Битолска касарна
Printed From: build.mk
Category: Останати теми
Forum Name: Културно наследство
Forum Discription: Археолошки локалитети, цркви, манастири...
URL: http://www.build.mk/forum/forum_posts.asp?TID=1250
Printed Date: 18-May-2025 at 02:57
Topic: Битолска касарна
Posted By: OCB
Subject: Битолска касарна
Date Posted: 28-Mar-2011 at 14:23
Датум: 27.03.2011, 21:39
Битолската касарна ја откри тајната
Заробена во бедеми високи по четири метри и со замандалени железни порти, а подоцна обезбедувана и со бодлива жица, во касарната далеку од очите на јавноста се чуваше една од најубавите средновековни градби во Битола. Тоа е турското џепане, тврдина во форма на крст со четири уникатни објекти од делкан камен, кое - ако се заштити - може да биде споменик на култура од прва категорија. Објектот бил изграден во 1876 година како турска барутана, а подоцна ЈНА и АРМ го користеле како магацин за муниција. Бил строго чувана тајна и недостапно место за битолчани. Откако државата ~ ја отстапи касарната на општината, првпат во својата историја тврдината ги отвори портите за посетители. Џепането како света работа се споменува и кај Марко Цепенков.
- Објектот го граделе врвни мајстори од Смилево во време на битолскиот валија и командант на турската војска Ќоса Ахмет Зеки-паша. Кога мајсторите го доградиле воениот магацин, валијата ги прашал колку чини, а тие одбиле велејќи: „Преплатено, валија, за света работа пари не се земаат“. Валијата не сфатил што кажуваат, но подоцна писарот му кажал дека од спротивниот рид објектот се гледа како одлично изѕидан христијански крст формиран од обиколните ѕидови и згради - објаснува Стевче Тодоровски, доктор по археологија.
Крстот и денес може да се виде ако градбата се набљудува оддалеку. Џепането крие и други тајни белези на ѕидарите.
- Внатре има четири објекти, а кај оној на западната страна, на ѕидот има изделкан крст, косо поставен, па тешко се забележува, но сомнежи нема дека се работи за христијански симбол. На другите градби е изделкан грбот на османлиското царство. Внатре во северниот објект е насликана фреска на турски војник на коњ. Според седлото, облеката и бојата се гледа дека е турски офицер - додава Тодоровски.
Тврдината била изградена кога во градот имало 30.000 турски војници. Тогаш биле изградени црвената и белата касарна (урнати низ годините), Воената гимназија (сега Завод и музеј), Офицерскиот дом и други објекти, денес заштитени споменици на културата.
Се претпоставува дека битолската барутана е поврзана и со случувања од Илинденскиот период, кога биле организирани леарници за куршуми, но имало проблеми со набавка на ситен барут. Тој бил наменет за воени потреби, па продажбата била под строга контрола. И покрај тоа, Битолскиот револуционерен округ бил снабден со доволно количество квалитетен барут. Се смета дека снабдувачите биле лица вработени во барутаната.
Џепането има и значајна градителска вредност. Влезовите на објектите се направени од делкан гранит. Магацините се зајакнати со контафори, кои обезбедуваат вентилација, но и херметичка затвореност. Таваните се полукружни и служат како одлична изолација од влага. Денес местото е обраснато со трева и бујна вегетација, но благодарение на употребната вредност што ја имало, објектите се зачувани.
Жанета Здравковска
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=0CD1583FB8192D4AA9E74FF32C983BA9
|
|