Општина Центар в година ќе гради Мост на цвеќето и издвои 450.000 евра

Неизвесно е финансиско учество на Градот, иако проектот е заедничко ветување на Аларова и на Костовски
ДЕСПИНА ТРАЈКОВСКА
Општинарите од Центар од
планираниот буџет за наредната година ќе издвојат 450.000 евра за
изградба на Мост на цвеќето. Мостот е планиран како еден од капиталните
проекти на Општината, со кој градоначалничката Виолета Аларова сака да
го одбележи мандатот, но е дел и од акциониот план за работа до 2009
година. Идејата стара повеќе години е утврдена и со ДУП, кој предвидува
мостот да го премостува Вардар од шеталиштето зад ГТЦ до МНТ, односно
да се наоѓа помеѓу Камениот мост и мостот кај хотелот „Холидеј ин“.
Лидија
Неделковска, шеф на Кабинетот на Аларова, вели дека за мостот постои
идејно решение, а во ИНПУМА веќе ја привршуваат и проектната
документација. „Градежните активности сигурно ќе стартуваат наредната
година. Ќе побараме финансиска помош од Градот, бидејќи изградбата на
мостот беше заедничко предизборно ветување на Аларова и на Костовски.
Доколку Градот е немоќен финансиски да учествува во проектот, нема да
се откажеме од реализацијата“, вели Неделковска, која не можеше да
потврди дали планираните 450.000 евра во општинскиот буџет ќе бидат
доволни за изградба на мостот, бидејќи се' уште се работи на проектот.
Од Општината не ја исклучуваат можноста со проектот да конкурираат и во
некој од пристапните фондови. Одлучено е мостот да биде пешачки, а ќе
се вика Мост на цвеќето, бидејќи од двете страни ќе биде исполнет со
цвеќиња. Од Центар сметаат дека, покрај својата функционална намена,
мостот ќе има и големо влијание за заживување на кејот од другата
страна на Вардар.
Од Градот вчера не го кажаа својот став
околу нивно учество во проектот. Пред една година, пак, рекоа дека ќе
се вклучат, но не финансиски, туку како сојузник во обезбедување на
потребната документација. Тогаш посочија дека се во завршни преговори
со една фирма која би помогнала во покривањето на финансиската
конструкција. Инаку, идејата за изградба на пешачки мост помеѓу ГТЦ и
МНТ е многу стара и досега ја најавувале неколку градоначалници.
Проектот беше дел и од програмата за работа на претходниот скопски
градоначалник Ристо Пенов, кога постоеше и планирана финансиска
конструкција, а Градот се надеваше и на донација од француската влада.
Сепак, тој остана нереализиран. |