Во Негорските бањи се капел и Александар Македонски!
Мештаните тврдат дека
од бањата до Пела, родното место на Александар Македонски има само 50
километри, а тие се единствените бањи во овој реон што постојат повеќе
од пет века
Во
подножјето на планината Кожуф, под сенките на црниот јасен, во пријатна
медитеранска клима лоциран е термоминерланиот бањски комплекс Негорски
бањи. Топлите минерални води кои достигнуват до 42 степени се дар од
природата. Бањите ги користеле жителите на овој крај уште пред пет
века, и токму поради тоа тие тврдат дека во овие води се капел и
Александар Македонски.Од бањата до Пела, родното место на Александар
Македонски, има само 50 километри, а тие се единствените бањи во реонот
кои постојат повеќе од пет века.
Придобивка на бањскиот комплекс е што се наоѓа на надморска височина
од околу 64 метри и е во непосредна близина на Гевгелија, еден од
најтоплите градови на Балканот. Во непосредна близина е и монденскиот
ски-центар Кожуф, локалитетот Смрдлива Вода, археолошкиот локалитет
Вардарски Рид, а на само дваесетина километри е и Дојранското Езеро.
Ова им дава огромни можности наБањите покрај бањскиот туризам да го
развиват и рекреативниот и археолошкиот туризам.
Водите во Негорските Бањи се и со богат минерален состав, особено со калиум, калциум, магнезиум и натриум, како и сулфур. Токму
богатиот состав овозможува квалитетно лекување и рехабилитација на
посетителите. За нив се грижи тим на лекари, медицински сестри,
физиотерапевти и масери. Според доктор Билјана Ичева, специјалист по медицинска рехабилитација, Негорските Бањи функционират од 1954 година како спортско, туристички и здравствен објект кој нуди медицинска рехабилитација. -
Покрај богатиот хемиски состав на водата таа располага и со
радиоактивни елементи како што е радонот кои исто така има лековито
дејство - вели д-р Ичева.
Таа објаснува дека лекувањето се остварува со капење и со пиење на
вода, а лековитото дејство на бањската вода е за дегенеративните
заболувања што се присутни и кај младата и кај старата популација.
Рехабилитацијата најмногу се применува кај постоперативните,
постревматските и хроничните заболувања. Кога водата се користи за
пиење се лекува дигестивниот тракт, стомачни заболувања, чирот на
дванаестопалачното црево и на желудникот, жолчните и мочните патишта.
Водата благотворно влијае и на лекувањето на стерилитетот, одредени
кожни заболувања како што е почетната фаза на псоријаза и почетна форма
на латентна, скриена шеќерна болест.
Бањите се опремени со најмодерна апаратура за сите физикални
терапии, како што е електротерапија, парафинска терапија, кинези сала и
сала за масажа.
Доктор Ичева нагласува дека пред да се почне со третманот пациентот
треба прво да го прегледа лекар за да се утврди што е најдобро за
нековото лекување . - Имаме соработка со Фондот за здравствено
осигурување, односно работиме и со специјалистички и со болнички упати.
Амбулантско третирање на пациентот ги чини само партиципација од 50
денари - вели д-р Ичева.
Според неа, со болничките упати се лекуват постоперативни и
посревматски повреди. Таа се пофали дека работат и како центар за
разубавување, особено во летните периоди актуелни им се антицелулитните
третмани кои се наплаќаат приватно. За невролошките заболувања,
актуелна е летната бања која се користи од 1 април до крајот на
ноември. Располага со природна хидромасажа, бидејќи водата излегува под
притисок, оти бањата е поставена на самиот извор.
Таа, исто така, е позната како бањата на Шукри паша, бидејќи пред
стотина години во неа се бањал пашата со своите девет жени. Уште во тоа
време постоело џакузито како природна хидромасажа, бидејќи водата
излегува под притисок во млазови. Банскиот коплекс располага и со
фудбалски терени, патеки за трчање и пешачење, велосипедски патеки и
теретана што го прави атрактивен и за спортистите за нивните
професионални обуки. Голем број на фудбалски и ракометни тимови, како и
атлетичари од земјава и регионов, како што се од Србија и Косово, се
чести гости на бањскиот комплекс
Според Дончо Атанасов, извршен директор на Негорски Бањи, комплексот
деновиве се подготвува за туристичка сезона која почнува од 1 јули. Во
моментов во Бањата се сместени децата од неколку основни училишта од
земјава кои се дојдени за настава во природа. Во комплексот има
три хотели: Јасен, Илинден и Божур, со вкупно 275 кревети, кои се
поделени во неколку категории, односно има апартманско сместување,
полуапартманско, како и двокреветни и трикреветни соби. - Лани
имавме околу 43.000 ноќевања или 52 процентна искористеност на
капацитетите, а од нив 15 проценти беа странски гости и тоа главно од
Грција и Србија - вели Атанасов.
Тој
нагласи дека од 1 април за 20 проценти се намалени услугите за
пензионерите, а дали ќе има попусти и за другите посетители уште не е
одлучено бидејќи реално економската криза засега не ја чуствуваат и во
првите четири месеци од годинава посетеноста им е зголемена во однос на
лани за 20 проценти.
Според него, бањскиот туризам е перспектива на овој крај, но треба
се уште да се вложува за да се задоволот потребите на странските
туристи. Засега тие соработуват со тур оператори од Бугарија, Србија и
од Унгарија.
Со неговиот став се согласува и Каролина Бавчевска, туристички агент
во агенцијата Аурора. Таа смета дека треба да се вложува во нашите
бањи, оти голем број странски туристи пројавуват интерес за нивната
посета. Бавчевска вели дека покрај нашите бањи за странците се
интересни и беровскиот крај и реонот по течението на Радика.
СПА центар вреден 10 милиони евра На дел од
просторот каде се наоѓаат Негорски Бањи ќе се гради и СПА центар вреден
10 милиони евра.Од 22 хектари колку што се на располагање на Негорските
бањи засега се искористени само 14 хектари. На останатиот простор се
планира да се гради новиот хотелски комплекс, што ќе биде единствен од
таков вид во земјава. - Комплексот ќе биде модерен со СПА центар од
типот какви што ги има во Словенија. Газдата се уште нема одлучено дали
сам ќе го гради или ќе бара коинвеститор - вели Атанасов.
Тој додава дека има идејното решение за проектот. Според него,
посебен белег на бањата ќе биде и црниот јасен кој во земјава е
заштитен со закон, оти во регионов нема такво дрво освен во Македонија.
Во светот црн јасен има само во Шпанија и Канада.
http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=B4A16278C044B24A805B597254B07289 |