвик во работата на целата индустрија и економија во меѓународни рамки. Уште од почетокот на енергетската криза и порастот на цените, она што се исправи како најголем предизвик пред компаниите е издржаниот опстанок на пазарот. Поради новата ситуација, погодени од енормниот пораст на цената на електричната енергија, голем дел од компаниите во индустријата го стопираат производството поради нерентабилност и нестабилност. Но и во вакви моменти, рудниците Бучим и Боров Дол сепак ќе продолжат со веќе отпочнатиот инвестициски циклус, што значително ќе придонесе во подобрувањето на перформансите на компанијата“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на компанијата.

И во овој случај вработените се испратени на принуден одмор во траење од 3 месеци, а нивниот ангажман во реализација на инвестициите ќе биде реализиран според одреден план. Во овие три големи компании се проценува дека работат околу 1400 работници чија судбина е неизвесна, а неизвесна е судбината и на голем број други компании кои исто така финансиски не можат да ја издржат високата цена на струјата. Сите очекуваат помош од владата, но не негираат дека е можно да делат откази.

Некои фирми од металската индустрија пак не се осмелуваат да го запрат производството, како што велат, зашто потоа нема да можат да најдат работници.

Дали се отказите најпаметното решение?

Стопанската комора веќе подолг период алармира дека цената на струјата им се заканува на голем број компании кои вработуваат голем број работници. Комората предложи мерки кои треба да ги преземе Владата за да се ублажи кризата, но што ќе се случува засега никој не знае, бидејќи од Владата засега стасуваат само најави дека ќе обезбеди поевтина струја и за компаниите кои се снабдуваат на отворениот пазар.

Поранешниот претседател на Македонската асоцијација на рударство, Николајчо Николов, вели дека состојбата во голем број компании во земјава е алармантна, токму поради високите цени на струјата. Дел од нив се принудени да го запрат производството, бидејќи работењето е неисплатливо поради ниската цена на нивните производи, но поголем дел од компаниите мораат да стават клуч на врата поради високата цена на струјата, која и натаму ќе расте.

Николов смета дека моментално е рано да се каже дали и колку работници ќе останат без работа поради енергетската криза, но вели дека по принудните одмори, кои се законска обврска, можно е да се очекуваат и откази.

– Компаниите се обидуваат да издржат, но кога ќе дојде периодот на економска неиздржливост и нарушен опстанок, инвеститорите се одлучуваат на целосен прекин на работата и отпуштање на работниците. Кога сопственикот ќе реши дека веќе економски не може да издржи да продолжи да работи и да ги задржи работниците, тој ги избира најпотребните, а на другите им дава отказ. Овде е оправдана дилемата дали сопствениците на овие фирми треба да ја реинвестираат добивката во работниците во оваа криза, бидејќи исплатата на 70 отсто од платата на одреден период е трошок. Трошок е и исплатената плата на работниците кои остануваат на работа, иако не се реализира процес на производство – објаснува тој.

Еднаш изгубен работник тешко се заменува со друг

Николов, меѓутоа, потсетува дека сега веќе и инвеститорите треба да имаат на ум дека работници нема во земјава и дека еднаш изгубен работник, тешко се пронаоѓа.

– Секој инвеститор и работодавец треба да знае дека новиот почеток на работа по отпуштање на работниците нема веќе да најде квалификувани работници. Да го земеме примерот на рударите. Рудар не се прави лесно, потребни се години за да се создаде добар кадар. Според тоа, секој во земјава треба да знае дека еднаш изгубен работник веќе не се враќа. Ние во изминатиот период не стравувавме за работна рака. Така работниците заминуваа од земјава гневни на работодавците, на пошироката задница и на државата. Такви гневни раскинувања веќе не може да се толерираат и работниците треба да го имаат заслуженото место зашто земјава веќе нема работници. Тие си заминаа во странство. За нив три месеци принудно седење дома значи дека нема да имаат цела плата. Имаат луѓето свои трошоци, кредити, обврски. Бараат чаре и заминуваат – вели тој.

Синдикатите, како што велат, се решени да се изборат работниците во што поголем број компании да останат на работа и да го преживеат овој кризен период на плата. Дали ќе успеат?

https://plusinfo.mk/stru-ata-e-deli-otkazi-i-e-zatvora-firmi-se-gasat-i-pechkite-i-nadezhite-na-rabotnicite-deka-e-ostanat-na-rabota/?fbclid=IwAR2FjtGXOhdi1w4ecZyD9mH5Xb9CcMWEu1IeSXBmib6iwZTnvIiOfEPr-Mo
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 19482
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #567 Posted: 05-Oct-2022 at 07:55
Македонската економија може да влезе во стагфлација, предупредува Светска банка

Светска банка во најновиот есенски Економски извештај за Европа и Централна Азија, предвидува дека македонската економија годинава ќе забележи раст од 2,1 отсто, додека во наредната растот на домашниот бруто-производ ќе изнесува 2,7 отсто, а во 2024 година 2,9 отсто. Сепак, Светска банка предупредува на можноста земјата да влезе во зоната на стагфлација, односно на забавен или низок економски раст проследен со високи стапки на инфлација. За годинава, Светска банка очекува инфлацијата во земјава да биде 12,1 отсто, наредната година 6,1 отсто, а во 2024 година да се спушти на три отсто. Во извештајот се посочува дека додека војната во Украина и енергетската криза ги замаглуваат изгледите за раст, инфлацијата се движи кон највисоко ниво на сите времиња, несразмерно намалувајќи ги реалните приходи на сиромашните. Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци на финансирање, фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите. Монетарната политиката е заострена за да ги скроти инфлаторните притисоци. Среднорочниот раст се очекува да биде умерен, но ризиците значително се наклонети кон надолната страна.

„Растот на производството на среден рок се очекува биде умерен, а надолните ризици остануваат зголемени. Прогнозата за раст за 2022 година е дополнително намалена на 2,1 отсто поради енергетската и украинската криза која продолжи да зема данок на домашната економија, се вели во делот на извештајот посветен на Северна Македонија.

Притоа, се посочува дека прекините поврзани со војната во Украина, прекумерно растегнатите синџири на снабдување, зголемените инфлациски притисоци и притисоците врз платите и интензивирање на кризата со снабдувањето со енергија продолжуваат да влијаат на изгледите.



Основното сценарио е изградено врз претпоставката дека влијанието на енергетската криза и војната во Украина врз домашната економија постепено ќе стивнуваат, како и дека инфлациските притисоци завршуваат на хоризонтот на прогнозата. Сепак, основните претпоставки се значително навалени на надолна страна, забавувајќи го растот и истовремено зголемувајќи ја инфлацијата“, се вели во извештајот во делот за Македонија.

Од Светска банка нагласуваат дека со оглед на ризик од стагфлација, земјата ќе мора да започне со реализација на реформите кои можат повторно да го зајакнат потенцијалниот импулс на растот на среден рок.

„Напорите на политиките треба да бидат насочени кон враќање на фискалната и финансиската одржливост, истовремено градејќи социјална и климатска отпорност што ќе ја намали ранливоста на земјата од шокови и ќе ги обнови долгорочните изгледи за раст на земјата“, посочува Светска банка во извештајот.

Исто така се вели дека во сегашниот момент, зголемената политичка неизвесност и собранискиот ќор-сокак, по резултатите од локалните избори и отстранување на пречките за отворање на пристапните преговори со ЕУ, во услови на криза со храна и енергија, може да доведе до одложување на спроведувањето на реформите потребни за поттикнување на потенцијалниот раст и консолидирањето на јавните финансии. Згора на тоа, намалената домашна и надворешна побарувачка, високите влезни трошоци и недостиг на ликвидност може да доведе до дополнителни отпуштања и зголемување на сиромаштијата, до растегнување на и онака затегнатите јавни финансии. Конечно, заострувањето на финансиските услови може да влијае на опциите за финансирање и на трошоците во иднина.

Клучни услови и предизвици

Светска банка во извештајот вели дека токму кога македонската економија почна да закрепнува од рецесијата предизвикана од пандемијата, енергетската криза и војната во Украина го пресекоа краткото закрепнување и ги зголемија инфлациските притисоци на почетокот на 2022 година.

„Енергијата и цените на храната се зголемија, додека на зголемувањето на минималната плата за 18,5 отсто во март 2022 година дополнително ги поттикна инфлациските очекувања. Двоцифрена инфлација ги оптоварува изгледите за економски раст и ја влошува ранливоста на билансот на состојбата како за задолжувањето на државата и на корпорациите. Намалување на сиромаштијата (со користење на линијата на сиромаштија од горната средна класа на приходи од 6,85 долари на ден во 2017 според паритетот на куповната моќ (PPP) најверојатно ќе има застој во 2022 година со оглед на зголемените цени на храната и енергијата кои релативно повеќе ги повредуваат сиромашните, бидејќи тие трошат поголем дел од нивниот приход за овие ставки“, се вели во делот на извештајот посветен на Македонија.

Во врска со нефункционалните кредити се вели дека уште не укажуваат на зголемена несолвентност, но влошувањето на перформансите на фирмите влијае на изгледите за банкарскиот сектор. Последователните кризи значително го намалија фискалниот простор за дополнителна итна поддршка. Неодамнешните шокови ја влошија фискалната одржливост и го намалија фискалниот простор за поддршка на растот во Северна Македонија.

Светска банка се осврнува и на потрошувачката на општата влада која заедно со претпријатието за патишта достигна 40 отсто од БДП. Сепак, ниска ефикасност на потрошувачката и високите задолжителни трошоци (80 проценти од трошењето) го поткопуваат придонесот на потрошувачката за растот. Во исто време, приходите во износ од 32 отсто од БДП се уште се под просекот на земјите од ЕУ. Јавниот долг остана покачен на 61 отсто од БДП на крајот на 2021 година, среде наглото зголемување на трошоците за финансирање.

Од Светска банка порачуваат дека фокусот на реформската агенда треба да биде насочен кон зајакнување на даночната усогласеност, реструктуирање на трошоците додека започнува зелената транзиција, подобрување на ефикасноста на управувањето со јавните инвестиции и обезбедување на издржливост на финансискиот сектор. Со оглед на ограничените фискални ресурси, широката државна помош преку директни буџетски трансфери, привремени субвенции и широки даночни ослободувања кои не се исплатливи или одржливи, треба да се ревидираат и да се пренасочат кон долгорочна потрошувачка за поддршка на растот.

Последните случувања

Во однос на состојбите во економијата Светска банка посочува дека по растот од 4 проценти во 2021 година, производството се зголеми за 2,6 отсто во првиот квартал 2022 година, помогнато од континуираното закрепнување на инвестициите и умерениот поттик на потрошувачката. Увозот се зголеми, што го доведе нето извозот на негативна територија. Растот беше движен од услугите, додека индустријата се бореше, а градежништвото забележа дополнителен пад на активноста.

Стапката на активност приспособена според пописот се намали до 55,3 проценти во вториот квартал на 2022 година, предводена од пад во женското учество. Стапката на вработеност изнесуваше 47,3 проценти во вториот квартал годинава и остана под пред пандемискиот врв. Стапката на невработеност се намали на 14,5 отсто, но стапката на невработеност кај младите остана висока и изнесува 30,9 отсто.

Банкарскиот сектор остана стабилен, но стапките на ликвидност и адекватност на капиталот се намалија на 20,5 и 17 отсто во првиот квартал од 2022, соодветно. Кредитниот раст продолжи на 9,7 отсто во јули 2022 година, предводен од забрзано корпоративно и хипотекарно кредитирање. Инфлацијата на потрошувачките цени се искачи на 16,8 отсто во август 2022 година, со раст на цените на храната и на енергијата кои се зголемија за повеќе од 20 проценти. За да се скротат инфлациските очекувања, Централната банка ја зголеми основната каматна стапка четири пати во рок од една година на 2,5 проценти до август 2022 година.

Девизниот курс остана стабилен со интервенциите за сузбивање на постојаните притисоци, што доведе до повеќе од 20 проценти загуба на резервите од средината на 2021 година.

Со ребалансот на буџетот во мај, проектираниот фискален дефицит на владата за 2022 година се зголеми за 1 п.п. до 5,3 отсто од БДП, обележен со пораст на тековните расходи заедно со намалувања на капиталните расходи. Вкупните приходи се зголемија за приближно 14 проценти на годишно ниво потпомогнато од инфлацијата која доведе до пад на јавниот и јавно гарантираниот долг кон 55,4 отсто од БДП во јуни 2022. Сепак, расходите за неизмирените обврски останаа високи и изнесуваат 3 отсто од БДП во вториот квартал од 2022 година поради здравствениот сектор, државните претпријатија и локалните самоуправи, се вели во есенскиот Економски извештај на Светска банка, во делот посветен на Македонија.

Војната во Украина ги затемни изгледите за економско закрепнување

Инаку, во соопштението на Светска банка поврзано со новиот Економски извештај за Европа и Централна Азија (есен 2022), се потенцира дека руската инвазија на Украина го попречува економското закрепнување по пандемијата во Европа и Централна Азија.

„Тековната војна во Украина ги затемни изгледите за постпандемиско економско закрепнување на економиите во развој и земјите во развој во регионот на Европа и Централна Азија, се вели во Економското ажурирање на Светска банка за регионот, објавено денес.

Глобалната економија продолжува да биде ослабена од војната преку значителни нарушувања во трговијата и шоковите на цената на храната и горивото, кои придонесуваат за висока инфлација и последователно заострување на условите за глобално финансирање. Активноста во еврозоната, најголемиот економски партнер за економиите во развој и земјите во развој (ЕМДЕ) од Европа и Централна Азија, значително се влоши во втората половина на 2022 година, поради прекините во синџирите на снабдување, зголемените финансиски оптоварувања и пад на довербата на потрошувачите и деловното работење. Најштетните ефекти од инвазијата, сепак, се зголемените цени на енергијата во услови на големи намалувања на руското снабдување со енергија.

Намалувањето на прогнозите за раст за 2023 година е широко засновано бидејќи регионалната перспектива е предмет на значителна несигурност. Продолжената или засилената војна може да предизвика значително поголема економска и еколошка штета и поголем потенцијал за фрагментација на меѓународната трговија и инвестиции. Ризикот од финансиски стрес, исто така, останува покачен, со оглед на високите нивоа на долгови и инфлацијата, се вели во извештајот на Светска банка.

Најтешко ќе бидат погодени земјите со средно до висока зависност од увоз на природен гас за греење (кој сочинува 30 отсто од побарувачката на енергија), индустријата или електричната енергија, како и земјите тесно поврзани со енергетските пазари на ЕУ. Овие земји мора да се подготват за недостиг на гас и да постават планови за итни случаи за да ги ублажат најлошите влијанија врз домаќинствата и фирмите, вклучително и заштеда на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност и спроведување на планови за квоти/рационализирање. Кампањите за промена на однесувањето кои се фокусираат на ефикасноста на греењето во домовите и зградите, како што се повторно запечатување на прозорците и додавање изолација, бараат релативно минимални инвестиции и имаат непосредни влијанија, се вели во извештајот на Светска банка.

https://nezavisen.mk/makedonskata-ekonomija-mozhe-da-vleze-vo-stagflacija-predupreduva-svetska-banka/
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 19482
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #568 Posted: 13-Oct-2022 at 07:45
СЕ ЗАДОЛЖУВАМЕ НА ПОВЕЌЕ СТРАНИ, јавниот долг надминува 7 милијарди евра и упорно расте иако се влошуваат условите за позајмување



За краток временски период во јавноста беше обзнането дека државата се задолжува преку два различни инструменти и притоа ќе добие скоро 800 милиони евра, или 530 милиони евра од ММФ кои беа најавени пред два дена, но и 250 милиони евра преку издавање германска обврзница.

Ова не се единствените задолжувања, напротив претходно беше објавено дека се задолжуваме со 50 милини евра кај ЕИБ за водна инфраструктура, а беа позајмени исто толку пари и од Шпаркасе банка. Сепак, блага предност во последната најава за ново задолжување кај ММФ е висината на каматните стапки по кои ќе се враќа долгот, кои според најавите ќе се движат од 1 до 2 проценти.

Бројките велат дека јавниот долг на земајва добива загрижувачки пааметри, особено ако се има предвид дека нашата земја е увозно зависна, и остваруваме поголем дефицит од суфицит, па враќањето на овие позајмици би се одвивало потешко.

Економските експерти укажуваат дека последниве месеци се заострувааат условите за кредитирање, што секако е резултат на војната во Украина. Дополнително истакнуваат дека позјамицата од ММФ е на некој начин показател за доброто работење на државата.

- Условите за позајмување на приватните финансиски пазари значајно се заострија со конфликтот во Украина. Имено, тектонските поместувања во глобалниот политички и економски поредок придонесоа за значајни притисоци кај цените на храната и енергентите, што е притисок кој е особено видлив во Европа, а тоа ги натера централните банки ширум светот да ја повлекуваат ликвидноста која претходно беше значајна почнувајќи од периодот по Големата финансиска криза 2008, а особено во текот на пандемијата 2020. Ризиците од рецесија проследени со инфлација се на сцената, поради што и условите за финансирање се значајно заострени. Во такви околности, прибегнување кон концесионално финансирање од ММФ е круцијално за остварување две цели: првата е да се намали трошокот на финансирањето, бидејќи тој трошок кај концесионалните кредити моментално е 3-4 пати понизок од приватното финансирање, и втората е тоа да делува како гарант за евентуално поповолно приватно финансирање, односно гарант дека државата спроведува здрави економски политики – укажува универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Клучно прашање е дали новите позајмици ќе поттикнат потреба од зголемување на даноците, или поголем даночен опфат за да се обезбедат доволно средства за исплата на задолжувањата. За економистите е значајно да има проширување на даночната база, односно сеопфатна борба со сивата економија.

- На вашето прашање дали ова ќе значи повисоки даноци во иднина, генералниот одговор е дека на среден до долг рок, Македонија ќе мора да размислува за повисоки даноци со повисокото ниво на доход по глава на жител. Меѓутоа, зголемувањето на отплатната способност на земјата првенствено треба да дојде од повеќе-генериран доход, односно од доволно-високи и стабилни стапки на економски раст. Потоа, неопходно е проширување на даночната база, преку неселективна, координирана и сеопфатна борба со сивата економија, поле на кое владата нема значаен напредок, бидејќи проценките говорат дека таа се одржува на ниво од околу една четвртина од вкупната економија. Дури откако ќе се создадат овие претпоставки ќе може аргументирано да се интервенира кај даночните стапки и кај директните и кај индиректните даноци – потенцира професорот Петрески од „Американ колеџ“.

Поранешниот министер за финании, Џевдет Хајредини на својот фесбук профил посочува оти задолжувањето кај ММФ не треба да се претставува како инструмент наменет за земји со здрави политики.

- Не е точно дека ММФ овој финансиски инструмент го наменува само за земји со здрави економски фундаменти и со здрави политики, како што тврди министерството за финансии, напротив, ММФ е тука за да им помогне на земјите - членки кои имаат проблеми со ликвидноста во меѓународните плаќања. Пред сѐ, доколку се соочуваат со недостаток на пари за финансирање на надворешни долгови. Да претпоставиме дека се бара многу висока каматна стапка за рефинансирање на надворешниот долг, тоа може да доведе до такво зголемување на обврските што земјата ќе стане несолвентна. Да речеме, како што беше случајот со Југославија во деведесеттите години на минатиот век (Владимир Глигоров) – пишува Хајредини.

Согласно податоците кои ги објавува Министерството за финансии, нивото на јавен долг заклучно со крајот на месец јуни изнесувал 7,2 милијарди евра, или во проценти 55,4 отсто. Табелите кои ги објавува министерството покажуваат дека номинално вредноста на задолжувањето постојано расте, особено последниве години со почнувањето на пандемијата, но кај процентот на задолжувањето има намалување од 60,8 отсто колку што било на крајот на 2021 година, на 55,4 процнети во вториот квартал годинава. Сепак, вредноста на задолжувањето на крајот на минатата година била 7,1 милијарда евра, додека на средината од оваа година 7,2 милијарди евра. Во следниот извештај ќе видиме колку точно достигнало задолжувањето со новите позајмици кои беа објавени деновиве.

https://faktor.mk/se-zadolzuvame-na-povekje-strani-javniot-dolg-nadminuva-7-milijardi-evra-i-uporno-raste-iako-se-vloshuvaat-uslovite-za-pozajmuvanje
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 19482
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #569 Posted: 05-Feb-2023 at 15:42
Carpe diem
Back to Top
stef4o View Drop Down
Moderator Group
Moderator Group
Avatar

Joined: 20-Oct-2015
Location: Skopje
Online Status: Offline
Posts: 19482
  Quote stef4o Quote  Post ReplyReply #570 Posted: 07-Mar-2023 at 18:24
Carpe diem
Back to Top
Max View Drop Down
Senior Member
Senior Member
Avatar

Joined: 07-Jun-2009
Online Status: Offline
Posts: 3578
  Quote Max Quote  Post ReplyReply #571 Posted: 07-Mar-2024 at 13:45

kamo da bevme Zdusheni so Iselenici ta tie tamu da ni naogjaa rabota po svoi megji ... pri eden takov sistem komotno moze i samo Dom na Iselenik da e dovolno za glava nash pechalbar da prikloni dal dodeka Doma se vrati a negde zaglail iliti trebalo da trkne negde drugde po Sveto ... hm deluet suludo da imame nekakov svoj drzavno osiguran Couchsurfing t.e. verificiran niz ambasada checkpoint preku Sonarodnici a koi za vozvrat ko motivacija bi imale nekakva ovdeshna benificija koga tie bi svratile stari kraj ... ko nagrada moze i Marcipan Blagodarnica da im se pridaj

Ne se seirete ova et ubav aber ... a ushte poubav bi bilo site Blizni da se na kup ... makar Antartik zaglaile ...

https://biznis.telegraf.rs/info-biz/3848887-makedonac-napusta-nemacku-i-vraca-se-kuci-tamo-se-sve-gleda-kroz-pare-mi-zaradjujemo-malo-ali-smo-srecni
Back to Top
 Post Reply Post Reply Page  <1 272829

Forum Jump Forum Permissions View Drop Down



This page was generated in 0.142 seconds.

Copyright ©2007 - 2024  build.mk

Коментарите на форумот претставуваат лично мислење на нивните автори и не претставуваат официјален став на build.mk.