Големите очи на видеокамерите ја демнат приватноста на граѓаните - 30.06.2007  Во тренд се камерите пред приватни згради, кога без дадена согласност од соседот станарот има увид и во гостите од соседството
Работодавците не треба да знаат од кои причини вработениот користел боледување
Голем број институции во Скопје ги обезбедуваат објектите со видеокамери. Дури и на места на кои никој не очекува, големите очи будно набљудуваат вообичаени и не толку вообичаени нешта. На пример, кој поминал, дали бил сам или во нечие друштво, со кого се ракувал или можеби се скарал, дали имало пријателска или интимна прегратка... Меѓутоа, сите граѓани не знаат дека нивното движење, на пример, во Градски трговски центар некој го снима. Затоа што граѓаните не се јавно известени за тоа. И никој не помислил дека со тие камери се нарушува приватноста на граѓаните. Она што е проблем - тоа е моќта на камерите. Тие може толку многу да зумираат што додека пиете кафе со некого, а притоа извадите некој документ, пасош, лична карта или кредитна картичка, може да се сними тоа и да се прочита. Откривањето на идентитетот е шанса за злоупотреби.
„Секој може да го штити имотот, но без да ја нарушува приватноста. Во центарот на Скопје, но и во државава има еден куп камери. Самото поставување камера подразбира јавно известување, дека тој простор е сниман. Сега тоа не се прави, бидејќи не постои законска обврска. Не можеме да го отстраниме видеонадзорот, но можеме да пропишеме правила“, објаснува директорката на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Маријана Марушиќ, и најавува дека корекциите веќе се спакувани во посебно поглавје од законот и дека наскоро ќе влезат во процедура.
Не е дозволено следење на вработените со камери ниту на работните места, иако многу работодавци со задоволство веќе ги имаат на екрани. Во Дирекцијата велат дека снимањето може да биде насочено само на техниката за да се заштитат компјутерите од крадење. „Недозволиво е по цел ден работникот да биде под надзор. Со тоа се навлегува во неговата приватност. Некои училишта и градинки ги следат со камери децата цели осум часа, па и повеќе во текот на денот. Тоа не е нормално. Има случаи кога гардеробите и тоалетите се под надзор. Во тренд се камерите пред приватни згради, кога без дадена согласност од соседот станарот има увид и во гостите од соседството. Видеокамерите се поврзуваат со сателитските и со кабелските, а сеирот се гледа преку посебна програма. Имаме телефонски јавувања од станари и затоа мора да се воведе ред“, нагласува Марушиќ.
Видеокамерите се поврзуваат со сателитските и со кабелските, а сеирот се гледа преку посебна програма, нагласува Маријана Марушиќ
Во Дирекцијата коментираат дека и таму каде што се откриваат податоците, тоа повеќе е од незнаење или од неинформираност отколку од некоја друга намера. Секако, постојат и злоупотреби на податоци. Класичен пример е случајот на крадење идентитет. Некој украл нечии податоци и склучил претплатнички договор со еден од мобилните оператори. Потоа преку тој мобилен телефон се сторени кривични дела. Полицијата следела и пријавата, наместо до вистинскиот сторител, дошла до госпоѓа која нема ниту телефонски број кај оператор ниту користела услуги. Телефонот никогаш не бил нејзин, а кај операторот стојат нејзиното име и податоците. Потоа, од една банка беше испратено писмо со кое некој клиент се известува за состојбата во тековната сметка, но на писмото видливо за сите стоеше матичниот број, што е недозволиво. Дирекцијата утврди повреда и беше веднаш отстрането тоа.
„Ефективноста на овие повреди ќе ја има по изрекување казни. Тогаш никому нема да му биде сеедно. За правни лица, контролори се предвидени од 200.000 до 300.000 денари, а за физички лица од 40.000 до 50.000 денари. Глобите ќе бидат во евра и многу повисоки. Судот нема искуство во оваа сфера, допрва ќе го прави тоа и верувам дека ќе бидеме консултирани како институција. Имаме донесено неколку конечни решенија по жалба. До формирање на управниот суд, концентрирани сме на едукација. Даваме рок за отстранување неправилности до крајот на декември, кога ќе почнеме сами да казнуваме“, вели директорката Марушиќ.
Што се однесува до масовното користење кредитни картички, таа вели дека банките ги почитуваат европските стандарди на заштита. На секој банкомат се поставени безбедносни камери. Но, граѓаните ќе мора да бидат повнимателни, особено кога го пишуваат пин-кодот, да отворат четири очи, никој да не ги гледа за да не се случи утре да бидат ограбени со купување преку Интернет.
Ако добивате флаери од фирми за кои првпат слушате, а кои ви нудат разни поволности за кои немате поим, ако ве бомбардираат со новитети од банка и од телефонски оператор, ако ви бараат матичен број во продавница, видеотека или ако случајно сами или со помош на информација од пријател (и) налетате на ваша слика на Интернет, тогаш некој ги злоупотребил вашите лични податоци. Во Дирекцијата за заштита на личните податоци предупредуваат дека ако сето тоа било направено без ваша согласност, тогаш станува збор за злоупотреба.
Политичките партии можат да користат податоци од своето членство, но само со нивна согласност. На минатогодишните парламентарни избори одредени збирки на лични податоци беа злоупотребени за политички маркетинг. Партиите имаат право на промоција на медиумска кампања, но кога на нечија адреса праќаат материјал, тоа значи дека некој ги злоупотребува податоците на граѓаните. Политичкото уверување, религиозната и националната припадност, податоците за сексуалната ориентација или за здравствената состојба се чувствителни податоци. Тоа се најинтимните аспекти на една личност и не смеат да се злоупотребуваат.
„Здравствената состојба е апсолутно лична и интимна работа. Многу е непријатно кога цел свет ќе дознае дека некоја жена дошла за киретажа, затоа што медицинската сестра во здравствена установа пред куп пациенти на цел глас прашува. Тогаш кога секој знае зошто сте дојдени, не се чувствувате како личност. Здравствените лица мора да ги чуваат податоците заштитени, никој да не дојде до нив, но и да внимаваат на односот спрема пациентите. Во приватните болници прашуваат како да го постават шалтерот заради зачувување на приватноста на клиентите. И додека во Европа има здравствени картички со заштитени податоци, што е висок стандард, во македонското здравство сите фиоки се отклучени, а досиејата отворени“, коментира Марушиќ.
Кога на работа доставуваме белешка за спреченост, на неа стои дијагнозата. Тоа не треба да е така. Работодавецот не треба да го интересира од кои причини вработениот бил на боледување. Кај нас не' испрашуваат зошто не сме доаѓале на работа, а луѓето се' уште чувствуваат обврска секого да известуваат. Ние сме на пониско ниво оти не' притискаат егзистенцијални проблеми, како да обезбедиме леб за семејството. Но, кога ќе го минеме овој тежок период и кога ќе се подигне свеста, тогаш следува правото на граѓаните. Достоинството на човекот треба да се подигне на повисоко ниво, можеби не уште денес, но веќе утре да, нагласуваат во Дирекцијата, потенцирајќи дека заштитата на личните податоци е крем на општеството.
Утрински - Катица Чангова - 30.06.2207 |