Плоштад
Скендер-бег ќе се гради в о Скопје

За мир во
коалицијата, ВМРО-ДПМНЕ се согласила да не се кратат пари за неколку
битни проекти за ДУИ, иако со ребалансот на буџетот ќе се намалат
средствата во речиси сите капитални проекти и инвестиции, дознаваме од
извори од двете партии. Не откриваат кој е пазарот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и
ДУИ, но потврдуваат дека за неколку проекти не само што нема да се
скусат туку ќе се обезбедат плус пари од предвидените. И додека
ребалансот не го поштеди ниту проектот „Скопје 2014“, ДУИ тврди дека со
ВМРО-ДПМНЕ се договориле за изградба на нов плоштад Скендер-бег.
Предвидено е новиот плоштад да биде кај споменикот Скендер-бег во
Скопје.
Дознаваме дека за да добијат виза за овие проекти, имало
неколку средби меѓу пратеникот Тахир Хани и вицепремиерот и министер за
финансии Зоран Ставревски. Хани вчера ни ја потврди информацијата.
-
Со вицепремиерот Ставревски се договоривме со одлука на Влада да се
издвојат дополнителни 55 милиони денари за изградба на новата зграда на
Државниот универзитет во Тетово. Да се обезбедат 10 милиони денари за
проектна документација за изградба на плоштад Скендер-бег, да се
обезбедат пари за идеен проект за патот Бошков мост - Дебар, средства за
нов пат Тетово-Призрен, за регионален пат Куманово-Липково-Арачиново и
за слободната економска зона во Тетово - вели тој.
Хани додава
дека и покрај неколкуте средби со Ставревски, се' уште виси проектот
„јазичен или софтвер за превод“. За набавка на софтверот се потребни
околу 6 милиони денари. Натегањето меѓу Владата и Собранието е кој ќе ги
обезбеди парите за софтверот.
Во ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека и
покрај ребалансот, се усогласиле со ДУИ да се обезбедат буџетски пари за
неколку проекти, но не сакаа да откријат за кои проекти станува збор.
Со
ребалансот на буџетот се доведува во прашање реконструкцијата на
Собранието, а најголемо намалување од 40 проценти се бележи кај
капиталните инвестиции и тоа за набавка на опрема за Собранието, за
надградбата на собраниската зграда и за софтверскиот проект. Жарко
Денкоски, генерален секретар на Собранието, вели дека ако се скратат
толку пари, не ќе може да ги реализира почнатите работи и да ги плати
веќе преземените обврски за реконструкцијата на зградата, за набавка за
информатичка опрема и за софтверскиот систем.
Освен ова, за
опозицискиот СДСМ е спорно намалувањето на парите и за изградба на
меморијалниот споменик Тоше Проески во Крушево. Со ребалансот на буџетот
е предвидено наместо два, годинава да се издвојат само 1 милион денари
за меморијалниот споменик.
Мариела Трајковска |