Print Page | Close Window

Валандовска тврдина - град Идомене

Printed From: build.mk
Category: Останати теми
Forum Name: Културно наследство
Forum Discription: Археолошки локалитети, цркви, манастири...
URL: http://www.build.mk/forum/forum_posts.asp?TID=969
Printed Date: 19-Apr-2024 at 00:25


Topic: Валандовска тврдина - град Идомене
Posted By: Makedonij
Subject: Валандовска тврдина - град Идомене
Date Posted: 27-Jun-2010 at 18:59
Укрепено селиште Алавандово (Валандово)

Месноста „Исар-Извор-Кула” лежи 0,8—1,3 км ССИ од Валандово (230—430 м н.м.) 100—300 м високо над долината на Боимија (Анска река). Претставува варовнички рид наднесен над долината, што како тесен срт продолжува на северозапад во Градешка планина. Страните на ридот паѓаат стрмно во две паралелни длабоки долинки. На југозападната и југо-источната падина на Исарот избиваат многу силни извори на пивка вода, кои денес се каптирани и спроведени во градот. До наше време тука стоеле повеќе воденици и валавници, движени од силната вода.



На југоисточната тераса под завршетокот на сртот, околу најсилниот извор, во раната антика била оформена укрепена населба, а на сртот над неа акропола. Наоди: парчиња атичка и коринтска сликана керамика од 6.—4. век ст.е. Во доцната антика (3.—6. век) просторот околу изворот добил ново обѕидие од камен со малтер. Населбата зафаќала простор од 10 ха. Пронајдени се внатрешни градби, бројни монети од 3. до 6. век. На падината југозападно од градот откопани се гробови, датирани со монети во 3. и 4. век.

Во 6. век обѕидието било обновено, југозападниот ѕид поместен нагоре, а акрополата е издвоена и зајакната со низа големи кули. На планинскиот срт 200 м северозападно од акрополата била изградена осамена кула-стража, со поглед кон долината на Вардар. Масивна, со димензии 10,7 х 9,2 м, денес е висока 8 м над почвата. Градежните белези ја датираат во 6. век.


Јужниот ѕид на акрополата е сочуван и денес наместа во висина до 4—5 м, а потекнува од 6. век. Очигледно е дека низ целото средновековие бил целосно сочуван и поради тоа бил користен за засолнување на жителите од тој крај. Површината на укрепената акропола зафаќа 3 ха, што е многу за средновековни потреби. Според остатоците што се гледаат на тој простор, заклучуваме дека тука постоела населба од разбиен тип и со неградски белези — село, а старите ѕидишта и служеле за заштита при помали опасности.


Во 14. век била изградена и црквата на св. Георги; во 1349 година неа ја приложил како метох на светогорскиот манастир св. Пантелејмон српскиот цар Душан („во Боимија во Алавандово”) и повторно во 1378 г. браќата Јован Драгаш и Константин (С. Новаковиќ 1912, 507, 512). Истата црква стои и денес 150 м југозападно од акрополата на Исарот, покрај еден силен извор (во месноста „Манастир”).

Пишувајќи за валандовскиот Исар, Т. Томоски ги пренагласува сите остатоци. За црквата вели дека лежи врз средновековната црква која била многу поголема и од која останаа 3 камени плочи со релјефни украси (1975, 275 и сл. 4). Тие плочи ниту го „утврдуваат идентитетот на локалитетот Исар” како што пишува истиот, ниту потекнуваат од старата црква на св. Георги. Станува збор за римски надгробни споменици од 2. или раниот 3. век. Поведен од остатоците на доцноантичката фортификација и не распознавајќи што е тука доцноантичко (предсловенско), а што средновековно, Томоски сето ова го прифаќа како доказ за „средновековниот град Валандово”. Меѓутоа писмено никаде не е потврдено дека Алавандово бил град (или фрурион — тврдина). И В. Картов (1972, 50) пишувајќи ја роднокрајната книга за Валандово, аматерски и потполно произволно ги датира ѕидиштата на Исарот и кулата на сртот во 11.—14. век. Пред тоа (н.д., 47) тој вели дека во 13. и 14. век Валандово постапно прераснувало во мала градска населба.


А. Стојановски (н.д. 1970, 119—134) пишувајќи за македонските градови во 15. и 16. век, не го покажува Валандово како град. Тоа е логично да се очекува, бидејќи Валандово не бил град ниту во претходните векови. Валандово го прикажавме во нашиот преглед токму поради споменатите пишувања, за да може читателот поточно да заклучи дали постоел град Валандово, или само селска населба Алавандово која изникнала врз урнатините на еден доцноантички град и се засолнувала зад неговите ѕидови. Во доцниот среден век Алавандово е средиште на регионот Боимија.

извор:И. Микулчиќ TIR

-------------
ЈАС ГО РАЗБИРАМ СВЕТОТ КАКО ПОЛЕ НА КУЛТУРЕН НАТПРЕВАР...ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ



Print Page | Close Window