Фонтаните во Вардар ќе се градат идната година

Проектот предвидува во Вардар да бидат поставени две фонтани
Иако изминаа два месеца од почетокот на подготвителните работи за
реализација на проектот „Фонтани во Вардар“, најавуваниот чин на
официјализирање на изградбата ќе се случи дури в година. На терен во
изминатиов период беа видливи активности на кејот во линија на двете
локации во реката на кои е предвидено да се постават фонтаните, а
шеталиштето на некои места беше дури и затворено.
Од Општина
Центар, која е носител на проектот, информираат дека досега се
испитувале слоевитоста на почвата и нивото на подземна вода, што е
неопходно за конечната изведба. Надлежните потврдуваат дека камен-
темелникот на проектот ќе се случи дури идната година и тоа поради
објективни причини.
„Изведбата на фонтаните е одложена,
бидејќи изведувачот ‘Ла Моне Мореда‘ одлучи да продолжи со работа во
текот на наредната година поради водата во реката Вардар, која во овој
период е непредвидлива, па може да дојде до покачување на нивното, што
би било неповолно за старт на работите“, вели Јовица Ацковски,
портпарол во општина Центар.
Според него, непредвиденото
одложување на изградбата нема да значи и доцнење на реализацијата на
проектот. Изведувачите дале гаранции дека ќе го испочитуваат рокот за
изведба, кој според потпишаниот договор, изнесува 7 месеци од почетокот
на теренската работа.
Според проектот, во Вардар ќе „никнат“
две фонтани од кои ќе се распрскува вода. Едната ќе биде во линија на
Театарот, а другата пред објектот што се гради за потребите на
Уставниот суд. Изведувач е италијанската фирма „Ла Моне Мореда“, а
финансиер Општина Центар, од каде што вчера не можеа да информираат
колку средства од буџетот се предвидени за оваа намена. (Дс.Т.) |